196/2007-0-1

Вовед

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 28 став 2 точка 5, во делот„односно актот за распределба на плати”од Законот за култура (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/1998, 49/2003, 82/2005 и 24/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – Основна организација при Македонската опера и балет – Техника и работна заедница од Скопје, со Решение У.бр.196/2007 од 21 ноември 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во член 28 став 2 точка 5 од Законот за култура (одредбата влегла во сила на 2 август 2003 година) се определува дека директорот на националната установа “донесува акт за систематизација и организација на работните места, односно акт за распределба на плати”;

Според член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија секој вработен има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5 од истиот член на Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од изнесените уставни одредби јасно произлегува дека со закон и со колективни договори се уредуваат правата на вработените и нивната положба, при што на вработените мора да им се обезбеди правото на соодветна заработувачка.

Со оглед на тоа што со оспорениот дел од законската одредба се определува директорот на национална установа да донесува акт за распределба на плати, без притоа Законот да утврди критериуми за определување на платите заради остварување на правото на вработените на соодветна заработувачка, Судот утврди дека оспорениот дел од законската одредба не е во согласност со член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.196/2007
16 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски