У.бр.144/2007-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 јануари 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 247 став 1 алинеја 6 и алинеја 7 во делот „не постари од 10 години“ и „не постари од 15 години“ од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007, 86/2008 и 106/2008-исправка).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесени иницијативи на Трговското друштво за транспорт, туризам и трговија „Омега Адем“ ДООЕЛ експорт-импорт од Гостивар и Здружение на аввтошколи и инструктори од Струмица со Решение У.бр.144/2007 од 5 март и 22 октомври 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 247 став 1 алинеја 6 и оспорениот дел од алинеја 7 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 247 став 1 алинеите 6 и 7 од Законот, покрај другите услови што треба да ги исполни автошколата заради оспособување на кандидати потребно е „да има други работни и помошни простории кои овозможуваат непречено оспособување на кандидати за возачи во сопственост на автошколата или под закуп“ и „да има најмалку две возила од категоријата „Б“ не постари од 10 години, а за останатите категории по едно сопствено возило или возило под закуп, не постари од 15 години“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како темелна вредност на уставниот поредок е утврден принципот на владеење на правото.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, a сите други прописи со Уставот и со закон.

Co член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, a според ставот 2 на овој член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монопоското однесување на пазарот.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и содржината на член 247 став 1 алинеја 6 од Законот, според која како услов за вршење на дејноста обука на кандидати од страна на авто-школите, е потребно покрај соодветно опремена просторија (училница) уреден простор за прием на кандидати и за работа на стручниот раководител и сообраќаен автодром-сопствен или под закуп, автошколата “да има и други работни и помошни простории” чие значење не е определено ниту со Законот за бебедност на сообраќајот на патиштата, ниту со други закони, Судот оцени дека предвидениот услов остава простор Министерството за внатрешни работи од случај до случај да цени и да определува кои се тие други работни и помошни простории, односно да одлучи дали одредена автошкола ги исполнува условите врз основа на што се издава лиценца за работа, на кој начин се доведува во прашање начелото на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека член 247 став 1 алинеја 6 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во врска со оспорената одредба од член 247 став 1 алинеја 7 од Законот, според која автошколата може да обавува дејност на обука на кандидати за возачи со возила кои не се постари од 10 односно 15 години, Судот оцени дека таа не е во согласност со начелото на слобода на пазарот и претприемништвото.

Имено според Судот, предвидениот услов во суштина значи ограничување на можноста за вршење на дејноста обука на кандидати за возачи на правните субјекти кои ја обавуваат оваа дејност со возила постари од 10 односно од 15 години на кој начин се создава можност од монополско однесување на субјектите на пазарот кои се во можност да поседуваат односно изнајмуваат возила чија старосна граница е под предвидениот максимум што е во спротивност со одредбите од членот 55 од Уставот, според која Републиката презема мерки против монополското однесување на пазарот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.144/2007
14 јануари 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски