Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 септември 2008 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за определување на висината на надоместокот на членовите на советот што учествуваат во постапката за склучување на брак како претставници на Советот на општина Чашка бр. 0701-738/6 од 28.04.2006 година.
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесено од Стојан Маневски – градоначалник на општина Чашка, со Решение У.бр.111/2008 од 25 јуни 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законистоста на одлуката означена во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.
5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Чашка на седницата одржана на 28 април 2006 година ја донел Одлуката за определување на висината на надоместокот на членовите на советот што учествуваат во постапката за склучување на брак како претставници на Советот на општина Чашка бр. 0701-738/6 од 28.04.2006 година.
Според член 1 од оваа одлука, на Советниците на оштина Чашка кои учествуваат во постапката за склучување на брак, како претставници од Советот на општина Чашка им се определува надоместок во висина од 500 денари плус патни трошоци за советниците што не се од Чашка.
Според член 2 од оваа одлука, на матичарите кои присуствуваат во постапката за склучување на брак им се утврдува надоместок од 500 днери за присуство на склучување на брак, само во неработен ден.
Со член 3 од Одлуката се утврдува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Чашка“.
6. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдeни со закон.
Согласно членот 100 од овој закон кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“ до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.
Притоа, во Законот за локалната самоуправа, законодавецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот не само што го утврдил туку и го лимитирал и тој може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на патните и дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници. Исто така, законодавецот упатува на тоа дека овој надоместок ќе се применува додека не се донесе нов закон. Со Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 121/2007) исто така е уредено прашањето на надоместоците на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје.
Со оглед на тоа што со оспорената Одлука правото на надоместок на членовите на советот што учествуваат во постапката за склучување на брак како претставници на општина Чашка, не е утврденo во согласност со Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека таа не е во согласност со овој закон. Ова од причина што во цитираните законски одредби се предвидува надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, како и надоместок за дневни трошоци врз основа на прописите кои се однесуваат на државните службеници, но не се предвидува надоместок на членовите на советот што учествуваат во постапката за склучување на брак како претставници на советот без оглед на одржана седница за секоја седница поодделно, односно не се предвидува фиксен износ на надоместокот за дневни трошоци без оглед на одржана седница за секој советник поодделно, како што предвидуваат членовите 1 и 2 од оспорената Одлука.
Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Законот за локалната самоуправа и Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа Одлука.
8. Оваа Одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.
У.бр.111/2008
24 септември 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски