191/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јануари 2008 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 140 став 3 во делот

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на група вработени во Македонската радио телевизија (МРТ), претставувана преку Љупчо Ристовски од Скопје, со Решение У.бр.191/2007 од 21 ноември 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на делот од членот 140 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со член 2 став 1, член 4 став 1, член 8 став 1 алинеја 3, член 23 и член 29 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 140 од Законот за радиодифузната дејност, со работењето на МРТ раководи работоводен орган кој се состои од две лица, подеднакво одговорни за работењето на МРТ и за обврските што ги преземаат во правниот промет.

Членовите на работоводниот орган имаат заменици.

Членови на работоводниот орган и нивните заменици можат да бидат домашни или странски физички лица кои ќе понудат најквалитетна програма за работа на МРТ.

Членовите на работоводниот орган и нивните заменици, покрај условите од ставот 3 на овој член треба да ги исполнуваат и следниве услови:

– да имаа универзитетско образование,
– да имаат најмалку пет години работно искуство во областа на радиодифузијата или најмалку петгодишно работно искуство како успешни менаџери, и
– познавање на прописите од областа на радиодифузијата.

За член на работоводен орган и негов заменик не може да биде избран член на Советот на МРТ и на Управниот одбор на МРТ.

Членови на работоводниот орган и замениците ги избира Управниот одбор на МРТ врз основа на претходно спроведена постапка на јавен конкурс и поднесена програма за работа на МРТ. Членовите на работоводниот орган и замениците ги разрешува Управниот одбор на МРТ.

Постапката за избор на разрешување на членовите на работоводниот орган и замениците се утврдува со Статутот на МРТ.

5. Според член 2 став 1 од Уставот, во Република Македонија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Според член 4 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 29 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гаранттирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Тргнувајќи од цитираните уставни норми, според Судот, јасно и децидно произлегува дека во Република Македонија странските лица ги имаат слободите и правата утврдени со Уставот, со исклучок на оние права кои според Уставот ги имаат само државјаните на Република Македонија, со тоа што условите за нивното остварување е оставено да се утврдат со закон и меѓународни договори. Ова истовремено, значи дека законодавецот воопшто нема обврска да пропишува еднакви услови за остварување на одделни слободи и права резервирани за граѓаните – државјани на Република Македонија и за странците и на тој начин да ги стави во еднаква, односно рамноправна положба со нив. Имено, вршењето на јавни функции, според одредбите од Уставот, со оглед дека се работи за извршување на работи поврзани со функциите на државата е предвидено само за државјаните на Република Македонија, поради што странците не можат да се изедначуваат во оваа смисла со граѓаните – државјани на Република Македонија.

Со Законот за радиодифузната дејност се уредуваат условите и начинот на вршење на радиодифузната дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата.

Според член 8 на овој закон, јавно радиодифузно претпријатие се основа за целата територија на Република Македонија и врши функција на јавен радиодифузен сервис.

Согласно член 115 став 1 од Законот, функцијата на јавен радиодифузен сервис во Република Македонија ги врши Македонската радиотелевизија. Според став 2 на овој член, МРТ има својство на правно лице со седиште во Скопје.

Согласно член 116 став 1 од истиот закон, МРТ се финансира од радиодифузна такса, од рекламирање, спонзорство, донации, продажба на програма и услуги и од средствата обезбедни во Буџетот на Република Македонија за тековната година.

Согласно член 126 од овој закон, органи на МРТ се: Совет на МРТ, Управен одбор на МРТ и работоводен орган.

Со членот 127 од овој закон се утврдува дека Советот на МРТ е составен од 23 члена, кои ги именува Собранието на Република Македонија за време од 5 години со право на повторен избор.

Според член 134 од Законот за радиодифузната дејност со МРТ управува Управен одбор составен од седум члена кои ги избира Советот на МРТ, а условите и постапката за избор се утврдуваат со Статутот на МРТ.

Со членот 140 од Законот, се утврдува дека со работењето на МРТ раководи работоводен орган кој се состои од две лица, подеднакво одговорни за работењето на МРТ и за обврските што ги преземаат во правниот промет. Членовите на работоводниот орган и нивните заменици можат да бидат домашни или странски физички лица кои ќе понудат најквалитетна програма за работа на МРТ и кои ги исполнува условите утврдени со овој член, и тоа: универзитетско образование, најмалку пет години работно искуство во областа на радиодифузијата или најмалку петгодишно работно искуство како успешни менаџери и познавање на прописите од областа на радиодифузијата.

Членовите на работоводниот орган и замениците ги избира Управниот одбор врз основа на претходно спроведена постапка на јавен конкурс и поднесени програми за работа на МРТ.

Согласно член 141 од Законот, работоводниот орган ја претставува и застапува МРТ во согласност со Статутот на МРТ, ја води деловната политика на МРТ, ја предлага Програмата за развој на МРТ, го предлага и спроведува годишниот финансиски план и посебниот годишен финансиски план, ја спроведува уредувачката и деловната политика на МРТ, организира и управува со процесот на работа, обезбедува законитост во работата, им предлага акти и одлуки на Советот на МРТ и Управниот одбор, ги именува и разрешува раководните работници определени со Статутот и врши други работи утврдени со Статутот и другите акти на МРТ, во согласност со закон.

Според член 145 од истиот закон, средствата за покривање на трошоците за создавање и емитување на програмата и за техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис, за одржување, употреба и развој на јавната радиодифузна мрежа, за регулирање и развој на радиодифузната дејност во Република Македонија, се обезбедуваат од радиодфузна такса. Радиодифузната такса е јавна давачка. Од средствата на радиодифузната такса се финансираат ЈП Македонска радио телевизија, ЈП Македонска радио дифузија и Советот за радиодифузија.

Поаѓајќи од содржината на цитирната законска регулатива, според Судот јасно произлегува дека со Законот за радиодифузната дејност се регулираат условите и начинот на вршење на радиодифузната дејност како и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата. Имено, МРТ е јавен радиодифузен сервис во Република Македонија и врши јавни овластувања утврдени со овој закон. МРТ во најголем дел се финансира од радиодифузната такса, односно од средствата на граѓаните и од Буџетот на Република Македонија, поради што подлежи на јавна одговорност за управувањето со овие средства. Токму во функција на заштита на јавниот интерес на граѓаните законодавецот утврдил дека членовите на Управниот одбор на МРТ, кои ги избира Совет на МРТ (именуван од Собранието на Република Македонија) го избираат работоводниот орган, како вршител на јавна функција.

Имајќи во вид дека МРТ претставува јавна институција, основана за спроведување на јавниот радиодифузен сервис и финансирана од граѓаните преку плаќање на радио дифузна такса, Судот утврди дека раководниот орган на МРТ, претставува јавна функција која по својот карактер и значење припаѓа во групата на јавни функции чие извршување согласно член 23 од Уставот, може да им биде доверено само на граѓаните на Република Македонија, а не и на странски лица, како што предвидува оспорениот член од Законот.

Предвид на наведената уставно-судска анализа, според Судот оспорената законска одредба не е во согласност со член 2 став 1, член 4 став 1, член 8 став 1 алинеја 3, член 23 и член 29 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.191/2007
9 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски