У.бр.152/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 11 февруари 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА поднасловот: „Гаранција на застапникот“ и член 29, поднасловот: „Гаранција на застапуваниот“ и член 30 од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија„ бр.13/2006 и 88/2008).

2. СЕ ПОНИШТУВА член 44 став 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.152/2008 од 24 декември 2008 година, меѓу другото, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 29, членот 30 и членот 44 став 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека, во оспорениот поднаслов: „ Гаранција на застапникот“ е содржан оспорениот член 29 од Законот. Според оваа одредба, лицата од членот 21 став 1 на овој закон, гарантираат за даночни долгови во врска со лицето кое го застапуваат, кога со умисла или од небрежност, воопшто не ги исполниле или ненавремено ги исполниле должностите што им се доверени.

Во оспорениот поднаслов: „Гаранција на застапуваниот“ е содржан оспорениот член 30 од Законот. Според оваа одредба, кога лицата од членот 21 став 1 на овој закон, при вршењето на должно-стите кои што им се доверени, вршат прикривање на данок или земаат учество во тоа прикривање и со тоа ќе станат даночни должници или гаранти, тогаш лицето кое е застапувано одговара за даночните долгови кои настанале, доколку истото не е даночен должник.

Според оспорениот член 44 став 2 од Законот, даночен управен акт се смета за доставен до даночниот обврзник при пратка во земјата-третиот ден по предавање во пошта (точка 1) и при пратка во странство-еден месец по предавање во пошта (точка 2).

6. Според член 8 став 1 алинеи 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, која бара во правниот поредок да функционираат јасни, недвосмислени норми, кои не оставаат простор за арбитрерна или различна примена.

Тргнувајќи од анализата на оспорените член 29 и член 30 од Законот, Судот оцени дека станува збор за нејасни, неизведени до крај правни норми, кои оставаат простор за арбитрерност и нивна различна примена, норми што создаваат правна несигурност, што не е во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

За Судот, имено, не е спорна потребата на законодавецот преку оспорените член 29 и 30 од Законот да се обезбеди што поголемо плаќање на даноците, но анализирајќи ја содржината на одредбите не е јасно дали со оваа одредба обврската на застапникот се ослабува или зајакнува со промената во статус застапник во гарант или даночен должник кога тој воопшто не ги исполнил или нена-времено ги исполнил должностите што му се доверени (член 29), односно и во случај кога врши прикривање на данок или зема учество во тоа прикривање, но само под услов застапуваното лице да нема својство на даночен должник (член 30). Притоа се имаше предвид дека застапникот е лице кое во име и за сметка на застапуваното лице ја исполнува даночната обврска, гарантот е лице кое гарантира за туѓи даночни долгови, под условите пропишани со закон, а даночен должник е лице кое треба да исполни одредена обврска за плаќање од даночната постапка. Исто така, не е јасно дали промената на статусот би предизвикала најнапред да се бара наплата од реалниот даночен должник, а потоа од некогашниот застапник, промент во гарант, или нов даночен должник или во секој случај даночната обврска ќе ја изврши некогашниот застапник, иако тој со тоа што не ги исполнил или ненавремено ги исполнил должностите што му се доверени или со извршеното прикривање на данок, односно земеното учество во тоа прикривање веќе јасно ставил до знаење дека обврската за застапуваното лице нема да ја изврши.

Промената на статусот на застапниците во гаранти или нови даночни должници, според Судот не го санкционира на јасен начин и во доволна мера однесувањето на застапниците спротивно на нивните преземени обврски.

Врз основа на наведеното оспорениот поднаслов: „Гаранција на застапникот“ и член 29 и оспорениот поднаслов: “Гаранција на застапуваниот“ и член 30 од Законот, според оцена на Судот се нејасни норми кои што создаваат правна несигурност и како такви не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во оспорениот член 44 став 2 од Законот е предвидено даночен управен акт да се смета за доставен до даночниот обврзник при пратка во земјата-третиот ден по предавање во пошта и при пратка во странство-еден месец по предавање во пошта.

Анализирајќи ја содржината на оспорената одредба произлегува дека доставувањето преку пошта се смета за уредно на денот на предавањето во пошта, што според Судот е правно нејасна и неиздржана норма. Имено, не е јасно од каде и на каков начин лицето на кое се однесува даночниот управен акт ќе добие сознание дека за него, од некој орган, во поштата, на конкретен датум е доставен акт, по однос на кој, тој дополнително може или мора да презема процесни дејствија, да вложува жалба или пак да пристапи кон исполнување на обврската. Притоа, сметано од денот на доставу-вање во поштата, односно токму од тој датум за лицето течат рокови и нивното пропуштање може да значи губење на правата, иако тоа и не мора да има сознание за доставувањето на писменото што се однесува на него и неговите права и обврски.

За Судот неспорна е потребата на законодавецот да обезбеди сигурен начин на доставување и намалување на можните изигрувања на уредното доставување, но оспорената одредба не е изведена докрај преку креирање на правно издржана норма, која нема да остави простор за правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските, едноставно заради немање на сознание дека во поштата на конкретен датум за лицето е оставен акт врз основа на кој течат права и обврски.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 44 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.152/2008
11 февруари 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски