Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 декември 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Наташа Петреска од Кичево и Зорица Велкоска од Скопје, застапувани од адвокат Анита Бегова од Скопје, за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност повредени со Решението, бр.6535, донесено од гувернерот на Народна банка на Република Македонија на 16 октомври 2007 година.
2. Наташа Петреска од Кичево и Зорица Велкоска од Скопје, застапувани од адвокат Анита Бегова од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 на Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, повредени со решението означено во точката 1 од ова решение.
Според наводите во барањето, „Македонска банка“ АД Скопје била стабилна, ликвидна и профитабилна банка, па укинувањето на дозволата за основање и работење на Банката, како и спроведување на ликвидациона постапка над неа, што се правело со оспореното решение, значело дискриминација не само на „Македонска банка“ АД Скопје како правно лице, туку и на 148 акционери на Банката, 186.000 физички лица – комитенти на Банката, 65.000 фирми – комитенти на Банката и 230 вработени во Банката, во однос на другите граѓани во Република Македонија кои се во таква положба во други банки. Дискриминацијата била по основ на социјална припадност со оглед дека причина за донесување на оспореното решение било непознавањето на законската регулатива за работењето на банките, како и немањето искуство со банкарско работење од страна на дел од лицата запишани во акционерската книга на „Македонска банка“ АД Скопје, а тоа произлегувало од образложението на оспореното решение. Според тоа, се смета дека неученоста и неискуството како елементи на социјалната припадност биле причина за укинување на дозволата за основање и работа на Банката односно за нејзината ликвидација, потоа за губење на правото на сопственоста и на правото на работа, а со тоа овие граѓани биле дискриминирани во однос на граѓаните кои ги остваруваат тие права во други банки согласно член 1 став 1 во делот „и социјална држава“, член 8 став 1 алинеите 1, 3, 6, 8 и 11, членовите 9 и 30, член 32 ставовите 1, 2 и 3, член 51 став 2, член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, и сето тоа поради излегување на Народна банка на Република Македонија надвор од нејзините овластувања утврдени во член 60 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 154 од Законот за банките. На крај, се бара поништување на Решението и, претходно, изрекување на привремена мерка.
3. Судот на седницата утврди дека оспореното решение е донесено врз основа на членовите 131, 154, 168 и 170 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007), како и точка 13 од Одлуката за начинот на вршење супервизорски надзор на банките и постапката за преземање мерки за отстранување на утврдените неправилности („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2000).
Со Решението се укинува дозволата за основање и работење на „Македонска банка“ АД Скопје (точка 1), се утврдува дека се исполнети условите за спроведување на ликвидациона постапка над Банката (точка 2), „Македонска банка“ АД Скопје се исклучува од платниот промет од денот на донесувањето на ова решение до денот на уписот на ликвидатор во трговскиот регистар, освен наплатата на побарувањата и плаќањата наведени во точка 5 од ова решение (точка 3), се определува дека за ликвидатор може да биде именувано лице или повеќе лица кои ги исполнуваат условите предвидени во Законот за стечај и кои ги исполнуваат условите за член на управен одбор на банка предвидени во Законот за банките (точка 4). Понатаму, со Решението се овластуваат девет поименично определени физички лица вработени во Народна банка на Република Македонија, во одреден период (од денот на донесувањето на ова решение до денот на отворањето на ликвидационата постапка од страна на надлежниот суд и уписот на ликвидаторот во трговскиот регистар), да вршат определени работи – контрола во спроведувањето на точка 3, зачувување на имотот на „Македонска банка“ АД Скопје и спречување исплата од сметката на Банката (точка 5), а во однос на зачувувањето на имотот на Банката означените девет лица се задолжуваат да преземат точно набројани активности – да ја затворат деловната мрежа на „Македонска банка“ АД Скопје, да ја обезбедат девизната и денарската готовина на Банката, да ги обезбедат сите предмети од вредност (злато, чекови и слично), да ги известат домашните и странските банки кај кои „Македонска банка“ АД Скопје има сметки дека е укината дозволата за основање и работење и дека треба да се замрзне состојбата на тие сметки, да преземат контрола врз уредите за платен промет на Банката, да обезбедат физичко обезбедување на имотот на Банката и други активности за зачувување на имотот на Банката (точка 6). Во точка 7 од Решението се определува дека располагањето со имотот на „Македонска банка“ АД Скопје во смисла на точка 5 е можно само по претходна верификација на овластените поименично наведени лица.
Потоа, следи образложение на Решението во кое хронолошки се изнесуваат факти во врска со „Македонска банка“ АД Скопје, меѓу кои дека поради стагнација и влошување на финансиските показатели на Банката, со Решение на гувернерот од 21 јули 2005 година на „Јака 80“ АД Радовиш и бил определен рок до 31 јануари 2006 година (6 месеци) да ги намали акциите со право на глас во Банката под 10%, на што немало жалба. Понатаму, се наведува дека Народна банка на Република Македонија го продолжила рокот за сведување на учеството на „Јака 80“ во Банката под 10% до 31 декември 2006 година (11 месеци), но ни до тој рок не било намалено учеството под 10%, а на 24 април 2007 година „Јака 80“ и „Македонска банка“ АД Скопје склучиле договор за промена на наменскиот депозит во субординиран депозит. Поради тоа, со Решение на гувернерот од 18 јули 2007 година било утврдено дека „Јака 80“ не може да биде акционер со квалификувано учество во Банката и било наложено до 30 септември 2007 година „Јака 80“ да продаде 73,14% од вкупните обични акции на Банката, што било согласно на одредбите од новиот Закон за банките. Исто така, се наведува дека „Јака 80“ основала 16 ДООЕЛ, а тоа произлегувало оттаму што сите биле основани на адреса на која се наоѓа претставништвото на „Јака 80“ АД Радовиш во Скопје и што биле основани со непаричен влог од „Јака 80“ – акции кои се под 5% од вкупните обични акции на „Македонска банка“ АД Скопје, без притоа да била добиена претходна согласност за тоа од гувернерот на Народна банка на Република Македонија согласно член 59 од Законот за банките. Неколку дена по основањето на 16-те друштва, „Јака 80“ своите непарични влогови во тие друштва ги пренела со директни спогодби на 16 лица (10 физички и 6 правни) со живеалишта во Република Македонија, Република Србија (вклучително и Косово) и Босна и Херцеговина (Република Српска), при што цената на една акција била обезвреднета. Со направените формално-правни промени на сопственоста на „Македонска банка“ АД Скопје, се наведува дека оваа банка била доведена во уште полоша состојба – немало акционер со квалификувано учество во акционерскиот капитал, ниеден акционер немал претходна согласност од Народна банка, 16-те друштва кои постоеле само еден месец немале деловна историја (непознати биле нивните активности; финансиски потенцијал; немале никаков промет; трошоците за регистрирање на промената на содружниците – од „Јака 80“ на 16-те физички и правни лица,биле платени од „Јака 80“; дел од овие 16 акционери немале познавање на законската регулатива, ниту банкарско искуство; ….), а сето тоа индицирало тенденција на висок ризик и загрозена сигурност и стабилност на „Македонска банка“ АД Скопје и на нејзините доверители. Имајќи го предвид утврденото, Народната банка на Република Македонија оценила дека настанале фундаментални промени на условите во „Македонска банка“ АД Скопје во негативна насока во однос на условите кога била издадена дозволата за нејзино основање и работење, а ликвидноста и солвентноста на банката била резултат на 1,5 годишно постојано присуство на лице од Народна банка на Република Македонија во „Македонска банка“ и неговото верификување на налозите за исплата, согласно мерките определени од гувернерот, но тој начин на работа повеќе не бил возможен. Врз основа на наведените законски одредби, било донесено ова решение.
4. Со член 110 алинеја 3 од Уставот се определува дека Устаавниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на, покрај другото, забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.
Според член 51 од Деловникот на Судот „секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање“.
Имајќи ги предвид причините поради кои со оспореното решение се укинува дозволата за основање и работење на „Македонска банка“ АД Скопје и се спроведува ликвидациона постапка над неа, а тие земени заедно се однесуваат на севкупната перспектива на Банката, Судот утврди дека оспореното решение не може да се доведе во корелација со дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, поради што не е надлежен да се впушта во мериторна оценка за неговата уставност и законитост. Дали, пак, во конкретниот случај биле исполнети условите, начинот и постапката за укинување на дозволата за основање и работење и за спроведување на ликвидационата постапка определени во соодветните закони, односно дали оспореното решение е во согласност со соодветните закони, Судот утврди дека тоа не е прашање од делокруг на Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.232/2007
19 декември 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски