У.бр.51/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 септември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 160/2007).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативи поднесени од Петар Баришиќ од Скопје и Консалтинг БС ДОО Скопје, со Решение У.бр.51/2008 од 25 јуни 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 160/2007), затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 20 од овој закон, одредбите од Главата VII-a Поедноставен даночен режим за трговските друштва од овој закон ќе се однесуваат и за 2007 година.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Согласно ставот 4 на истиот член, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Од наведените уставни одредби јасно произлегува дека е уставно право на законодавецот да ги утврдува даноците и другите јавни давачки, дека ова уставно право не е ограничено ниту во поглед на предметот на оданочување, ниту во поглед на субјектите и дека во рамките на остварувањето на ова право со закон може да се воведе одделен вид данок, да се утврди предметот на оданочување, даночните обврзници, даночната основица и даночните стапки, да се утврди начинот и постапката на пресметување и наплатување на данокот, вклучувајќи ги и ослободувањата и другите погодности, административните обврски на даночните обврзници, присилната наплата и друго. Во тие рамки, со закон можат да се утврдат различни видови даноци и да се утврдуваат различни начини на нивно пресметување и наплатување во зависност од природата и карактерот на фактичките и правните ситуации и состојби што претставуваат основа за плаќање на данокот. Така, обврзниците за плаќање на различни даноци со оглед на различната природа на даноците што ги плаќаат се наоѓаат во различна положба, а уставното начело на еднаквост не обврзува во иста положба да се наоѓаат обврзниците на различни даноци туку само обврзниците на еден ист вид данок.

Со Законот за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1993, 33/1995, 43/1995, 71/1996, 5/1997, 28/1998, 11/2001, 2/2002, 44/2002, 51/2003, 120/2005и 139/2006) се воведува данок на добивка и се уредува начинот на оданочување на добивката. Во оваа смисла, со Законот се определува даночниот обврзник, се утврдува даночната основа, даночната стапка, даночните олесувања и ослободувања, избегнувањето на двојното оданочување на добивката, утврдувањето на данокот и наплатата, како и се утврдуваат казнени одредби.

Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 160/2007), е објавен на 31 декември 2007 година. Согласно член 21 од овој закон, Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. Тоа значи дека измените и дополнувањата на Законот ќе имаат примена и ќе важат по нивното влегување во сила и ќе уредуваат идни односи.

Со наведениот закон, одредбите од Главата VII-а, „Паушал за микропретпријатија“ кои даваа можност за избор на паушално оданочување на микропретпријатијата наместо плаќање данок на добивка, а кои требаше да се применуваат од 1 јануари 2007 година, се заменети со одредби со кои се воведува данок на вкупен приход за сите трговски друштва со остварен вкупен приход до 3.000.000 денари.

Меѓутоа, со оспорениот член 20 од Законот, се пропишува дека одредбите од Главата VII-a Поедноставен даночен режим за трговските друштва од овој закон ќе се однесуваат и за 2007 година, односно ќе имаат ретроактивна примена. Тоа значи дека даночните обврзници, кои во текот на 2007 година работеле според прописите кои им давале право на избор на плаќање данок на добивка или плаќање на паушал, на крајот на годината, кога треба да се плати данокот, се доведени во ситуација да подлежат на обврска на плаќање на поинаков данок – данок на вкупен приход, кој може но и не мора да биде поповолен за даночните обврзници.

Со оглед дека со оспорената одредба се предвидува повратно дејство на Законот кое не е поповолно за граѓаните, според Судот, ваквата регулатива значи правна несигурност за даночните обврзници и води до повреда на начелото на владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Воведувањето и плаќањето данок на вкупниот приход е легитимно и дозволиво само за идни, новонастанати ситуации по влегување во сила на законот со кој е воведен ваквиот данок и не може да се однесува на претходни состојби, особено кога за тој период важеле поинакви прописи.

Поради наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 20 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и со член 51 став 4 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.51/2008
17 септември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски