138/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 јануари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 137 ставовите 3 и 4 и член 138 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2007).

2. Томислав Давков од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, со оспорените одредби од член 137 ставовите 3 и 4 од Законот за банките, гувернерот во управна постапка не решавал само за правата на акционерот, како странка во управната постапка (како што било определено во член 2 став 2 од Законот за општата управна постапка), туку во истата управна постапка, спротивно на Законот, изрекувал и извршувал санкција (донесувал решение со кое во име на акционерот ги продавал акциите и ја спроведувал постапката за продажба на акциите). Да би се створиле услови за присилна продажба на акциите (што претставувало санкција према акционерот), од страна на гувернерот неопходно било претходно во соодветна постапка (судска или прекршочна) да се утврди прекршување на законот и да се утврди постоење на јавен интерес за ограничување на сопственоста врз акциите (кој требало да биде утврден со Законот за банките, а што не било случај), па потоа да се изрече санкција со која на акционерот присилно ќе му се одземе сопственоста врз акциите со присилна продажба. Со оспорената регулатива се прекршувало начелото на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста уредени со член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот и со член 30 ставовите 3 и 4 од Уставот.

Наведените законски одредби од член 173 ставовите 3 и 4, исто така, биле во спротивност и со Амандманот XXV на Уставот со кој е заменет член 98 став 5 од Уставот. Ова затоа што согласно наведениот амандман на Уставот, Законот за судовите се донесувал со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а согласно член 32 став 1 точка б од Законот за судовите било определено дека, покрај другото, основните судови биле надлежни за решавање на стопански престапи, имотни и други граѓанско правни спорови во кои како странки помеѓу другите се појавуваат и правни лица, спорови на домашни правни лица, за заштита поради незаконити дејствија… Меѓутоа, со оспорените одредби од Законот за банките, на гувернерот му се давала можност да одлучува за заштита поради незаконити дејствија, што била исклучива надлежност на судовите. Воедно, постоењето или непостоењето на незаконито дејствие можело да се утврди единствено во соодветна постапка (судска или прекршочна), а не и во управна постапка од страна на гувернерот.

Посебно се оспорува член 137 став 3 во делот „на акционерот не му носат и право на исплата на дивиденда“, затоа што правото на сопственост на акции, на сопственикот му давало и права (наведени во член 278 став 1 од Законот за трговските друштва) кои произлегуваат од сопственоста, а правото на исплата на дивиденда било едно од правата од сопственост на акции. Дивидендата единствено како имотно право од акции со ништо не можела да влијае врз некој јавен интерес, како што било случај со правото на глас во собранието на акционери. Правото на исплата на дивиденда можело да му припадне само на сопственикот на акциите кои ги поседувал пред датата утврдена во дивиденден календар донесен од собранието на акционери на издавачот на акциите. Тоа значело дека доколку акциите се продадат на јавна берзанска аукција пред денот утврден во дивиденден календар кој на сопствениокот на акциите му носи право на дивиденда, дивидендата ќе му припадне на новиот сопственик, а во спротивно диведендата ќе му припадне на претходниот сопственик. Со оспорената одредба од член 173 став 3 од Законот само се ограничувало правото на дивиденда, а не било определено на кого ќе му припадне дивидендата од акциите ако не се продадат на јавна берзанска аукција. Дали тоа значело дека дивидентата ќе и припадне на Народната банка? Значи, правото на дивиденда во никој случај не можело да влијае врз јавниот интерес, поради што, ограничувањето на ова право било во спротивност со член 30 став 3 од Уставот.

Со оспорениот член 138 од Законот се определувала постапката за присилна продажба на акциите на акционерот од страна на гувернерот, па со оглед на неуставноста на одредбите од член 173 ставовите 3 и 4 од Законот, како што претходно било наведено, подносителот на иницијативите смета дека оспорената одредба била исто така спротивна на член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 30 ставовиоте 3 и 4 и член 98 став 5 од Уставот, бидејќи во таков случај и не било можно да се води постапка за присилна продажба на акциите на акционерот.

Неуставноста на одредбата се гледала и во тоа што при присилна продажба на акциите која била последица на ограничување на правото на сопственост врз акциите, на акционерот задолжително требало да му се обезбеди минимална цена која ќе значела гарантирање на правичен надоместок, кој не можел да биде понизок од пазарната вредност, како што императивно било определено со член 30 став 4 од Уставот. Меѓутоа, во ставот 5 на оспорениот член 138 од Законот за банките не се обезбедувал праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност, бидејќи намалувањето на цената на акциите не било ограничено со што продажбата можела да се изврши и по цена далеку пониска од пазарната.

Иницијативата содржи и посебен предлог за донесување времена мерка, односно Уставниот суд на Република Македонија да донесе решение за запирање од извршувањето на Решението на гувернерот на Народната банка на Република Македонија, број 3495 од 26.05.2008 година, донесено согласно оспорената законска регулатива, а кое се однесува на одземање право на исплата на дивиденда и продажба на 63.381 обични акции на ЗК „Пелагонија“ АД Битола, заради постоење можност од настанување на тешко отстранливи последици по акционерот ЗК „Пелагонија“ АД Битола.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 137 став 3 од Законот за банките, ако акционерот од ставот 2 на овој член не ги отуѓи акциите во определениот рок, гувернерот во рок од осум дена од истекот на определениот рок ќе утврди дека тие акции, покрај право на глас, на акционерот не му носат и право на исплата на дивиденда и ќе спроведе продажба на акциите во име на акционерот од ставот 2 на овој член. Според став 4 на овој член, доколку во периодот по донесувањето на решението од ставот 3 на овој член до продажбата на акциите банката исплатила дивиденда на останатите акционери, истата е должна во рок од осум дена од денот на добивањето на известувањето за стекнување со акциите, да му ја исплати дивидендата на новиот акционер.

Според член 138 на овој закон, продажбата на акциите од членот 137 став 3 на овој закон ја спроведува лице овластено од гувернерот, по пат на јавна берзанска аукција, согласно со правилата на овластена берза од Комисијата за хартии од вредност(став 1). Овластеното лице од ставот 1 на овој член е должно во рок од осум дена од одлучувањето во смисла на членот 137 став 3 од овој закон, да го објави датумот на одржување на јавната берзанска аукција во “Службен весник на Република Македонија” и во најмалку два дневни весници (став 2). Во објавата на јавната берзанска аукција овластеното лице од ставот 1 на овој член ја одредува почетната цена на акциите, условите потребни за стекнување со својство акционер во банка пропишани со овој закон и рокот во кој до Народната банка се доставува документацијата врз основа на која се докажува исполнувањето на претходно наведените услови (став 3). Почетната цена на акциите е: 1) просек на официјална дневна просечна цена на акциите во последните три месеца пред денот на одлучување во смисла на членот 137 став 3 од овој закон или 2) книговодствената вредност на акциите, доколку во последните три месеца пред одлучувањето во смисла на членот 137 став 3 од овој закон немало трансакции со акциите кои се предмет на продажба. Во оваа смисла, под трансакции со акции не се подразбира блок трансакција и нетрговски пренос на акции (став 4). Ако на јавната берзанска аукција никој не ја прифати почетната цена, на следната јавна берзанска аукција акциите ќе се понудат по цена која е за 10% пониска од почетната и ќе се продолжи со намалување на продажната цена за уште 10% се додека еден или повеќе инвеститори не изјават спремност за купување на понудените акции (став 5). Истовремено со објавата за продажба на постојните акции гувернерот издава налог до Централниот депозитар за хартии од вредност за упис на забрана за располагање со акциите кои се предмет на продажба од страна на нивните сопственици (став 6). На јавната берзанска аукција можат да учествуваат инвеститори кои добиле претходна согласност од гувернерот за исполнување на условите потребни за стекнување со својство на акционер во банка согласно со одредбите од овој закон и кои во Народната банка поднеле писмена изјава дека ќе ги уплатат средствата во рокот определен во објавата од ставот 3 на овој член (став 7). По барањето за издавање на согласноста од ставот 3 на овој член гувернерот одлучува во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето (став 8). Средствата од продажбата на акциите намалени за трошоците за организирање и спроведување на јавната берзанска аукција му припаѓаат на акционерот од членот 137 став 3 на овој закон (став 9). Овластеното лице од ставот 1 на овој член го потпишува налогот за продажба на акциите на јавната берзанска аукција (став 10). Централниот депозитар за хартии од вредност ќе ја укине забраната од ставот 6 на овој член кога гувернерот ќе го извести дека јавната берзанска аукција завршила(став 11).

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Согласно став 4 на истиот член, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 10 став 1 алинеја 8 од Законот за Народната банка на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 03/2002, 51/2003, 85/2003, 40/2004, 61/2005 и 129/2006), Народната банка во рамките на своите права и одговорности, помеѓу другото, издава дозвола за основање и работење на банка и штедилница и врши супервизија на банките и штедилниците.

Со Законот за банките се уредува основањето, работењето, супервизијата и престанокот на работењето на банките и на филијалите на странски банки во Република Македонија, како и отворањето и работењето на филијали на банки од земји членки на Европската унија (член 1).

Согласно член 2 од овој закон, каде се утврдува значењето на одделни изрази употребени во овој закон, “банка” е правно лице со дозвола од гувернерот на Народната банка на Република Македонија основано согласно со одредбите од овој закон, чија основна дејност е прибирање депозити и други повратни извори на средства од јавноста и одобрување на кредити во свое име и за своја сметка (точка 1).

Согласно член 12 од истиот закон, банка се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија.

Според член 16 од истиот закон, гувернерот издава дозвола за основање и работење на банка.

Согласно член 131 став 1 од овој закон, гувернерот презема мерки и определува рокови за нивно спроведување, доколку банката, банкарската група, акционерите или органите на банката не ги почитуваат прописите со кои е уредено работењето на банките или нивните интерни процедури. Според ставот 2 на овој член, мерките што ги презема гувернерот се: 1) редовни мерки; 2) дополнителни мерки; 3) воведување администрација; 4) повлекување на согласност и 5) одземање на дозвола.

Редовните мерки, согласно член 132 од овој закон, гувернерот ги презема кога банката или банкарската група не ги почитува прописите со кои е уредено работењето на банките.

Дополнителните мерки, согласно член 133 од истиот закон, гувернерот ги презема спрема банка или акционер на банка кога сериозно ги прекршуваат прописите со што се доведува во опасност сигурноста и стабилноста на банката. Дополнителни мерки кои ги презема гувернерот со решение се:
1) овластува лица за непосредно следење на работата на банката;
2) на банката и/или акционерот наложува да:
– ги ревидира интерните процедури и политика,
– ги намали трошоците на работење,
– достигне соодветно ниво на резерви,
– смени лице со посебни права и одговорности,
– изврши дополнителна ревизија од страна на друштво за ревизија, различно од друштвото за ревизија ангажирано од банката, во обем и под услови дефинирани од гувернерот и на трошок на банката,
– постигне и одржува повисок износ на сопствени средства и/или повисока стапка на адекватност на капиталот од пропишаните во согласност со овој закон,
– подготви и спроведе план за подобрување на состојбата на банката, доколку банката е поткапитализирана и
– ја докапитализира банката и
3) забранува, ограничува или наложува посебни услови за:
– исплата на дивиденда,
– остварување на правата од акции,
– исплати на членовите на органите на управување,
– изложување кон поврзани лица, освен ако тие се покриени со залог на хартии од вредност издадени, или гарантирани од страна на Република Македонија или Европската унија, кои се чуваат од страна на независно трето лице – депозитна институција и чијашто пазарна вредност во секое време надминува 125% од износот на кредитот, или друг облик на изложеност,
– трансакции со други лица од банкарската група или поврзани лица со банката,
– изложување спрема лице за кое согласно со методологијата на Народната банка се врши исправка на вредност или се издвојува посебна резерва од најмалку 20%,
– пролонгирање на одобрени кредити,
– вршење на сите или одредени финансиски активности,
– отворање делови на банка,
– учество на девизен пазар,
– стекнување на капитални делови во други правни лица и
– отпочнување со нови финансиски активности.

Ограничувањето на правата од акции, како една од дополнителните мерки кои може да ги преземе гувернерот во случаите од член 133 на Законот, се разработува во член 137 од Законот. Така, согласно став 1 на овој член, се утврдува дека за акциите стекнати спротивно со членот 59 од овој закон и акциите за кои е повлечена издадената согласност, согласно со членот 153 од овој закон, гувернерот утврдува дека на акционерот кој ги стекнал тие акции истите не му носат право на глас. Според ставот 2 на истиот член, на акционерот кој стекнал акции спротивно на членот 59 од овој закон и на акционерот на кој му е повлечена издадената согласност според членот 153 од овој закон гувернерот му наложува да ги отуѓи акциите во определен рок, кој не може да биде подолг од 180 дена, освен во случаите од членот 59 став 2 на овој закон, кога гувернерот може да определи и подолг рок. Според ставот 3 на овој член, ако акционерот од ставот 2 на овој член не ги отуѓи акциите во определениот рок, гувернерот во рок од осум дена од истекот на определениот рок ќе утврди дека тие акции, покрај право на глас, на акционерот не му носат и право на исплата на дивиденда и ќе спроведе продажба на акциите во име на акционерот од ставот 2 на овој член. Согласно ставот 4 на овој член, доколку во периодот по донесувањето на решението од ставот 3 на овој член до продажбата на акциите банката исплатила дивиденда на останатите акционери, истата е должна во рок од осум дена од денот на добивањето на известувањето за стекнување со акциите, да му ја исплати дивидендата на новиот акционер. Според ставот 5 на истиот член, акционерот од ставот 2 на овој член кој нема да ги отуѓи акциите во определениот рок не може да биде или да стане акционер во банка.

Од анализата на Законот за Народната банка на Република Македонија и на Законот за банките, произлегува дека во Република Македонија надлежна институција за издавање дозвола за основање и работење на банките и за супервизија на банките е Народната банка на Република Македонија. Во овие постапки се врши оценка на солвентноста и потенцијалните ризици кои би можеле да ја загрозат солвентноста на банката, се оценуваат акционерите и членовите на органите на управување и нивната поврзаност од аспект на влијанието врз можноста за спроведување на ефикасна супервизија. Гувернерот е овластен да ја одземе дозволата доколку банката не ги исполнува прудентните стандарди за нивото на сопствени средства во однос на конкретни ризици на кои е изложена банката (кредитен, ликвидносен, валутен и оперативен ризик, ризик на земјата и сл.). Во оваа смисла, со член 34 став 1 од Законот за Народната банка на Република Македонија, се утврдува дека за обезбедување и одржување на сигурен и стабилен банкарски систем, без да се загрози остварувањето на основната цел, почитувајќи ги меѓународните стандарди, Народната банка донесува одлуки, пропишува методологии и стандарди и презема мерки. Согласно ставот 2 на овој член, стабилноста на банкарскиот систем и мерките што се преземаат заради постигнување и одржување на неговата стабилност претставуваат јавен интерес.

Според тоа, банкарскиот систем е интерес на целата заедница и доколку истиот не функционира стабилно, ефикасно и транспарентно, последиците ќе се одразат на целокупната економија. Банките се институции кои управуваат и располагаат со туѓи средства, поради што нивното основање, работење и супервизија како посебен вид надзор се пропишани со посебен закон – Законот за банките, кој се базира на стандарди кои имаат за цел да ги заштитат депозитите, односно депонентите и другите кредитори на банката од евентуално нестручно, несовесно, ризично или нечесно работење и управување со банката.

Со Законот за банки се предвидени неколку мерки кои имаат за цел обезбедување на соодветна акционерска структура на банките. Акционер со квалификувано учество во банка може да биде само лице кое добило согласност од гувернерот за стекнување акции во банка, во која смисла, во член 59 од Законот за банките, се утврдени условите за давање, односно за одбивање на давањето на претходна согласност за стекнување акции, односно на согласност за настаната промена, а во член 153 од истиот закон се утврдени условите за повлекување на претходно издадената согласност за стекнување акции во банка.

Имајќи го предвид значењето на согласноста на гувернерот за тоа дали лицето може да биде акционер во банка, како еден од елементите кои влијаат на сигурноста и стабилноста на банкарското функционирање, во член 137 од Законот се дефинира постапката за ограничувањето на правата од акциите кои се стекнати спротивно на член 59 од Законот, односно за кои е повлечена согласноста согласно член 153 од Законот. Првиот чекор од оваа постапка е ограничување на правото на глас кое го носат овие акции и давањето соодветен рок за нивно отуѓување, односно продажба (ставовите 1 и 2). Со ограничувањето на правото на глас се оневозможува акционерот на кој му е повлечена согласноста или кој ги стекнал акциите без дадена согласност, да влијае врз работењето на банката. Тој е дожен да ги продаде акциите во рокот определен од гувернерот. Доколку акционерот не ги продаде акциите во определениот рок, Законот го обврзува гувернерот да донесе решение со кое ќе утврди дека акциите, покрај правото на глас, на акционерот не му носат и право на исплата на дивиденда, како и да ја спроведе продажбата на акциите, во име на акционерот (став 3). Ваквата мерка претставува дополнителен чекор кој треба да обезбеди непречено спроведување на основната цел на банкарската супервизија на Народната банка, а тоа е сигурен и стабилен банкарски систем. Понатаму, се пропишува дека доколку во периодот по донесувањето на решението на гувернерот тој да ја спроведе продажбата на акциите во име на акционерот, до продажбата на акциите банката исплатила дивиденда на останатите акционери, банката е должна , во рок од осум дена од денот на добивањето на известувањето за стекнување со акциите, дивидендата да му ја исплати на новиот сопственик (став 4). Акционерот кој нема да ги отуѓи акциите во определениот рок од страна на гувернерот, не може да биде или да стане акционер во банка (став 5).

Имајќи предвид дека со член 31 став 2 од Законот за Народната банка на Република Македонија е утврдено дека стабилноста на банкарскиот систем и мерките кои Народната банка ги презема заради постигнување и одржување на стабилноста на банкарскиот систем, претставуваат јавен интерес, произлегува дека мерките пропишани со Законот за банките, кои гувернерот ги презема доколку банката, банкарската група, акционерите или органите на банката не ги почитуваат прописите со кои е уредено работењето на банките или нивните интерни процедури, спаѓаат во групата на мерки кои се преземаат заради постигнување и одржување на стабилноста на банкарскиот систем и како такви претставуваат јавен интерес утврден со Законот за Народната банка на Република Македонија. Оттука, според Судот, и мерките кои претставуваат ограничување на правата кои произлегуваат од сопственоста на акциите – одземање на правото на глас во собранието на акционери и одземање на правото на исплата на дивиденда, кои гувернерот ги презема према акционерите кои се здобиле со акции спротивно на одредбите од Законот за банките или за кои е повлечена согласноста, претставуваат мерки кои гувернерот ги презема заради постигнување и одржување на стабилноста на банкарскиот систем, што значи дека истите претставуваат јавен интерес утврден со закон, поради што не стојат наводите во иницијативата дека со оспорените одредби се одземала или ограничувала сопственоста и правата кои произлегуваат од неа без утврдување на јавен интерес за тоа. Наводите во иницијативата дека јавниот интерес требало да биде утврден со Законот за банките, што во случајов не било сторено, не се од влијание за уставноста на оспореното решение, затоа што неспорно е дека наведените мерки претставуваат јавен интерес утврден со Законот за Народната банка на Република Македонија, а од уставноправен аспект е ирелевантно со кој закон е утврден јавниот интерес, односно уставна обврска за законодавецот е јавниот интерес кој оправдува одземање или ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, да биде утврден со закон, при што законодавецот е овластен да цени со кој закон ќе го утврди тоа како најсоодветно. Поради наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 30 став 3 од Уставот.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека поради спецификата на наведените мерки кои ги изрекува и спроведува гувернерот во функција на постигнување и одржување на стабилен банкарски систем, овие мерки имаат карактер на посебни мерки кои се донесуваат и спроведуваат во посебна постапка, пропишана со Законот за банките. Тоа значи дека наведените мерки кои ги презема гувернерот према акционерите, односно во однос на акциите, не се пропишани како санкции за прекршок или кривично дело утврдени со овој закон, туку станува збор за посебни мерки кои, поради нивната специфика и значење, гувернерот ги изрекува со цел заштита на стабилноста на банкарскиот систем кој претставува јавен интерес утврден со Законот за Народната банка на Република Македонија. Тоа е и основ што овие мерки се изрекуваат и спроведуваат во посебно пропишана постапка, поради што, наводите во иницијативата дека со тоа се повредувале начелата на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста утврдени во член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот, како и повреда на Амандманот XXV од Уставот, Судот ги оцени како неосновани.

Согласно наведените мерки, акционерот кој се стекнал со акции без согласност од гувернерот, односно за кои согласноста е повлечена, има право, во рокот определен од гувернерот, да ги отуѓи акциите. До истекот на овој рок, акционерот има право на исплата на дивиденда, доколку до тој рок се врши исплата на дивидендата. По истекот на овој рок, продажбата на акциите во име на акционерот ќе ја изврши гувернерот, а доколку има исплата на дивиденда по овој рок, истата ќе му се исплати на новиот сопственик на акциите. Тоа значи дека законодавецот го уредил прашањето за исплата на дивиденда во случај на спроведување на наведената мерка, од каде произлегува дека не се основани наводите во иницијативата дека Законот не определил на кого ќе му припадне дивидендата од акциите ако не се продадат на јавна берзанска аукција, што било во спротивност со член 30 став 3 од Уставот.

Со оспорениот член 138 од Законот за банките се регулира продажбата на акциите од член 173 став 3 од овој закон, по пат на јавна берзанска аукција, согласно со правилата на овластена берза од Комисијата за хартии од вредност. Притоа, се утврдува што претставува почетна цена на акциите, но се утврдува и намалувањето на цената на акциите доколку никој не ја прифати почетната цена, се додека еден или повеќе инвеститори не изјават спремност за купување на понудените акции.

Од наведената одредба произлегува дека законодавецот определил наведените акции да се продаваат по пат на јавна берзанска аукција, согласно со правилата на овластена берза од Комисијата за хартии од вредност, со што се овозможува транспарентност на постапката и примена на правилата на организиран пазар на хартии од вредност во Република Македонија, што значи можност преку понуда и побарувачка на берзата, да се постигне пазарна вредност на акциите. Законското определување на почетната цена на акциите како просек на официјалната дневна просечна цена на акциите во последните три месеци пред денот на донесувањето на одлуката од страна на гувернерот за продажба на акциите, односно определувањето дека почетната цена на акциите е нивната книговодствена вредност, доколку во последните три месеци пред донесувањето на одлуката за нивната продажба немало трансакции со акциите кои се предмет на продажба, како и законската определба за намалување на почетната цена на акциите доколку никој не ја прифати понудената цена на акциите, е само основа за отпочнување на продажбата на акциите по цена која е најблиску до пазарните услови, при што, од реалната понуда и побарувачка на акциите на берзата зависи постигнувањето на пазарната цена на акциите.

Поради наведеното, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека со намалувањето на почетната цена на акциите под условите утврдени со наведениот член, се обезбедувал надоместок понизок од пазарната вредност, затоа што правилата на берзанско работење обезбедуваат токму услови за постигнување пазарна вредност на акциите како хартии од вредност.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 138 од Законот за банките со член 30 став 4 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.138/2008
14 јануари 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски