У.бр.145/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јануари 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА делот: „а ќе се применува од 1 јануари 2007 година“ од членот 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар на други правни лица „Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Ѓорѓи Павлов од Кавадарци, со Решение У.бр. 145/2008 од 12 ноември 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на делот од член 16 од Законот, означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 52 став 4 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, според членот 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалте-рскиот систем и за водење на трговскиот регистар на други правни лица, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јануари 2007 година. Одредбата се оспорува во делот: „ а ќе се применува од 1 јануари 2007 година.“

5. Според членот 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување (став 2). Законите влегуваат во сила најдоцна осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето (став 3). Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар на други правни лица влегол во сила на 13 февруари 2007 година, а со оспорениот дел од членот 16 од Законот е предвидено да се применува од 1 јануари 2007 година.

Со членовите 11 до 14 од Законот се направени измени и дополнувања на одредбите од основниот текст на Законот по однос на прекршочните санкции и тоа со зголемување на висината на глобата за сторен конкретен прекршок.

Со следниот Закон за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007), меѓу другото, од Законот што е предмет на анализа членот 12 е избришан.

Тргнувајќи од околноста што со оспорениот дел од членот 16 од Законот е предвидена примена на Законот од 1 јануари 2007 година, кој пак влегол во сила на 13 февруари 2007 година неспорно е дека со него е предвидено ретроактивно важење на Законот. Понатаму, споредувајќи ја висината на предвидените парични казни од Законот што бил во сила до настанатата измена со новопре-двидените и сеуште актуелни глоби за можните прекршоци произле-гува дека така предвидените глоби се повисоки и како такви се понеповолни од поранешните, напред наведените, за субјектите на кои се однесуваат новопредвидените прекршочни санкции.

Врз основа на вака направената анализа, Судот оцени дека оспорениот дел од членот 16 од Законот не е во согласност со членот 52 став 4 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.145/2008
20 јануари 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски