У.бр.54/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 септември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 21 став 1 алинеја 10 во делот „потесно“ од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.54/2008 од 18 јуни 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 21 став 1 алинеја 10 во делот „потесно“ од Општиот колективен договор означен во точката 1 од оваа одлука, поради тоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од одредбата со Устав и закон.

4. Судот на седницата утврди дека Општиот колективен договор за јавниот сектор во Република Македонија во делот „Надоместување на трошоци поврзани со работа“, во членот 21 став 1 алинеја 10 предвидел дека работникот има право на трошоците поврзани со работа утврдени со закон и тоа во случај на смрт на член на потесно семејство на работникот.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според членот 12 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005 и 106/2008), со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништавни и се применуваат соодветни одредби од закон.

Со членот 113 став 1 точка 7 од овој закон, е уредено дека работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работата за смрт на работникот или член на неговото семејство.

Според членот 2 став 1 од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ број 80/1992, 9/1996, 38/2004, и 33/2006), семејство е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство.

Со наведените закони, кои „lex generalis“ ги уредуваат односите во правото, се определени правото од работен однос за надомест на трошоци поврзани со работата а се однесуваат за смрт на работникот или член на неговото семејство, и е дефинирано семејството како заедничко домаќинство на родители, деца и други роднини кои се во животна заедница.

Судот утврди дека поаѓајќи од наведените права и односи кои се со закон уредени, а со колективен договор не можат да се уредуваат помали права од законски утврдените во правниот систем, членот 21 став 1 алинеја 10 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија не е во согласност со Устав и закон. Ова поради тоа што со оспорената одредба на Општиот колективен договор се уредува право кое не ги опфаќа сите членови на семејството на работникот, туку на дел од нив како членови на „потесно“ семејство, со што се стеснува кругот на лица на кои им припаѓа правото кое е утврдено со закон, и кое се однесува во целост на членовите на семејството, а не на дел од него. Поради тоа оспорениот дел од одредбата од Општиот колективен договор не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 32 став 5 од Уставот, со членот 12 став 2 и членот 113 став 1 точка 7 од Законот за работните односи и со членот 2 став 1 од Законот за семејството.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.54/2008
17 септември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски