Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 декември 2008 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА членот 3 алинеја 3 од Правилникот за формата и содржината на барањето за добивање дозвола, како и формата и содржината на дозволата за оператор на депонија („Службен весник на Република Македонија„ бр.140/2007), донесен од министерот за животна средина и просторно планирање.
2. Ова одлука произведува правно дејство од денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иниција-тива на Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.132/2008 од 8 октомври 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 3 алинеја 3 од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за негова согласност со член 32 ставовите 1 и 2 и член 33 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 84 став 7 од Законот за управување со отпад („Службен весник на Република Македонија” бр.68/2004, 71/2004-исправка и 107/2007), министерот за животна средина и просторно планирање донел Правилник за формата и содржината на барањето за добивање дозвола, како и формата и содржината на дозволата за оператор на депонија.
Во оспорениот член 3 алинеја 3 од Правилникот е предвидено дека, кон барањето за добивање на дозвола за оператор на депонија, меѓу другото, се приложува Уверение од Управата за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки пропишани со закон.
5. Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).
Според членот 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека Уставот го гаранира правото на работа, слободниот избор на вработување и го промовира принципот за достапност секому, под еднакви услови на секое работно место. Исто така, граѓаните се должни да плаќаат данок, пришто начинот на плаќање се уредува со закон.
Во членот 84 став 7 од Законот за управување со отпад е предвидено дека, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува формата и содржината на барањето за добивање дозвола, како и формата и содржината на дозволата за оператор на депонија.
Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 3 алинеја 3 од Правилникот произлегува дека со него се предвидува кон барањето за добивање на дозвола за оператор на депонија, меѓу другото, да се приложи и уверение од Управата за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки пропишани со закон.
Co оглед на тоа што во рамките на уредувањето на начинот на плаќање на данок постојат законски механизми, во случај на неизвршување на таа обврска, Судот оцени дека пропишувањето услов, кон барањето за добивање на дозвола за оператор на депонија да се приложи и уверение од Управата за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки пропишани со закон значи излегување надвор од соодветните законски механизми и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.
Поаѓајќи од наведеното Судот оцени дека оспорениот член 3 алинеја 3 од Правилникот не е во согласност со член 32 ставовите 1 и 2 и член 33 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.132/2008
3 декември 2008 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски