Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 септември 2008 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за утврдување на висината на паричен надоместок, кој по основ на партиципирање во доизградба на секундарната фекална канализација би претставувал обврска на жителите на Горно Лисиче, број 07-234/1 од 10 јануари 2008 година, донесена од Советот на општина Аеродром („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.1/2008).
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.21/2008 од 11 јуни 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Устав и закон.
5. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од оспорената одлука е определено дека предмет на Одлуката е утврдување на висината и начинот на наплата на паричен надоместок кој по основ на партиципирање во доизградба на секундарната фекална каналиација би претставувал обврска на жителите на Горно Лисиче.
Со членот 2 од Одлуката, се задолжува градоначалникот на општина Аеродром да ги преземе сите активности потребни за спроведување на Одлуката, и за таа цел да формира комисија со претставници од општинската администрација, Советот и Градоначалникот на општина Аеродром.
Со одредбите од членовите 3 и 4 од Одлуката е определено дека наведената комисија може да соработува со Градот Скопје за остварување на заедничките интереси, и дека партиципирањето за предметната немана се воведува како обврска за секој обврзник за период од 6 месеци во износ од 500 евра во денарска противвредност по среден курс на Народната банка на Република Македонија.
Според членот 5 од Одлуката, обврзници се сите жители на Горно Лисиче, како и сите граѓани кои не се жители на овие места, а имаат сопствени станбени и деловни објекти во населеното место.
Со членот 6 од Одлуката е определено дека уплатата на надоместокот од страна на граѓаните ќе се врши еднократно или на 6 еднакви месечни рати на наменска жиро-сметка за партиципирање отворена во Министерството за финансии – Сектор Трезор.
Според членот 7 од Одлуката, висината на надоместокот ќе се намали во зависност од обезбедувањето на други средства по разни основи. Разликата до вистинските трошоци потребни за завршување на изградбата, да се обезбеди од средства кои би се барале од сите релевантни институции на државата, како и од други субјекти кои донираат средства за ваков вид проекти.
Според членот 8, надзорот за наменското трошење на средствата ќе го врши надзорен одбор именуван од Советот на општината Аеродром.
Во членот 9 од Одлуката е определено дека граѓаните кои нема да го користат правото на плаќање на рати, при приклучување на секундарната фекална канализација се должни целиот износ да го уплатат веднаш.
Според членот 10 од Одлуката, ЈП „Водовод и канализација“ со писмена согласност на општината Аеродром ќе го врши надзорот над приклучувањето на инсталациите, а општинската администрација се задолжува да ја преземе техничката помош во реализацијата на проектот (избор на изведувач, надзор и контрола, технички прием и сл.).
Според членот 11 динамиката на извршување на оваа одлука ќе зависи од создадените правни и технички услови и приливот на средствата уплатени од граѓаните и по други основи за што ќе одлучува Комисијата од член 2 на оваа одлука.
Според членот 12, уплатените средства од страна на жителите по основ на партиципирање во доизградбата на секундарната фекална канализација во Горно Лисиче, ќе бидат засметани при регулирање на надоместокот за уредување на градежното земјиште (комуналии).
Со членот 13 е определено дека оваа одлука стапува во сила со денот на објавување во „Службен гласник на општина Аеродром“.
6. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со членот 68 од Уставот се определени надлежностите на Собранието на Република Македонија, според кои тоа донесува закони и ги утврдува јавните давачки.
Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Макењдонија“ бр.5/2002) во членот 36 ги определил надлежностите на советот на општината, а Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004) во членот 15 ги определил надлежностите на општините во градот Скопје, меѓутоа со нив не се утврдени надлежности врз основа на кои единиците на локалната самоуправа со свои акти утврдуваат јавни давачки, ниту се дадени законски овластувања за тоа.
Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена од Советот на општина Аеродром и со неа, врз основа на членот 15 од Законот за град Скопје и членот 36 од Законот за локалната самоуправа, се утврдува јавна давачка за определената намена утврдена во Одлуката, Судот утврди дека Одлуката не е во согласност со наведените одредби од Уставот и законите. Ова не само поради тоа што јавна давачка се утврдува со закон, туку и поради тоа што со закон се уредуваат видот, висината, олеснувањата, ослободувањата и другите елементи на јавната давачка, за што не постоел основ во Уставот и законите за нивно пропишување со оспорената Одлука со која се утврдува јавната давачка за граѓаните во Горно Лисиче во општината Аеродром.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.21/2008
17 септември 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски