Вовед
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 277 став 1 алинеја 5 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.114/2007 од 28 ноември 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 277 став 1 алинеја 5 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007), затоа што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согланост со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 277 став 1 од Законот испитите за возачи-инструктори може да ги полага лице кое:
– има наполнето најмалку 23 години возраст;
– е здравствено и психофизички способно;
– има завршено најмалку средно образование;
– најмалку три години поседува возачка дозвола за онаа категорија возила за која му се издава дозволата за возач – инструктор и
– во последните пет години, со правосилна судска одлука не е осудено за кривично дело загрозување на безбедноста во сообраќајот.
Според став 2 од овој член од Законот, на лицето кое ги положило испитите за возач – инструктор му се издава свидетелство за завршено специјалистичко образование за занимање возач-инструктор.
5. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Според член 14 став 1 од Уставот, никој неможе да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Согласно член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Во членот 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Оспорениот член 277 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата е содржан во Глава VI (шест) со наслов „Возачи“, точка 4 со наслов „Возачки испит за кандидат за возач, испит за возач инструктор и проверка на стручноста на возач-инструктор“ и потточка 4.2. со наслов „Испит за возач – инструктор“. Оспорената одредба ги утврдува условите кои едно лице треба да ги исполни за да може да го полага испитот за возач – инструктор. Меѓу повеќето наведени услови е и условот лицето во последните пет години, со правосилна судска одлука да не е осудено за кривично дело загрозување на безбедноста, кој што со иницијативата е оспорен.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, а во корелација со наводите во иницијативата, имајќи ја во вид и содржината на законската одредба во оспорениот дел, според Судот во конкретниов случај со неа се врши ограничување на правата и положбата на граѓаните како последица од осудуваноста за кривично дело што во кривично-правната теорија е позната како „правна последица на осудата“.
При оценување на уставноста на оспорената законска одредба Судот како основен критериум го имаше во вид постоењето на двата принципи на казнано-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се дека казната може да се изрече само со судска одлука и дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, всушност значи дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошна последица од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени.
Од причини што во конкретниов случај со оспорениот дел од законската одредба, по сила на законот, лицето не може да полага испит за возач – инструктор односно да оствари некое свое право, според Судот оспорениот дел од законската одредба на членот 277 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата може да се доведе под сомнение со Уставот. Ова дотолку повеќе што по однос на ова прашање Судот, веќе зазел став, со Одлука У.бр.159/2001 од 26 декември 2001 година.
Оттука, имајќи го во вид фактот дека со оспорениот дел од законската одредба ограничувањето на правото на лицето да полага испит за возач-инструктор настапува како правна последица од осуда по сила на Законот, а не како индивидуализирана казна (забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите казни, односно санкции, Судот оцени дека оспорениот дел од членот 277 од Законот не е во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, 13 став 1, 14 став 1, 32 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.114/2007
16 јануари 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски