Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 февруари 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 1 и член 13 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.160/2007).
2. Мултиетничкиот синдикат на образование на Република Македонија МЕСО од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, „согласно наведените членови од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија, сите вработени корисници на Буџетот, за разлика од вработените во стопанството и спротивно на колективните договори, повеќе години наназад примаат минимални надоместоци за превоз и исхрана, со што се доведени во нееднаква и нерамноправна положба со граѓаните на Република Македонија вработени во стопанството“. Поради тоа „наведените членови од Законот за извршување на Буџетот за 2008 година се противуставни, бидејќи се спротивни и не се во согласност со член 9 и член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, како и член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија.“
Понатаму, подносителот на иницијативата нaгласува дека „Спрема вработените корисници на Буџетот на Република Македонија неосновано е наметнат дискриминаторски однос во остварување на нивните економски и социјални права бидејќи согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, Законот за работните односи и колективните договори важат за сите други, а за нив важи некаков специјален закон кој регулира сосема друга материја и нема допирни точки со работниот однос.“
3. Судот на седницата утврди дека според член 12 став 1 од Законот „надоместок за превоз до и од работното место, по претходно дадена писмена изјава, се исплатува за вработените и избраните и именувани функционери кај буџетските корисници и единките корисници чие место на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место, но не повеќе од 900 денари месечно“. Според член 13 од Законот „надоместокот за исхрана (доколку исхраната не е организирана) за вработените кај буџетските корисници и единките корисници изнесува 2.300 денари месечно“ (став 1); „надоместокот за исхрана на вработените кај буџетските корисници од централната власт и единки корисници се исплатува по претходно доставени списоци до Министерството за финансии од страна на буџетските корисници од централната власт и единките корисници“ (став 2).
4. Според член 32 став 5 од Уставот„остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори“.
Согласно член 113 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005) работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работата, за исхрана за време на работа, доколку се исплатува во паричен износ, и превоз до и од работа, доколку се исплатува во паричен износ. Според став 3 од истиот член на Законот “висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надоместокот на овие трошоци се утврдува со колективен договор“.
Според член 52 став 2 алинеи 5 и 6 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006 и 36/2007) државниот службеник има право и на други надоместоци и тоа за превоз до и од работа (над 2,5 км.) и за оброк. Согласно став 3 од истиот член на Законот „висината на надоместоците од став 2 на овој член за секоја година се утврдуваат со Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија, со одлука за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје“
На 16 јануари 2008 година, Владата на Република Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати на Република Македонија склучија и влезе во сила Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија и тој се однесува на правните лица кои се финансираат од Буџетот на Република Македонија – член 2 („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008). Основа за склучување на овој колективен договор се членовите 204 и 216 од Законот за работните односи според кои – на ниво на Република Македонија се склучува општ колективен договор за јавниот сектор, а го склучуваат репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат на територијата на Република Македонија. Според член 21 став 1 алинеи 1 и 2 од овој колективен договор, работникот има право на надомест на трошоците поврзани со работа утврдени со закон и тоа за исхрана, доколку исхраната не е организирана, и на трошоци за превоз до и од работа во случаи кога нема организирано превоз во висина на најниските реални трошоци. Во ставот 2 од истиот член на Колективниот договор се определува дека висините на надоместоците од став 1 се усогласуваат со анекс на колективен договор на годишно ниво. Во член 49 од овој колективен договор, систематизиран во делот посветен на преодни и завршни одредби, се предвидува дека „висината на надоместоците од член 21 став 1 алинеи 1, 2, 3, 5 и 6 потписниците на договорот ќе ги утврдат до крајот на 2008 година, а ќе се применуваат од почетокот на 2009 година“.
Од изнесената уставна одредба (член 32 став 5), како и од изнесените одредби на Законот за работните односи (член 113 ставовите 1 и 3) и на Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија (член 2 и член 21 ставовите 1 и 2), покрај другото произлегува дека сите вработени, па и оние во јавниот сектор односно кај правните лица кои се финансираат од Буџетот на Република Македонија, имаат право на еднаков надоместок на трошоците за исхрана и за превоз до и од работа, ако тие не се организирани, при што превозот е во висина на најниските реални трошоци, и тие надоместоци ќе се усогласуваат годишно со анекс на колективниот договор односно ќе се усогласуваат со реалните трошоци за таа намена.
Во однос на носителите на јавни функции и раководните работници, член 28 став 1 алинеја 1 од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и други избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1990, 44/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005 и 121/2007) определува дека и на нив им припаѓа, покрај другото надоместок на трошоците за превоз во градскиот сообраќај до работното место и обратно, и надоместок на трошоците за општествена исхрана. Понатаму, според член 12 став 1 од Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2007) „судијата има право на надоместок на трошоците поврзани со вршење на судиската функција и тоа … надоместок за превоз до и од работно место, по претходно дадена писмена изјава, му се исплатува на судија чие што место на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место но не повеќе од 900 денари месечно„ (алинеја 2), како и „надоместок за исхрана во висина од 25% од просечната месечна плата исплатена во Република Македонија во претходните три месеци“ (алинеја 4).
Имајќи го предвид наведеното, очигледно законодавецот немал еднаков приод при определувањето на овие права.
Со оглед на тоа што оспорените член 12 став 1 и член 13 од Законот предвидуваат поинакво определување на правото на надоместоците за исхрана и за превоз на вработените во јавниот сектор од оној определен со наведените уставни, законски и одредби од означениот општ колективен договор, односно определуваат фиксен износ на тие надоместоци кој не е заснован на реалните трошоци, при што вработените во јавниот сектор по тие основи се ставени во нееднаква, понеповолна положба од другите вработени, пред Судот се постави прашањето за нивната согласност со уставните начела на владеење на правото и еднаквоста утврдени во член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.24/2008
20 февруари 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски