У.бр.25/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 септември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА член 33-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија““ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006 и 153/2007).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. По повод поднесена иницијатива на Благоја Петрески од Скопје Уставниот суд на Република Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на член 33-а од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 33-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување на корисник на пензија кој работел како осигуреник според членот 11 став 1 точка 13 на овој закон, повеќе од три години, за годините навршени по овој период се пресметува пензија во висина од 1% за секоја година помината на работа, од пензиска основица определена од платите без ревалоризација. При утврдување на пензиската основица во врска со работното време се применуваат одредбите од член 23 на овој закон.

Новиот износ на пензија од ставот 1 на овој член се додава на последниот месечен износ на пензија пред престанок на работниот однос, заснован како корисник на пензија. Правото на новиот износ на пензија определено според овој член припаѓа првиот ден на наредниот месец по поднесување на барањето.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба од член 9 произлегува дека при уредување на одредени односи Уставот го обврзува законодавецот тие односи да важат за сите граѓани под еднакви услови што се наоѓаат во таква положба. Имено, правото на еднаквост кое Уставот го изразува преку гаранцијата дека граѓаните се еднакви е едно од најзначаните права и како такво претставува и темелна вредност на уставниот поредок и по својата суштина ги негира дискриминацијата, привелегиите, повластувањата од секаков вид и по сите основи.

Принципот сите се еднакви пред законот посебно го обврзува законодавецот со забрана во законите да внесува одредби со кои се прави разлика меѓу луѓето.

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на социјално осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој закон се уредува задолжително пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физички лица кои вршат дејност, основите на капитално финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиско и инвалидско осигурување (член 1).

Правата од пензиското и инвалидското осигурување се утврдени во членот 5 од Законот при што услов за остварување на овие права е престанок на работниот однос поради навршување на одредена возраст на осигуреникот, условено со остварување на минимален работен стаж, односно општа неспособност за работа на осигуреникот или намалена односно преостаната работна способност. Така пензиското осиггурување во наведените случаи претставува всушност обезбедување на социјална сигурност на граѓаните по престанок на работниот однос или по престанок на вршењето на дејноста или на друг со закон предвиден начин за обезбедување на средства за живот.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006) листата на осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување утврдени во член 11 од Законот е дополнет со нова точка 13 според која кон лицата кои се задолжително осигурани по основ на пензиско и инвалидско осигурувае се додадени и работниците во работен однос или физичките лица кои вршт дејност, по остварување право на старосна или инвалидска пензија по основ на намалена, односно преостаната работна способност.

Со наведеното дополнување на Законот е создаден правен основ во кругот на осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување по основ на работен однос да се вклучат и корисниците на старосна или инвалидкса пензија по основ на намалена односно преостаната работна способност доколку стапат во работен однос или вршат дејност.

Со член 3 од наведениот Закон, Законот за пензиското и инвалидското осигурување е дополнет со нов член 33-а (оспорен) со кој се утврдуваат условите под кои оваа категорија осигуреници стекнуваат право на пензија која зависи од должината на работното ангажирање односно истата се зсметува дури по 3 години од работната ангажираност на осигуреникот, односно за првите три години не се засметува работниот стаж, а по навршување на трите години за секоја наредна година се засметува 1% од пензиската основица определена од платите без ревалиризација и така пресметаната пензија се додава на последниот месечен износ на пензијата пред престанок на работниот однос.

Со член 12, пак, од наведениот закон е изменет членот 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според кој на корисникот на пензија додека е во работен однос или врши дејност со полно работно време, со половина од полното работно време или со помалку од половината на работното време му се исплатува 30%, 50% и 70% од пензијата.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека во кругот на осигуреници од задожително пензиско и инвалидско осиггурување по основ на работен однос се вкучени и корисниците на старосна или инвалидска пензија по основ на намалена односно преостаната работна способност доколку стапи во работен однос односно дејност при што во зависност од должината на работното време за кои се ангажирани на овие лица им се исплатува еден дел од пензијата (30%, 50% или 70%) односно се ограничува веќе стекнатото право на пензија, кое ограничување е во функција на обезбедување на одржлив и стабилен пензиски систем кој се гради во согласност со економските услови во Републиката, а кој се заснива на начелото на социјална праведност и генерациска солидарност.

Понатаму од анализата на оспорената одредба од член 33-а од Законот произлегува дека корисник на пензија кој повторно бил вклучен во работниот процес по пензионирањето, при пресметување на новата пензија во пензискиот стаж не му се засметуваат првите три години, туку годините навршени по тој период и за секоја година по третата година му се засметува 1% од пензиската основа без валоризација.

Тргнувајќи од наведеното од кое јасно произлегува дека не постои уставна пречка корисниците на пензија да ја обезбедуваат својата социјална сигурност и на друг начин односно со ново работно ангажирање да остваруваат соодветни приходи за кое задолжително се осигурани, што би значело и остварување на поголема пензија која може да се движи до законски утврдениот максимум, Судот оцени дека законодавецот во рамките на своите овластувања при димензионирање на правата на корисниците на пензија кои повторно работно се ангажирани оваа категорија на осигуреници ги ставил во нееднаква понеповолна положба во однос на другите осигуреници кои се задолжително осигурани по основ на работен однос и за кои во стаж на осигурување при утврдување на пензијата им се засметува за сето време на работно ангажирање за кое осигуреникот примал плата во годината која плата се валоризира со одреден процент .

Според мислењето на Судот со посебниот начин на пресметување и вреднување на новата пензија на корисниците на пензија, а кои повторно работно се ангажирани и тие согласно Законот се осигуреници кои задолжително се осигурани и плаќаат придонес за пензиско и инвалидско осигурување се доведуваат во прашање начелото на социјална праведност и начелото на еднаквост утврдени во Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.25/2008
10 септември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски