У.бр.134/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

а) член 29 од Правилникот за издавање на документ касова сметка за сторна трансакција и за функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегралниот автоматски систем за управување („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2001) донесен од министерот за финансии на Република Македонија, и

б) член 1 став 2, член 2, член 3 точка 11, член 4 точките 5, 6, 7 и 14, член 5 и член 6 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за издавање на документ касова сметка за сторна трансакција и за функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем на управување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2008) донесен од министерот за финансии на Република Македонија.

2. Драган Коровешовски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведува­ње постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актот означен во точка 1 под а) и б) од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со оспорениот правил­ник се внесувале нови елементи на фискалните сметки и тоа: промет од македонски производи, пресметаниот данок од македон­ски произ­води и вкупен износ на данок од македонските производи.

Понатаму, во иницијативата се цитираат член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 29, член 51, член 55 и член 59 став 2 од Уставот на Република Македонија. Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека доколку се тргнело од правната аксиома дека секој ратификуван меѓународен договор е дел од правниот поредок, a Македонија склучила Договор за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, како и договор со Светската Трговска Организација тогаш донесениот Правилник за фискализа­ција бил спротивен на Уставот и, истовремено, се кршеле и одред­бите од тие договори.

Основните принципи врз кои била склучена Спогодбата за стабилизација и асоцијација биле принципите на слободно пазарно стопанство со што би се создала нова клима за економска соработка, пред се за развој на трговијата и инвестициите, како клучни фактори за економско преструктуирање и модернизација. Имено, во членот 1 став 2 точка 3 од Спогодбата се наве­дувало дека се промовираат урамнотежени економски односи и постапно се развива слободната трговска зона помеѓу заедницата и Република Македонија, a во членот 4 Република Македонија се обвр­зала да воспостави соработка и добрососедски односи со другите земји, вклучувајќи соодветно ниво на заемни отстапки во однос на движењето на луѓе, стоки, капитал и услуги. Оваа определба преста­вувала клучен фактор за развојот на односите и соработката меѓу заедницата и Република Македонија.

Главата IV од Спогодбата го уредувала слободното движење на стоките кое поконкретно било дефинирано во членовите 48 и 69 од Спогодбата.

Co донесениот Правилник, Република Македонија според подносителот на иницијативата, ги кршела одредбите од Европската конвенција од член 1 Протокол 1.

Според подносителот на иницијативата евиденцијата на потрошени македонски производи која се воспоставувала со оспоре­ниот правилник, ќе нанела штета во спроведувањето на спогодбата со Европската Унија, a истовремено значело и кршење на истата. Од друга страна, пак, трговските друштва трпеле економска штета од промената на фискалните апарати. Затоа се предлага Судот да ја одложи примената на Правилникот, a пo спро­ве­дување на постапката, истиот да се поништи.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 29 од основниот текст на Правилникот кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 55/2001, се предвидува дека фискал­ното лого е идентификациона ознака отпечатена на секоја фискална сметка. Фискалното лого е формирано со ознаките сонце и пораките „ДА КУПУВАМЕ МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ“, „ЗА НАШЕ ДОБРО“, „MADE IN MACEDONIA“. Фискалното лого ги има следните димензии 1,06 и 2,23 мм.

Според став 2 на овој член од Правилникот, образецот фискално лого (ФЛ-04) е составен дел на овој правилник, а во ставот 3 на истиот член, пак, е предвидено дека фискалното лого и регис­тар­скиот број на фискалниот апарат се печатат во последната линија на сметката ако се наоѓаат на една линија.

Во став 4 на истиот член од Правилникот, е предвидено дека фискалното лого и регистарскиот број на фискалниот апарат може да се наоѓаат и две последователни различни линии, фискал­ното лого се печати на претпоследната, а регистарскиот број на последната линија.

Во членот 1 став 2 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за издавање на документ касова сметка за сторна трансакција и за функционалните и техничките карактери­стики кои треба да ги имаат фискалните апарати и итегри­раниот автоматски систем на управување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2008), се предвидува дека во член 7 став 11 од интегралниот текст на Правилникот по точката 6 се додаваат три нови точки 7, 8 и 9 кои гласат:

„7. вкупен промет од македонски производи;
8. вкупен ДДВ од македонски производи по секоја поединечена даночна стапка за период на затварање,
9. вкупен ДДВ од македонски производи за период за затварање,

Според членот 28 од истиот Правилник, во член 28 став 1 од основниот текст на Правилникот по точката 7 се додаваат три нови точки 8, 9 и 10 кои гласат:

„8. вкупен промет остварен од македонски производи кој треба да биде искажан со текстот „ПРОМЕТ ОД МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ“ и не може да се појави на било која друга линија во сметката;
9. пресметаниот данок од македонски производи прика­жан по даночните сметки, заедно со даночниот код доколку се користи;
10. вкупен износ на данок од македонски производи:„

Со членот 3 став 1 од Правилникот, се додаваат осум нови точки во членот 30 став 2 од основниот текст на Правилникот и тоа 5, 6, 7, 8, 10, 11 и 12. Со точката 11 се предвидува вкупен промет остварен од македонски производи кој треба да биде искажан со текстот „ПРОМЕТ ОД МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ“ и не може да се појави на било која друга линија во сметката.

Според членот 4 од Правилникот, во член 31 од интегралниот текст на Правилникот став (1) се менува и гласи:

„(1) Дневниот финансиски извештај, ги содржи следниве задолжителни елементи:
1. назив и седиште на даночниот обврзник,
2. назив и адреса на објектот за промет на добра и услуги,
3. даночен број,
4. даночен број под кој е регистриан за ДДВ,
5. вкупен промет од македонски производи од тековниот ден,
6. вкупен данок од македонски производи по секоја поединечна даночна стапка,
7. вкупен износ на данок од македонски производи,
8. вкупен промет од тековниот ден,
9. вкупен промет со вкалкулиран данок, искажан по даночна стапка,
10. вкупен данок по сеоја поединечна даночна стапка,
11. вкупен износ на данок,
12. бројот на последната фискална сметка издадена пред затворање,
13. вкупен број на фискални сметки кои се запишани во фискалната меморија,
14. број на сторни сметки од домашни производи и нивната вкупна вредност од македонски производи,
15. број на сторни сметки и нивната вкупна вредност.
16. број на затворањето,
17. бројот на извршените ресетирања на фискалниот апарат од последното затворање,
18. број на вкупно извршени ресетирања на фискалниот апарат од неговото фискализирање до последното дневно фискално затворање,
19. час и датум на печатење, часот треба да биде иска­жан во 24 часовен формат: чч-мм или чч:мм, датумот треба да биде искажан во еден од следните формати: дд/мм/гг или дд-мм-гг,
20. фискалниот заштитен знак (лого) и регистрациониот број на фискалниот апарат,
21. со оддалеченост од најмалку две празни линии, пода­тоци од нефискален тип се појавуваат и завршуваат со отпеча­тување на („ДНЕВЕН ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАЈ“).

Со член 5 од Правилникот, во член 31-а став 1 по точката 7 се додаваат две нови точки 8 и 9 кои гласат:

„8. износ на ДДВ од македонски производи во тековниот ден по даночни стапки;
9. вкупен износ на ДДВ од македонски производи во тековниот ден“.
Точките 8 и 9 стануваат точки 10 и 11.

Со член 6 од Правилникот, во член 45 став (3) точката 9 се додават две нови точки 10 и 11 кои гласат:

„10. вкупен дневен данок од македонски производи по даночни стапки;
11. вкупен дневен данок од македонски производи“.
Точките 10 и 11 стануваат точки 12 и 13.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, a сите други прописи co Уставот и законите.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 51 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Репуб­лика Македонија” бр.58/2000), со правилник се утврдуваат и разра­ботуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување.

Законот за регистрирање на готовинските плаќања („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2001, 42/2003, 47/2003, 40/2004-исправка, 70/2006, 126/2006 и 88/2008) го уредува воведувањето и користењето на фискален систем на опре­ма за регистрирање на готовинските плаќања (член 1).

Согласно член 2 од овој закон, даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кои плаќањето не се ивршува по банкарски пат (во натамошниот текст: готовински плаќа­ња), должни се да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат сметка за извршен промет, односно услуга (во натамош­ниот текст: фискална сметка).

Според член 4 од Законот, фискална сметка во смисла на овој закон, е документ со кој се потврдува плаќањето на цената на доброто, односно услугата издадена од фискална апаратура.

Фискалната сметка се издава на купувачот на доброто, односно на корисникот на услугата во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата (став 2).

Во член 8 од Законот е определено дека фискалната сметка се состои од бонов и контролен траг кои се идентични и се запишуваат истовремено. Исечок од боновиот траг се дава на купу­вачот на добро, односно на корисникот на услугата, a контролниот траг го задржува даночниот обврзник. Даночниот обврзник е должен контролниот траг од фискалната сметка да ја чува во објектот пет години од датумот на последната операција.

Според член 10 став 1 од овој закон, во случај на враќа­ње на добро, при рекламација или грешно преклопување (спорна трансакција) се издава документ касова сметка за сторна трансак­ција. Согласно став 2 на овој член, документот од став 1 на овој член го пропишува министерот за финансии.

Во член 11 став 2 од Законот е определено дека, даноч­ниот обврзник е должен да воведе и да користи фискална апаратура за секое работно место од каде што се извршува прометот на добра или услуги кои готовински се наплаќаат.

Согласно член 19 од Законот, министерот за финансии ги пропишува функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот авто­матски систем за управување, постапката и документацијата за нивно одобрување за користење, елементите на фискалната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалните апарати и правила за техничко одржување и сервисирање на истите.

Членот 1 од интегралниот текст на Правилникот, кој е донесен врз основа на членовите 10 став 2 и 19 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања, ги пропишува издавањето на документ касова сметка за сторна трансакција и функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем за управување, постап­ката и документацијата за нивно одобрување, елеменетите на фис­калната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалните апарати и правилата за техничко одржување и сервисирање на истите. Оспоре­ниот Правилник пропишува нови дополнителни елементи во образе­цот на фискалната сметка, односно се менува изгледот на фискал­ната сметка, со тоа што покрај постојните еле­менти на сметката, односно покрај вкупниот промет и вкупниот данок е предвидено и евидентирање на прометот од македонските произ­води и данокот кој отпаѓа на прометот од македонските произ­води.

Фискалното лого „да купуваме македонски производи“ и „за наше добро“е регулирано во членот 29 од интегралниот текст на правилникот. Имено во член 29 став 1 од правилникот е предвидено дека фискалното лого е идентификациона ознака отпечатена на секоја фискална сметка. Фискалното лого е формирано со ознаките „ДА КУПУВАМЕ МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ“, „ЗА НАШЕ ДОБРО“, „MADE IN MACEDONIA“. Фискалното лого ги има следните димензии 1,06 х 2,23 мм.

Тргнувајќи од содржината на наведените законски одред­би произлегува дека фискалната сметка е документ издаден од фискална апаратура со кој се потврдува плаќањето на цената на доброто, односно услугата во моментот на предавањето и плаќа­ње­то на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата.

Сметката се состои од боновиот траг што се дава на купувачот, односно на корисникот на услуга и контролен траг што го задржува даночниот обврзник, во овој случај продавачот на доброто или давателот на услугата.

Министерот за финансии, во случај на издавање на документ касова сметка за сторна трансакција, го пропишува овој документ, a истовремено во Законот за регистрирање на готовинс­ките плаќања е дадено овластување на министерот за пропишување на функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати, a меѓу другото и елементите на фискал­ната сметка.

Од содржината на членот 19 од Законот, кој всушност е основ за донесување на овој подзаконски акт, не произлегува и основот министерот за финансии да врши натамошна класификација на производите според нивното потекло, а со цел на исполнување на даночните обврски. Имено, ова од причина што обврската за плаќа­њето на данокот и работата евидентирана од субјектите во прометот е независна од потеклото на производите и се однесува еднакво на секој производ што се става во промет.

Според Судот, неспорно е дека државата има уставно овластување да ја утврдува својата политика во сферата на економи­јата и даночната политика и за нивното спроведување да утврдува соодветни мерки, кои треба да остварат баланс меѓу општи­те интере­си на заедницата за прибирање на планираните приходи од даноци, но истовре­мено и мерки кои ги гарантира правата на субјектите на пазарот – рамноправноста на субјектите на пазарот во правно уредени пазарни односи.

Воведувањето, односно пропишувањето на прикажува­ње на прометот на македонските производи на фискалните сметки, заедно со логото „да купуваме македонски производи“ (кое исто така е аплицирано на фискалните сметки) според Судот, претставува држав­на мерка која го стимулира купувањето на домашните произво­ди, од една страна, а го дестимулира прометот на странските произ­води. Ваквата стимулативна мерка, која ја определува државата, доведува до нарушување на принципот на слободата на пазарот и со истата со оглед на државното инволвирање во уредувањето на пазарот на овој начин кое е спротивно на членот 55 од Уставот, не се обезбедува рамноправна положба на субјектите на пазарот. Ова посебно ако се има во вид дека за секој производ кој се наоѓа во легален промет се применува, односно се почитува принципот на рамноправност, а со тоа, што е многу поважно принципот на рамноправност на пазарните субјекти независно од потеклото на стоки што ги ставаат во промет, што со ова оспорено решение во подзаконскиот акт, не е случај. Имено, со ова решение се врши фаворизирање на македонс­ките производи, за сметка на останатите производи на пазарот, со што всушност се врши и дестимулирање на прометот на странските производи, и со што се доаѓа до нарушување на принципот на рамноправност на субјектите на пазарот, што е спротивно на членот 55 од Уставот и на една од темелните вредности на уставниот поредок предвиден во лен 8 став 1 алинеја 7 од Уставот – слободата на пазарот и претприемништвото.

Врз основа на изнесеното пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените членови од Правилникот (интегралниот текст) и од Правилникот за изменување и дополнување на истиот со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 7 и 55 од Уставот на Република Македонија, како и со членот 1 во врска со член 10 и 19 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања.

5. Судот ги имаше во предвид наводите во иницијативата што се однесуваат на несогласноста на оспорениот Правилник со Спогодбата за стабилизација и асоцијација склучена помеѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки, како и со договор со Светската трговска организација и Протоколот бр. 1 од Европската конвенција, меѓутоа оцени, во согласност со својата пракса, дека не е надлежен да одлучува за согласноста на подзаконските прописи со меѓународните договори.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.134/2008
29 октомври 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски