У.бр.111/2007-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 29 октомври 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 20 став 1 алинеја 2 од Законот за Народниот правобранител („Службен весник на Република Македонија” број 60/2003).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.111/2007 од 26 септември 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 20 став 1 алинеја 2 од Законот за Народниот правобранител, Народниот правобранител нема да покрене постапка по претставката ако со претставката се навредува органот или се злоупотребува правото на поднесување претставка.

5. Според член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според член 24 став 1 од Уставот, секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор. Согласно став 2 на истиот член, граѓанинот не може да биде повикан на одговорност, ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, a сите други прописи со Уставот и со законите.

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, a согласно став 4 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Согласно Амандманот XI на Уставот, со кој се заменува ставот 1 на членот 77 и се дополнува ставот 2 на членот 77 од Уставот, Собранието избира народен правобранител со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните што им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител посветува особено внимание за заштита на начелата на недискриминација, соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и во јавните установи и служби.

Според член 77 став 4 од Уставот, условите за избор и разрешување, надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител се уредуваат со закон, во која смисла е донесен Законот за Народниот правобранител.

Од наведената уставна регулатива произлегува дека во корпусот на граѓански и политички слободи и права гарантирани со Уставот на Република Македонија, спаѓа и правото на претставки.

Правото на претставки претставува право на граѓанинот да поднесува претставки до државните органи и до другите јавни служби и од нив да добие одговор во врска со извршувањето на државните функции и јавните овластувања. Притоа, граѓанинот не може да биде повикан на одговорност, ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело.

Уставот го определил Народниот правобранител како заштитник на уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања, при што допуштил надлежноста и начинот на работа на Народниот правобранител да се уредат со закон.

Согласно член 2 од Законот за Народниот правобранител, Народниот правобранител е орган на Република Македонија кој ги штити уставните и законските права на граѓаните и на сите други лица кога им се повредени со акти, дејствија и пропуштања на дејствија од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања и кој презема дејствија и мерки за заштита на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби.

Според член 3 од истиот закон, Народниот правобранител е независен и самостоен во вршењето на функцијата. Народниот правобранител работите од својата надлежност ги врши врз основа и во рамките иа Уставот, законот и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Во постапката Народниот правобранител може да се повика и на начелото на правичност.

Законот пропишува дека претставката е предвидена како акт или дејствие со чие поднесување се покренува постапката за заштита на уставните и законските права на граѓаните пред Народниот правобранител (член 13).

Притоа, се утврдува дека претставката за покренување на постапка пред Народниот правобранител се поднесува писмено или усно на записник, при што за претставката со која се иницира постапката не се бара пропишана форма. Меѓутоа, законодавецот пропишал дека претставката треба да биде потпишана и да содржи лични податоци за подносителот, како и да ги содржи околностите, фактите и доказите врз кои се темели претставката. Исто така, се бара во претставката да бидат наведени органот, организацијата, установата или лицето на кое се однесува претставката, како и да се наведе дали подносителот веќе вложил правни средства и кои правни средства ги вложил (член 16).

Законодавецот утврдил обврска за Народниот правобранител по претставката да постапува совесно, непристрасно, ефикасно и одговорно. При постапувањето по претставката Народниот правобранител од заинтересираните страни е должен да ги прибави сите факти и докази што се од суштествено значење за одлучување по претставката (член 17).

Постапувајќи по претставката, Народниот правобранител може: да не покрене постапка, да покрене постапка и да ја запре или прекине постапката (член 19).

Bo член 20 од Законот се утврдуваат случаите кога Народниот правобранител нема да покрене постапка, односно ќе ја отфрли претставката. Тоа се случаите кога претставката е анонимна, кога со претставката се навредува органот или се злоупотребува правото на поднесување претставка, што се оспорува со оваа иницијатива; кога претставката не е комплетна и ако подносителот по претходното укажување од Народниот правобранител не ја дополнил претставката; кога од претставката се констатира дека се работи за помалку значаен случај кој и по завршеното испитување не би можел да даде соодветни резултати; кога од самата претставка, околностите и приложените факти и докази произлегува дека не се работи за повреда на уставните и законските права на подносителот или лицето во име на кое е поднесена претставката од органите од членот 2 на овој закон; кога не е надлежен да постапува; кога од дејствието или од последната одлука на органот, организацијата или установата изминало повеќе од една година, освен ако оцени дека подносителот го пропуштил рокот од оправдани причини и кога по предметот на претставката во тек е судска постапка, освен за работите од членот 12 став 1 на овој закон.

Притоа, и во случаите кога нема да покрене постапка, законодавецот во член 20 став 2 на овој закон, пропишал обврска за Народниот правобранител, во рок од 15 дена од денот на приемот на претставката да го извести подносителот на претставката и да му ги објасни причините поради кои ја отфрла претставката и по можност да му го појасни начинот на кој може да го оствари правото. Тоа значи дека законодавецот пропишал обврска за Народниот правобранител по секоја поднесена претставка да спроведе претходна постапка за да се утврди дали станува збор за повреда на правата на подносителот на претставката и граѓанинот да добие одговор од Народниот правобранител.

При постоење на наведената регулатива пред Судот се постави прашањето дали со законската можност Народниот правобранител да ја отфрли претставката доколку со неа се навредува органот или се злоупотребува правото на поднесување претставка, која се оспорува со оваа иницијатива, се повредува уставно гарантираното право на граѓанинот да добие одговор на поднесена претставка до државните органи и другите јавни служби, без да трпи штетни последици за искажаниот став.

Во одговор на ова правно прашање, Судот ги имаше предвид местото и улогата на Народниот правобранител во системот на заштита на уставните и законските права на граѓаните. Имено, Уставот го утврдува Народниот правобранител како орган кој ги штити уставните и законските права на граѓаните што им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Тоа значи дека Народниот правобранител претставува институцаија која има право и обврска да презема законски утврдени дејствија и мерки за заштита на правото на граѓаните, a не институцаија во функција на заштита на угледот и достоинството на државните органи и другите органи кои вршат јавни овластувања од навреди од граѓаните. Народниот правобранител е должен по претставката да постапува совесно, непристрасно, ефикасно и одговорно, при што од заинтересираните страни е должен да ги прибави сите факти и докази што се од суштествено значење за одлучување по претставката, со цел да го заштити правото на граѓанинот.

Според Судот, пропишаната обврска за Народниот поравобранител во одреден рок да го извести подносителот на претставката дека нема да покрене постапка само затоа што со претставката се навредувал органот, односно се злоупотребувало правото на претставка, не може да се прифати и толкува како одговор на органот по претставката, што е негова уставно утврдена обврска. Напротив, одбивањето да се постапува по претставката од тие причини, наместо да се испитаат фактите и доказите што се од суштествено значење за претставката, во суштина претставува штетна последица за подносителот за изнесен став во претставката, што Уставот не го дозволува.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека со пропишаната можност Народниот правобранител да не постапува по предметот доколку со претставката се навредувал органот или се злоупотребувало правото на претставка, се повредува уставно утврденото право на граѓанинот да поднесе претставка за работата на органите на државната управа и на другите јавни служби и да добие одговор, без да трпи штетни последици за ставот искажан во претставката, поради што оцени дека оспорениот член 20 став 1 алинеја 2 од Законот не е во согласност со член 24 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.111/2007
29 октомври 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски