У.бр.87/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 февруари 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 23 став 2 точка 5 во делот: „правосилно е осуден за кривично дело за безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или“, од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006 и 29/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Никола Чокревски, адвокат од Скопје, со Решение У.бр.87/2008 од 20 ноември 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 23 став 2 точка 5 од Законот, правото на вршење адвокатска дејност на адвокатот му престанува ако правосилно е осуден за кривично дело за безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или ако му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење адвокатска дејност.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од анализата на оспорениот дел од одредбата од Законот, Судот утврди дека осудуваноста на адвокатот е основ да му престане правото на вршење адвокатска дејност. Имено, со оспорената одредба од Законот е предвидено правото на вршење адвокатска дејност на адвокатот да му престане ако правосилно е осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци: Меѓутоа одредбата се однесува генерално за наведените лица во случај кога се осудени за сторени кривични дела и за кои им се изречени санкции, без оглед на видот на кривичното дело и неговата природа.

Според Судот, со оспорениот дел од одредбата од Законот, се ограничува по сила на закон правото на едно лице да продолжи да ја врши дејноста, односно му се ограничува на адвокатот правото да ја врши адвокатската дејност и во случаи кога кривичното дело за кое тоа лице е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност, па оттука формулацијата на оспорената одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Судот, при оценување на уставноста на оспорениот дел од членот 23 став 2 точка 5 од Законот, како основен критериум го утврди постоењето на двата принципа на казнено-правниот однос утврден и во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се, прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис.

Имајќи ги предвид изнесените одредби од Уставот, како и содржината на оспорениот дел од одредбата од Законот, во конкретниов случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапува по сила на закон. Меѓутоа, казнено-правниот однос се исцрпува на релација казниво дело и судски изречена казна за сторителот, а натамошните последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело која се состои во ограничување на права на граѓаните не е допуштена, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот.

Со оглед на изнесеното Судот утврди дека оспорениот дел од одредбата од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 9 став 2, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.87/2008
4 февруари 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски