31/2007-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 9 јануари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на законитоста на Одлуката од 23.12.2006 година со која се утврдува висината на уписниот коморски влог, во делот „ По уписот во Именикот на адвокатската комора на Република Македонија“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 1/2007).

2. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Филип Пејчиновски и Дијана Сеферова од Скопје, со Решение У. бр. 31/2007 од 12 септември и 26 септември 2007 година поведе постапка за оценување на одредбата означена во точка 1 на ова решение, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за адвокатурата.

3. Адвокатската комора на Република Македонија, како доносител на оспорената одлука, на 4 декември 2007 година достави писмено известување до Уставниот суд на Република Македонија дека, по донесувањето на Решението за поведување постапка, на 7 ноември 2007 година, донесена е нова одлука со која се определува висината на коморскиот уписен влог, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/2007, со што оспорената одлука престанала да важи.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.

Со оглед на тоа што оспорената одлука престанала да важи во текот на постапката за оценување на нејзината законитост и повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од член 47 од Деловникот на Уставниот суд за запирање на постапката, поради што одлучи како во точка 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.31-1/2007
9 јануари 2008 година
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски