У.бр.37/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на членовите 110 и 112 од уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992) на седницата одржана на 10 септември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА член 81-в алинеја 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија донесени, однос­но преземени врз основа на оспорениот член од Законот, означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Мирјана Јовановска од Скопје поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што пред Судот основано се постави праша­њето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

5. Судот на седницата утврди дека според членот 81-в од Законот за државните службеници на државниот службеник му прес­танува вработувањето по сила на закон ако:
1) ја загуби работната способност – со денот на доста­ву­вањето на правосилното решение за утврдување на изгубената работна способност,
2) му престане државјанството на Република Македонија – со денот на доставувањето на решението за отпуст од државјанство на Република Македонија,
3) му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност – со денот на изрекувањето на казната,
4) биде осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недотоен за државен службеник и за вршење на службата во органот од членот 3 став (2) на овој закон – со денот на врачувањето на правосилната пресуда,
5) поради издржување на казна затвор во траење подолго од шест месеца – со денот на стапувањето на издржување на казната и
6) исполнува услови за пензија согласно со закон.

6. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Во членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Уставот на Република Македонија во делот на одредбите кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, со членот 32 став 1 предвидел дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од анализата на цитираните одредби од Уставот произ­легува дека уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите ги обврзува како законодавецот, така и сите субјекти на колективното договарање во уредувањето на прашањата за оствару­вање на правата на вработените и нивната положба, со законот и со колективните договори да обезбедат еднаква правна положба на сите работници. Врз основа на тоа со Законот за работните односи конк­ретно се уредени прашањата во врска со откажувањето на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот, меѓу кои и правото на работодавачот да го прекине договорот за работа на работникот кога работникот ќе исполни услови за оствару­вање старосна пензија согласно со закон.

Со Законот за работните односи во член 1 е утврдено дека со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Според ставот 2 на овој член од Законот, работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и дого­ворот за вработување.

Според членот 3 став 1 со овој закон се уредуваат и работните односи на работниците вработени во органите на држав­ната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, устано­вите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено.

Законот за државните службеници како lex specialis во член 1 определува дека со овој закон поблиску се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, како и системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници.

Оспорениот член 81-в алинеја 6 од Законот е содржан во Главата VII со наслов „Престанок на вработувањето“. Во овој член се предвидува дека на државниот службеник му престанува вработува­њето по сила на закон ако, меѓу другото, исполнува услови за пензија согласно со закон.

Од анализата на оспорената законска одредба, а во коре­лација со наводите во иницијативата, според Судот уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата и обврските, како и одговорностите на државните службеници, и засновање и престанок на вработувањето на државниот службеник, граѓаните да ги става во еднаква правна положба по наведените основи.

Меѓутоа, според Судот, наведената оспорена одредба не пропишува еднаква правна положба на граѓаните. Имено, предвиду­вањето со оспорената одредба од член 81-в алинеја 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници, на државниот службеник да му престане вработувањето по сила на закон ако исполнува услови за пензија согласно со закон, значи нееднаков однос кон граѓаните по основ на пол, секогаш кога условите за оства­рување на пензија утврдени со посебен закон се различни за мажите и жените, како што е сега случај во нашиот правен поредок.

Тргнувајќи од вака утврдената норма, се доаѓа до конста­тација дека оспорената одредба има императивен карактер, што зна­чи дека наметнува престанок на правото на работа на жените под различни услови од мажите, односно со навршени 62 години живот, во однос на 64 години живот за мажите.

Тргнувајќи од горе изнесеното, Судот оцени дека оспоре­ната законска одредба не е во согласност со начелото на еднак­вост на граѓаните, независно од полот и начелото на достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

При градење на правното мислење, се имаше во вид и изразениот став на Уставниот суд на Република Македонија во Решението У.бр.107/2004 од 29 септември 2004 година, со кое Судот утврди дека правото на осигуреникот жена да стекнува старосна пензија порано од осигуреникот маж е оправдано со принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискримина­ција, но во сферата на пензиското и инвалидското осигурување, што, не може да се применува и во други сфери, особено не ако тоа води кон ограничување на правата по основ на пол. Во конкретниот случај станува збор за остварување на правото за вработување, кое суштински се разликува од остварувањето на правото на старосна пензија.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба од член 81-в алинеја 6 од Законот не е во согласност со означените одредби од Уставот.

Имено, со оспорената законска одредба на државниот службеник му престанува вработувањето по сила на закон ако испол­нува услови за пензија согласно со закон, односно Законот за пензис­кото и инвалидското осигурување, согласно кој осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж) односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж. Судот по однос на ваквата законска формулација веќе изрази став во својата Одлука У.бр.161/2005 од 21 и 22 декември 2005 година, со која го поништи членот 104 став 1 од Законот за работните односи, наоѓајќи дека истата не е во согласност со начелото на еднаквост на граѓаните независно од полот и начелото на достап­носта на секое работно место секому под еднакви услови.

Законот за државните службеници со оспорената одредба го уредува прашањето за престанок на вработувањето по сила на закон, и тоа по повеќе основи, а исполнувањето на услови за пензија согласно закон е само еден од условите за прстанок на вработува­њето, кој услов според изразениот став на Уставниот суд на Репуб­лика Македонија во цитираната одлука не е во согласност со Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претсе­дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.37/2008
10 септември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски