254/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 74 ставовите 1 и 3 и членот 287 ставовите 1 и 5 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/1997, 44/2002, 74/2004 и 15/2005-пречистен текст).

2. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 74 ставовите 1 и 3 и членот 287 ставовите 1 и 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека причините за оспорување на двете одредби од Законот се состоеле во тоа што истите биле во спротивност со членот 9 од Уставот, а во врска со членот 6 став 1 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Имено, „Еднаквост на условите” бил принцип кој не бил целосно застапен во Кривичната постапка, а со тоа недостатокот на еднаков статус меѓу јавниот обвинител и бранителот бил содржан во член 311 став 1 и член 75 став 1 од Законот. Оваа одредба била дијаметрално спротивна на декларираната уставна гаранција на еднаквост пред Уставот и законот и ја ставала под прашање правичноста, независноста и непристрасноста на судот и неговите одлуки. Ова од причини што според она што било содржано во Законот за кривична постапка, претседателот на советот немал право директно да го опомени, казни или отстрани од судницата за определено време јавниот обвинител или лицето кое го заменува кога го нарушува редот, туку тоа требало да го изврши посредно со што ќе го извести за тоа надлежниот јавен обвинител. Со тоа јавниот обвинител имал дискреционо право да оцени дали е потребно или не да преземе понатамошни дејствија.

Понатаму, процедуралната нееднаквост која била содржана во оспорените одредби го ставала јавниот обвинител во подобра позиција во кривичната постапка и со тоа тој имал право да го изнесе своето мислење пред отворениот суд под повластен начин и да влијае на одлуката на судот не водејќи сметка за принципот на правдата и правичноста на одлуката. Подреденоста, нееднаквиот третман на другите странки во постапката, како и заканата од казнување содржана во член 311 став 1 и член 75 став 1 за странките наспроти одредбите содржани во член 311 став 5 и член 75 став 3 за јавниот обвинител, преставувала процедурална нееднаквост и дискриминација во водењето на постапката.

Подносителот на иницијативата се повикува и на праксата на Судот во Стразбур каде за ваква повреда или „еднаквост на условите” на постапката веќе имало донесени пресуди во кои било одлучено во корист на странките. Така, применувајќи го начелото на „еднаквост на условите” во кривичен случај, во случајот Borges v. Belgium Судот сметал дека недостатокот на еднаков статус меѓу јавниот обвинител и другата страна пред касациониот суд претставува кршење на членот 6 став 1 од Европската конвенција. Изнесувајќи ги причините за таквата одлука, Судот прифатил дека јавниот обвинител не е дел од гонењето и дека неговата функција е да даде независен и непристрасен совет на судот на начин како што го прави Јавниот правобранител. Сепак штом веќе еднаш ќе го даде своето мислење за правната суштина на случајот, тој станува “противник” на другата страна на чии аргументи требало другата страна да одговори. При донесување на заклучокот Европскиот суд ја нагласил важноста на „изгледот“ и се поголемата чувствителност на јавноста на правично спроведување на правдата. Нагласување на „изгледот“, што преставува ехо на доктрината на англиското право, „морало да се види кога се спроведува правдата”, и тоа следувало по употреба на истата идеја од страна на судот во Одлуката во врска со барањето за независен и непристрасен суд. Барајќи од другата страна да докаже само “легитимно сомневање“ објективно било оправдано поради недостаток на процедурална еднаквост, а не поради вистински недостаток на таквата еднаквост, па повикувањето на судот на „изгледот“ требало да се поздрави како зајакнување на начелото на еднаквост на условите.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата прелага Судот по спроведената постапка да донесе одлука за поништување на оспорените одредби од Законот, заради спротивност со членот 9 од Уставот.

Означувањето на оспорените одредби во иницијативата е направено според пречистениот текст на Законот. Всушност станува збор за член 74 став 1 и член 287 став 1 од Законот. Воедно, Судот имаше предвид дека покрај изречно оспорените одредби, прашањата покренати со иницијативата се однесуваат и на ставот 3 од членот 74 и ставот 5 од членот 287 од Законот (позицијата на јавниот обвинител) од каде предмет на анализа во постапката пред Судот беа член 74 ставовите 1 и 3 и член 287 ставовите 1 и 5 од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на членот 74 став 1 од Законот за кривичната постапка, судот ќе го казни со парична казна од 100 до 1.000 евра во денарска противвредност учесникот во постапката кој во поднесокот или усно, односно на друг начин го навредува судот или лицето кое учествува во постапката. Решението за казнување го донесува истражниот судија, односно советот пред кој е дадена изјавата, а ако е таа сторена во поднесокот, судот кој треба да одлучи за поднесокот.

Против ова решение е дозволена жалба (став 2).
Ако јавниот обвинител или заменикот на јавниот обвинител навредува некој друг, судот за тоа ќе го извести надлежниот јавен обвинител (став 3).
За казнувањето на адвокатот, судот ќе ја извести Адвокатската комора на Република Македонија (став 4).
Казнувањето според ставот 1 на овој член, не влијае врз гонењето и изрекувањето на казната за кривичното дело извршено со навредата (став 5).
Ако според став 1 на овој член навредата на судот и покрај изречената парична казна се повторува, судот може да изрече парична казна и до десеткратен износ од казната од ставот 1 на овој член (став 6).
Според содржината на членот 287 став 1 од Законот, ако обвинетиот, бранителот, оштетениот, законскиот застапник, полномошникот, сведокот, вештакот, толкувачот или други лица кои присуствува на главниот претрес (меѓу кои и лицата во публиката кои го пратат претресот) го нарушува редот или не се покорува на наредбите од претседателот на советот за одржување на редот, претседателот на советот ќе го опомене. Ако опомената биде безуспешна, советот може да нареди обвинетиот да се отстрани од судницата, а другите лица може не само да ги отстрани туку и да ги казни со паричната казна одредена во член 74 став 1 на овој закон.

По одлука на советот обвинетиот може да биде отстранет од судницата за определено време, а ако е веќе испитан на главниот претрес, тогаш и за сето време додека трае доказната постапка. Пред да се заврши доказната постапка претседателот на советот ќе го повика обвинетиот и ќе го извести за текот на главниот претрес. Ако обвинетиот продолжи да го нарушува редот и да го навредува достоинството на судот, советот може повторно да го отстрани од заседанието. Во тој случај главниот претрес ќе се доврши без присуство на обвинетиот, а пресудата ќе му ја соопшти претседателот или судија-член на советот во присуство на записничарот (став 2).

На бранителот или полномошникот, кој по казната ќе продолжи да го нарушува редот, советот може да му ускрати натамошна одбрана, односно застапување на главниот претрес и во тој случај странката ќе се повика да земе друг бранител, односно полномошник. Ако е невозможно обвинетиот или оштетениот тоа да го сторат веднаш без штета за своите интереси или ако во случај на задолжителна одбрана не може веднаш да се постави нов бранител или полномошник, главниот претрес ќе се прекине или одложи, а на бранителот односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето (став 3).

Ако судот го отстрани од судницата оштетениот како тужител или приватниот тужител или нивниот законски застапник, главниот претрес ќе продолжи и во нивна отсутност, но судот ќе ги предупреди дека можат да земат полномошник (став 4).

Ако јавниот обвинител или лицето кое го заменува го нарушува редот, претседателот на советот ќе го извести за тоа надлежниот јавен обвинител, а може и да го прекине главниот претрес и од надлежниот јавен обвинител да побара да определи друго лице да го застапува обвинителниот акт (став 5).

Кога судот ќе казни адвокат кој го нарушува редот, ќе ја извести за тоа Адвокатската комора (став 6).

4. Според членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според точка 1 на Амандманот XXX на Уставот, меѓу другото е определено дека, јавното обвинителство ги врши своите функци и врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители. За разрешување на јавните обвинители одлучува Советот. Надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон. Основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители се уредува со закон. Со овој амандман се заменуваат ставовите 2 и 3 на членот 106 од Уставот на Република Македонија и се брише членот 107 од Уставот на Република Македонија (точка 2).

Според членот 2 од Законот за јавното обвинителство, („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007), јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Според членот 3 од истиот закон, јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а според членот 4 функцијата на јавното обвинителство ја вршат јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители.

Во членот 6 од истиот закон е определено дека јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација, согласно со закон. Почитувањето на принципите од ставот 1 на овој член не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата.

Според членот 69 алинеи 2 и 3 од Законот за јавното обвинителство, како потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за дисциплинска одговорност на јавен обвинител, меѓу другото, се смета:
– потешка повреда на правата и непочитување на честа и достоинството на странките и на другите учесници во постапката со што се нарушува угледот на функцијата јавен обвинител и
– недостојно однесување кон поединци, државни органи или други правни лица во врска со извршувањето на функцијата или надвор од неа.

Според членот 73 од истиот закон, за утврдена дисциплинска повреда на јавен обвинител, може да се изрече една од наведените дисциплински мерки: писмена опомена, јавен укор, намалување на платата во висина од 15% до 30% од месечната плата на јавниот обвинител во траење од еден до шест месеца, суспензија и разрешување од функцијата јавен обвинител.

Според членот 50 од Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007), Советот врз основа на спроведена постапка за утврдување одговорност со решение ќе разреши јавен обвинител:

1) кога во дисциплинска постапка ќе се утврди дека сторил потешка дисциплинска повреда која го прави недостоен за вршење на функцијата јавен обвинител, по правосилноста на одлуката и

2) поради нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител, утврдено со закон.

Тргнувајќи од содржината на Амандманот XXX на Уставот, како и од содржината на одредбите од Законот за јавното обвинителство, произлегува дека Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган, носител пред се на функцијата на гонење на сторителите на кривичните дела, кој се организира според принципот на хиерархија и субординација. Јавниот обвинител има улога на странка во постапката, кој како државен орган ја остварува функцијата на гонењето на сторителите на казнивите дела.
Од анализата на членот 9 од Уставот произлегува дека правото на еднаквост се изразува преку гаранцијата дека граѓаните се еднакви независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и дека граѓаните се еднакви пред законите, е едно од најзначајните права и како такво претставува и темелна вредност на уставниот поредок на Републиката и по својата суштина ги негира дискриминацијата, привелегиите, повластувањата од секаков вид и по сите основи. Еднаквоста, независно од општествената положба е обврска за државата во нормативното уредување на односите која воедно значи во исти случаи да се донесуваат исти одлуки, водејќи сметка за особеностите на случајот, а не според учесниците.

Оттаму, имајќи го предвид сваќањето на уставната гаранција за еднаквоста на граѓаните, се поставува прашањето дали со определбата за дисциплинско казнување на јавниот обвинител не се создава привилегирана положба на носителите на оваа значајна државна функција наспроти обвинетите за кои со оспорените законски одредби во дадените ситуации е предвиденото изрекување на парична казна, опомена или пак отстранување од судницата.

Одговор на вака поставеното прашање произлегува од определбата на Уставот за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, но и од уставната поставеност на јавното обвинителство и комплексноста на самата кривичната постапка.

Имено, одредбите од Законот за кривичната постапка во целост ја утврдуваат позицијата и овластува-њата, меѓу другите, и на јавниот обвинител и обвинетиот во постапката. Притоа, во контрадикторната кривична постапка јавниот обвинител настапува во својство на државната репресивна власт.
Јавниот обвинител не настапува во својство на физичко лице-граѓанин, воден од сопствените интереси, туку во својство на државен орган и тоа од офанзивна положба со цел што поуспешно да ја оствари улогата на гонење на сторителите на кривичните дела секогаш во општ јавен интерес. Наспроти него обвинетиот настапува со одбрана, но истовремено е засилен со процесни гаранции како што се: презумпцијата на невиност, правото на одбрана, правото на молчење и други права кои севкупно го заштитуваат од неоснованите обвиненија и придонесуваат за квалитетна одбрана.

Правата на странките во постапката (јавниот обвинител, субсидијарниот тужител, приватниот тужител и обвинетиот) од аспект на предлагање на докази за утврдување на фактите по однос на вината, односно невиновноста на обвинетиот, се еднакви. Судот одлучува кои факти ќе се докажуваат и кои докази ке се изве дуваат. Странките, било да е тоа јавниот обвинител или обвинетиот и неговиот бранител имаат еднакво право во текот на претресот да приговараат на доказите, а во завршниот збор секој од нив може да врши анализа на доказите и да изнесува ставови за тоа кои правни решителни факти произлегуваат од изведените докази, а кои не.

Според оцена на Судот, во овој случај е од значење што оспорените одредби, според својата проекција, немаат за примарна цел да ги уредат права на странките во постапката, туку нивните обврски за зачувување на достоинството на судот и на учесниците во постапката или одржувањето на редот на главниот претрес, од каде тие всушност го уредуваат начинот на постапување на судот во раководењето, менаџирањето на постапката и дисциплинирањето на учесниците кога нивните дејсвија се насочени кон попречување на судот.

Со оспорениот член 74 од Законот се уредува дејствијата што ги презема судот кога учесникот во постапката во поднесокот или усно, односно на друг начин го навредува судот или лицето кое учествува во постапката. Во оспорениот член 287 од Законот се уредуваат дејствијата што ги презема судот кога лицата кои присуствуваат на главниот претрес го нарушуваат редот или не се покоруваат на наредбите за одржување на редот.
Обврската на јавниот обвинител за коректно однесување према учесниците во постапката и запазувањето на редот во судницата е од големо значење не само за достоинството на судот, но и за дигнитетот на институцијата јавен обвинител. Според можните дејствија на судот не може да се прифати дека јавниот обвинител е ставен во поповолна положба од обвинетиот, бидејќи тој според оспорените одредби, како и според одредбите од Законот за јавното обвинителство и Законот за Советот на јавните обвинители, заради евентуалното негово непрофесионално, недостојно или несовесно однесување е соочен со можноста, покрај другото, дури да биде разрешен од функцијата јавен обвинител.

Оттаму, не е од исклучително значење кој државен орган има на располагање средства за „дисциплини-рање“ на јавниот обвинител судот или јавното обвинителство, туку дали тие средства според својата силина можат да го дадат очекуваниот ефект (почитување на судот и учесниците во постапката и одржувањето на редот на главниот претрес), со конечна цел донесување на пресуда.

Оттаму, неоснован е наводот на иницијативата дека со оспорените одредби се оневозможувале судовите директно да го опоменат, казнат или отстранат од судницата јавниот обвинител во дадените ситуации, дека со ваквото нормирање јавниот обвинител имал дискреционо право да оцени дали е потребно или не да преземе понатамошни дејствија, како и тоа дека јавниот обвинител се ставал во подобра позиција во постапката и со тоа тој имал право да го изнесе своето мислење пред отворениот суд под повластен начин и да влијае на одлуката на судот не водејќи сметка за принципот на правдата и правичноста на одлуката. Ова од сите досега наведени причини како и од причина што непреземањето на соодветни дејствија од страна на Јавниот обвинител за вакви случаи спаѓа во областа на факт ички прашања, а не во прашања од уставно-судски карактер.

Исто така, од значење е околноста што оспорените одредби не можат да се оценуваат без да се имаат предвид одредбите од Законот за кривичната постапка во целина и посебно оние што ги уредуваат претпоставките за судење во одсуство на странките и други прашања што се од влијание за обезбедување на воедначена можност за влијание на конечните резултати во постапката. Такви одредби се одредбите што ги уредуваат прашањата за: обезбедување на бранител кога на обвинетиот му се суди во отсуство (член 66 став 4), кога може да се испитува обвинет во отсуство на бранител (член 210 ставови 8 и 9), недоаѓањето на јавниот обвинител на главниот претрес (член 291 став 1), условите за судење во отсуство на обвинетиот (член 292), суштествена повреда при судење во отсуство на лице чие присуство е задолжително (член 355 став 1 точка 3) и вонредниот правен лек, повторување на постапката кога на лицето му е судено во отсуство (член 398).

Понатаму, за добивање одговор на прашањето во која насока членот 6 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и нејзините протоколи (“Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997) обезбедува еднаквост на правата помеѓу јавниот обвинител и обвинетиот неопходно беше Судот да ја рагледа неговата содржина.

Имено, според членот 6 од наведената конвенција, секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непистрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него. Пресудата се изрекува јавно, а новинарите и публиката можат да бидат исклучени за време на целата или на дел од постапката во интерес на моралот, јавниот ред или националната безбедност во едно демократско општество, кога тоа го наложуваат интересите на малолетник или заштитата на приватниот живот на странките во спорот; или кога судот го смета за неоподно затоа што во посебни околности публицитетот би можел да им нанесе штета на интересите на правдата (став 1).
Секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин се додека неговата вина не се докаже по законски пат (став 2).

Според ставот 3 од истиот член на Конвенцијата, секој обвинет ги има следните минимални права:
а) веднаш, на јазик што го разбира, да биде детално известен за природата и причините на обвинението подигнато против него;
б) да му се обезбедат време и услови неопходни за подготвување на неговата одбрана;
в) да се брани самиот или со помош на бранител, да добие бесплатен службен адвокат кога тоа го наложуваат интересите на правдата;
г) самиот да ги сослуша или да бара сослушување на сведоците на обвинениетто и да бара повикување и сослушување на сведоците на одбраната да биде под услови што важат и за сведоците на обвинението;
д) да користи бесплатна помош од преведувач, доколку не го разбира или не го зборува јазикот на кој се одвива судењето.

Наведената одредба од Конвенцијата го афирмира правото на правична постапка, кое пак во себе го содржи стандардот на „еднаквоста на оружјата“ (equal of arms) или еднаквост на условите, односно средствата. Притоа, за остварување на правото на правична постапка од страна на Европскиот суд за човекови права се бара постоење на процесни гаранции кои на странката и даваат воедначена можност да влијае на конечните резултати во постапката, а според оцена на Судот оспорените одредби немаат карактер на одредби чија примена би можела да му ги оневозможи основните процесни права на обвинетиот или пак на јавниот обвинител и како такви не можат да имаат влијание на конечниот исход на постапката. Исто така; според Европскиот суд и да постои „лесна нееднаквост“ на средствата на странките таа не доведува неминовно до кршење на членот 6 од Конвенцијата под услов таквата нееднаквост да не ја довела во прашање правичноста на кривичната постапка во целина. Оттаму, Европскиот суд не инстистира на потполно еднаква рамнотежа на средствата, односно условите, туку на рамнотежа прилагодена на процесната состојба во која се наоѓаат странките, бидејќи нееднаквост постои само во случај кога таа била од влијание за правото на одбрана, за резултатите на постапката, правото на достапност на информации и учеството во контрадикторна постапка.

Според тоа, Судот оцени дека оспорените одредби го задоволуваат критериумот на правична постапка од аспект на гледиштата на Европскиот суд, бидејќи ги уредуваат и ситуациите како постапува судот кога настанува ситуација за судење на главниот претрес во отсуството на обвинетиот, неговиот бранител или пак и јавниот обвинител .

Врз основа на сето наведено произлегува дека оспорените одредби не можат да се окфалификуваат како одредби што генерираат нееднаквост помеѓу јавниот обвинител и обвинетиот имајќи предвид дека јавниот обвинител настапува во постапката во својство на државен орган, кој според уставно уредената организација на државната власт не подлежи на дисциплинирање од страна на судската власт, туку по принципот на хиерахиска субординација одговара за вршењето на функцијата пред Советот на јавните обвинители на Република Македонија. Од друга страна оспорените одредби, разгледувани одделно и во релација со останатите одредби од комплексната кривична постапка, според оцена на Судот, го задоволуваат критериумот на давање еднакви процесни гаранции.

Оттаму, Судот оцени дека членот 74 ставовите 1 и 3 и членот 287 ставовите 1 и 5 од Законот за кривичната постапка се во согласност со одредбите од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.254/2007
21 мај 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски