У.бр.150/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од Месната заедница „Христијан Тодоровски Карпош“ Урбан модул помеѓу Ул. Трета МУБ, Ул. „Христијан Т. Карпош“, Ул. Дојранска во Куманово бр.07-263/7 од 31 јануари 2005 година, донесена од Советот на општина Куманово.

2. Аднан Имери и Исмаил Имери двајцата од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со членот 17 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање од причина што Советот на општина Куманово се уште немал формирано партиципативно тело, со што на граѓаните не им било овозможено да ги пренесуваат своите ставови, предлози и мислења пред членовите на Советот на општина Куманово, кои ја донеле Одлуката за усвојување на оспорената одлука.

При донесувањето на наведениот Детален урбанистички план подносителите на иницијативата не биле вклучени како заинтересирани граѓани во постапката и не им била дадена можност да даваат забелешки од спроведената јавна анкета, со што бил повреден Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Оспорената одлука немала континуитет бидејќи не произлегувала од поранешниот Детален урбанистички план, истата не била донесена поради постоење на општ јавен интерес, туку приватен-личен интерес на сопственик на една парцела за да можел да си ја оформи својата парцела со земјиште сопственост на Република Македонија, со цел тој да обезбеди излез на Булеварот „Трета МУБ“ со што се повредувал Уставот на Република Македонија и законите на штета на другите граѓани и општиот јавен интерес. Постапката што и претходела на донесувањето на оспорената одлука не била спроведена согласно одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно не биле запазени и спроведени сите фази и дејствија за донесување на Деталниот урбанистички план. Планот не бил истакнат на соодветно место во зградата на општината и месната заедница за време на одржувањето на јавната презентација и јавната анкета, а постоеле и многу други недостатоци и недоследности во целата таа постапка.

Според тоа, подносителите на иницијативата сметаат дека со оспорената одлука се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија и тоа владеењето на правото и уредување и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата од член 8 став 1 алинеи 3 и 10, членот 9 и членот 51 од Уставот на Република Македонија, како одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Поради наведените причини се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истовремено да донесе решение за изрекување на времена мерка со која ќе се забрани примена на одлуката до конечно одлучување за оваа иницијатива.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Куманово на 31 јануари 2005 година ја донел оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од МЗ „Христијан Тодоровски Карпиш, Урбан модул помеѓу Ул. Трета МУБ, Ул. Христијан Т. Карпош, Ул. „Дојранска“ во Куманово.

Според членот 1 од оспорената Одлука, се донесува Деталниот урбанистички план за дел МЗ „Христијан Тодоровски Карпиш, Урбан модул помеѓу Ул. Трета МУБ, Ул. Христијан Т. Карпош, Ул. „Дојранска“ во Куманово, техничка документација бр.68/2003, изработена од ДОО Урбан проект Куманово, а според член 2 од оспорената Одлука, составен дел на Деталниот урбанистички план за дел од МЗ „Христијан Тодоровски Карпиш, Урбан модул помеѓу Ул. Трета МУБ, Ул. Христијан Т. Карпош, Ул. „Дојранска“ во Куманово, техничка документација бр.68/03 се:
– текстуален дел со билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот,
– синтезен графички приказ на планските решениеја со технички број 68/03.

Во членот 3 од оспорената Одлука е утврдено дека урбанистичката документација од член 2 на оваа одлука се заверува во најмалку 4 (четири) примероци, со потпис и печат на градоначалникот на оштината Куманово, еден примерок задржува општина Куманово, еден примерок со Одлука за донесување на планот, се доставува до Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот, а другите два примероци се за службите за спроведување на планот (Министерството за транспорт и врски ПЕ Куманово), а во членот 4 од оспорената Одлука е утврдено дека таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Куманово“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка).

Со член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.

Со член 17 став 5 од Законот се утврдува дека за обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичко планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партицитативното тело се состои од претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.

Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Според член 24 став 1 на овој закон, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според став 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 15 работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Во ставот 5 на овој член, се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Согласно, пак, член 24 став 6 од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Според член 24 став 7 од Законот, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.

Согласно член 24 став 8 од истиот закон, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Според ставот 9 на членот 24 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промени на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и образложенија на планските решенија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на оспорената Одлука, Судот утврди дека општина Куманово како орган за донесување на наведената одлука, во деловите кои се оспоруваат со иницијативата ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истата. Имено, наводите во иницијативата дека по однос на нацрт-планот не им била дадена можност на заинтересираните лица да ги дадат своите забелешки и дека општината не формирала партиципативно тело не се основани од причина што општина Куманово согласно членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање формирал Стручна комисија на чело со Главниот архитект на градот која изготвила Извештај бр.21-1156/1 од 25 мај 2004 година во кој, меѓу другото, се наведува дека од трите приговори кои биле поднесени од страна на граѓаните, два биле прифатени, а еден не, што упатува на заклучок дека оваа фаза на постапката како законска обврска од страна на доносителот на оспорената одлука е запазена.

Подносителите на иницијативата, исто така, наведуваат дека нацрт планот не бил истакнат на соодветно место на зградата на општината и дека постоеле и други недостатоци и недоследности во целата таа постапка.

Во однос на овие наводи, а имајќи ја предвид доставената документација, Судот утврди дека општината Куманово Нацрт-планот го истакнала на јавно место во општинските витрини на Плоштадот во Куманово што значи дека наводите на иницијативата не се основани, а кои се другите недоследности на постапката за донесување на оспорената одлука иницијаторите не прецизираат, туку само наведуваат без да докажат во што се состојат истите.

Тргнувајќи од наведеното, наводите во иницијативата, утврдената фактичка состојба, како и законските одредби во однос на кои се оспорува донесувањето на наведениот урбанистички план, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука (во деловите што се оспоруваат со иницијативата) со Уставот и со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мносзинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.150/2008
11 февруари 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски