У.бр.229/2007-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 септември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 17 став 1 точка 6 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У. бр. 229/2007 од 9 април 2008 година поведе постапка за оценување на одредбата од Законот означен во точка 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 17 став 1 точка 6 од Законот за банките, кон барањето кое се поднесува до Народната банка за издавање дозвола за основање и работење на банка, лицата кои имаат намера да основаат банка приложуваат и потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со Законот за банките се уредува основањето, работењето, супервизијата и престанокот на работењето на банките и на филијалите на странски банки во Република Македонија, како и отворањето и работењето на филијали на банки од земји членки на Европската унија (член 1).

Согласно член 2 од овој закон, каде се утврдува значењето на одделни изрази употребени во овој закон, “банка” е правно лице со дозвола од гувернерот на Народната банка на Република Македонија основано согласно со одредбите од овој закон, чија основна дејност е прибирање депозити и други повратни извори на средства од јавноста и одобрување на кредити во свое име и за своја сметка (точка 1).

Според член 16 од истиот закон, гувернерот издава дозвола за основање и работење на банка.

Со член 17 од овој закон, се утврдува дека лицата кои имаат намера да основаат банка поднесуваат барање до Народната банка за издавање дозвола за основање и работење на банка. Кон барањето за издавање дозвола се приложуваат документи, податоци и информации кои се таксативно утврдени со овој член, и тоа: предлог-акт за основање; стратешки и оперативен план на банката со проекција на финансиските извештаи за следните пет години; предлог име на банката; висина на почетниот капитал и изјава дека истиот ќе биде уплатен; извори на средства за уплата на почетниот капитал; потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки; идентитет на лицата кои имаат намера да основаат банка и бројот на акциите на секој од нив; доказ за финансиската состојба на лицата кои имаат намера да основаат банка; идентитет, образование, искуство и професионална историја на предложените членови на надзорниот и управниот одбор; организациона структура на банката; системи за внатрешна контрола и за управување со ризиците; финансиски активности што ќе ги врши банката; докази во врска со членот 13 од овој закон и информативен систем и техничка опременост на банката. Правните лица кои имаат намера да стекнат квалификувано учество во банка, како и странска банка и/или странско лице со учество во странска банка кои имаат намера да стекнат контрола во банка, кон барањето за издавање дозвола за основање и работење приложуваат и дополнителни податоци утврдени во ставовите 2 и 3 на овој член. Согласно ставот 4 на овој член, гувернерот може да бара и дополнителни документи, податоци и информации и да спроведе интервју со предложените членови на управниот и надзорниот одбор и со лицата кои имаат намера да стекнат квалификувано учество во банка. Според став 5 на овој член, документите, податоците и информациите од ставовите (1), (2) и (3) на овој член, начинот на нивното доставување како и начинот и постапката за нивно оценување, подетално ги пропишува Советот на Народната банка.

Од анализата на членот 17 од Законот, произлегува дека законодавецот ги пропишал документите, податоците и информациите за кои оценил дека се потребни за давањето согласност за основање и работење на банка, што е негова неспорна уставна надлежност, како и го овластил гувернерот да издава дозвола за основање и работење на банка. Во оваа смисла, законодавецот, имајќи во вид дека основна дејност на банката е прибирање депозити и други повратни извори на средства од јавноста и одобрување на кредити во свое име и за своја сметка, оценил дека е целисходно да се обезбедат гаранции за тоа дека банката ќе работи сигурно, стабилно и во согласност со прописите и дека ќе биде управувана на начин кој ќе обезбеди сигурност на доверените средства, поради што пропишал јасни и прецизни услови кои треба да се исполнат за да може да се добие дозвола за основање и работа на банка.

Тргнувајќи од фактот дека уставна обврска на секого е да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, законодавецот оценил дека и редовното плаќање на јавните давачки на барателот за основање на банка, кое се докажува со бараната потврда од член 17 став 1 точка 6 од Законот, е во функција на потврдување на неговата финансиска состојба од која зависи дали барателот ги исполнува условите за основање на банка ( почетен капитал, извори на средства за уплата на почетниот капитал и др.), и дека неговата финансиска дисциплина и доследност на почитување на законските обврски се гаранција дека законски, стабилно и без ризици ќе работи и управува и со средствата на граѓаните и правните лица кои ќе и бидат доверени на банката.

Меѓутоа, тргнувајќи од тоа дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување, Судот оцени дека пропишувањето услов – приложување потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки, како услов за добивање дозвола за основање на банка, значи пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми и води до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, што уставно не е дозволено, а води и до намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому, под еднакви услови, поради што Судот оцени дека оспорениот член 17 став 1 точка 6 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 став 2 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.229/2007
10 септември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски