130/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 248 став 1 алинеја 1, член 266 став 1 алинеја 1, член 267 став 1 алинеја 1, член 283 став 1, член 284 став 1 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 261 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2004).

3. Драги Котев од Кавадарци, Драган Коровешовски од Охрид, Пано Аргиев од Кавадарци и Стоилко Спасовски – претседател на Здружението на авто школите на Република Македонија од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за оценување уставноста на наведените членови од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според наводите на подносителот на иницијативата Драги Котев од Кавадарци со одредбите од член 266 став 1 алинеја 1 и член 267 став 1 алинеја 1 од законот се доведувало во прашање начелото на владеење на правото и другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, затоа што ги ставало во нерамноправна положба лицата со завршен седми степен на образование, а кои де факто по вокација се професори, кадри кои произлегувале како од Педагошки факултет, така и од Филозофски факултет, во однос на лицата кои имале звање професор, а завршиле на Педагошкиот факултет. Имено според подносителот на иницијативата кој има завршено Филозофски факултет-група насока историја со звање дипломиран професор по историја, со наведените одредби се воспоставувал дискриминаторен однос на звањето кое го добил на Филозофскиот факултет во однос на звањето кое го имале добиено лицата на Педагошкиот факултет.

Според наводите на подносителот на иницијативата Драган Коровешовски од Охрид со одредбите од членовите 266, 267, 283 и 284 во делот за степенот за завршено образование се повредувале членовите 8, 32 и 51 од Уставот. Ова затоа што суштината на одредбите од член 266 став 1 алинеја 1 и 267 став 1 алинеја 1 била да се изврши селекција на лицата кои можат да бидат претседатели, односно испитувачи во испитна комисија во поглед на високото образование кое го имаат завршено. Ваквата ситуација било неповолна за кадарот кој повеќе години работел и имал огромно искуство во работењето на комисијата за полагање на возачки испит. Со наведените одредби се губеле стекнатите права за членување во комисиите кои ги добиле со определена стручност за работа со возач. Од друга страна, пак, законодавецот не предвидел рок во кој постојниот кадар кој не ги исполнува условите во поглед на образованието би се стекнал со соодветниот степен на образование.

Одредбите од членовите 283 став 1 и 284 од Законот биле во директна колизија со членовите 276, 278, 279 и 280 од истиот закон. Ова оттаму што не можело да се воспостави ситуација во која лиценцата на возач-инструктор би важела една година пократко од важењето на дозволата за возач-инструктор. Ова би можело да предизвика ситуација во која лицето би имало лиценца за обавување на дејност возач-инструктор и ако во меѓувреме би му истекла дозволата, поради што во Законот морало да се предвиди рокот на важење на лиценцата да е ист како и рокот за кој важи дозволата, затоа што во спротивно би дошло до правна празнина.

Исто така, во членот 280 од Законот било предвидено специјалистичко образование заради добивање на дозвола за возач-инструктор, а во членот 284 била предвидена проверка на стручноста, што значи во ист период возач-инструктор би морало да направи и специјалистичко образование и проверка на стручноста што претставувало нон-сенс и се воспоставувала ситуација на дуплирање на проверката на стручноста за обавување на иста работа.

Од наведеното според подносителот произлегувало дека оспорените одредби не кореспондирале со други одредби од Законот со што се создавала можност од шиканирање на определени кандидати бидејќи истите за добивање на лиценца би морале да ја проверат својата стручност кај членовите на комисии од испитниот центар кои би можеле да фаворизираат определени авто школи.

Според наводите на подносителот на иницијативата Стоилко Спасовски со одредбите од член 248 став 1 алинеја 1, член 266 став 1 алинеја 1 и член 267 став 1 алинеја 1 од Законот се повредувале член 32, член 55 и член 58 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што условот стручен раководител на авто школата да биде исклучиво лице со високо образование не одговарало на фактичката состојба и сложеноста на работните задачи кои требало да се извршуваат во авто школата. Во авто школите со законскиот минимум за нивна работа било предвидено вработување на два инструктора со две моторни возила од „Б“ категорија при што раководењето на ваква организациона единица можело да го врши и лице со завршено средно образование и три години работно искуство.

Во Република Македонија постоеле возни паркови многу поголеми од оние во авто школите (такси компании, транспортни компании, градежни фирми), но во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за нивно раководење не било предвидено висока стручна спрема иако нивното раководење било посложено, а за безбедноста на патниот сообраќај имало поголема улога од возилата на авто школите. Парадокс било што законодавецот во наведениот закон ги заобиколил и лицата со завршено више образование (сообраќајни инженери, машински инженери отсек моторни возила) кои ќе останале без работа.

Понатаму, според наводите на подносителот на иницијативата условот претседател на испитна комисија за возач и испитувач на теоретски дел да биде лице само од наведените струки (технички факултет – сообраќајна насока, полициска академија, правен или педагошки факултет) ги ставало во нерамноправна положба лицата од другите струки кои досега работеле во испитни комисии на авто школите.

Имено, стручноста и познавањето на прописите и правилата на сообраќајот произлегувало од заедничкиот услов да мора да бидат со тригодишно работно искуство како возачи-инструктори, а не од нивната висока стручна спрема.

Според наводите на подносителот на иницијативата Пано Аргиев оспорениот член 261 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2004) не бил во согласност со член 9 и член 44 од Уставот, затоа што законодавецот на лицата кои имале завршено вишо образование не им дал можност во одреден период да се стекнат со високо образование.

4. Судот на седницата утврди дека според член 247 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата заради оспособување на кандидати за возачи, автошколата задолжително, покрај другото, треба да има вработено стручен раководител.

Во оспорениот член 248 став 1 алинеја 1 од Законот е предвидено дека стручен раководител од членот 247 став 1 алинеја 1 на овој закон може да биде лице кое има завршено високо образование.

Во оспорениот член 266 став 1 алинеја 1 од Законот е предвидено дека претседател на испитната комисија од член 265 став 1 на овој закон може да биде лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос го исполнува и посебниот услов да има завршено високо образование (технички факултет – сообраќајна насока, полициска академија, правен или педагошки факултет).

Во оспорениот член 267 став 1 алинеја 1 од Законот е утврдено дека испитувач по наставната програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) може да биде лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос „да има завршено високо образование (технички факултет – сообраќајна насока, полициска академија, правен или педагошки факултет).

5. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок е утврден принципот на владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 44 од Уставот секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, додека според ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и два автентично толкување на законите.

Поаѓајќи од наведеното, неспорно е дека Собранието на Република Македонија како носител на законодавнста власт може да донесува закон за сите области на општеството, што значи, меѓу другото и за уредување на прашања и односи поврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Со Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата се уредува безбедноста и заштитата на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци и опрема, должности во случај на сообраќајна незгода, условите за стекнување на право за управување со моторно возило, оспособување на кандидати за возачи, полагање возачки испит и проверка на оспособеноста на возачите и други прашања (член 1).

Во насока на остварување, односно реализирање на наведените прашања законодавецот во делот VI „Возачи“ ги пропишал условите за управување со возило, стекнување право на управување со моторно возило, оспособување на кандидати за возачи, основите и работа на автошколите. Во рамките на делот основање и работа на автошколите во одредбите од член 245 до 250 е уредено прашањето за условите кои треба да ги исполнува правно или физичкото лице да може да спроведе оспособување на кандидати за возачи. Така, покрај другите услови, а заради оспособување на кандидати автошколата треба да има вработено стручен раководител и најмалку еден предавач по наставната програма од член 244 и да има вработено најмалку двајца возачи инструктори од категоријата „Б“.

За стручен раководител согласно член 247 став 1 алинеја 1 е предвидено високо образование (оспорен дел), а за предавач е предвидено високо образование односно од одреден факултет.

Понатаму во делот од Законот, а кој се однесува на полагање на возачки испит е уредено прашањето на составот на испитната комисија која се формира во испитниот центар кој има добиено лиценца од Министерството за внатрешни работи. Испитната комисија формирана во испитниот центар е составена од претседател и два члена испитувачи вработени во испитниот центар.

Претседателот на испитната комисија покрај општите услови за засновање на работен однос треба да има завршено високо образование (технички факултет сообраќајна насока, полициска академија, правен или педагошки факултет (член 266 став 1 алинеја 1 оспорен).

За испутвач по теоретски дел е предвидено дека лицето покрај општите услови за засновање на работен однос е потребно да има завршено високо образование (технички факултет, сооббраќајна насока, полициска академија, правен или педагошки факултет).

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, одредбите од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата наспрема оспорените членови 248 став 1 алинеја 1, 266 став 1 алинеја 1 и 267 став 1 алинеја 1 од Законот, Судот оцени дека право е на законодавецот при утврдување на посебните услови за засновање на работен однос за извршување на одредени задачи да го утврди степенот и видот на образование односно да утврди дали за вршење на одредени работи ќе биде определен само степенот на образование без оглед на видот на образованието или ќе определи повеќе видови на образование од одреден степен како што тоа е направено во конкретниот случај.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

Што се однесува до прашањето дека законодавецот при уредување на односите од областа на безбедноста на сообраќајот а во врска со постојниот кадар во авто школите кои биле со вишо образование, на кои не им е дадена можност да го дооформат своето образование односно во определен период да се стекнат со високо образование на кој начин би го исполниле условот утврден според новото законско решение, Судот оцени дека е прашање на целесообразност што го цени законодавецот. Имено, законодавецот е тој кој цени дали е нужно со предвидувањето на новите услови односно новите решенија да предвиди и преоден режим во кој ќе овозможи лицата кои не го исполнуваат условот да го дооформат своето образование поради што и од овој аспект оспорените членови не можат да бидат доведени под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

6. Судот понатаму утврди дека во одредбите од членовите 275-286 од Законот е уредено прашањето за стекнување на звањето возач-инструктор кој врши оспособување на кандидати за возачи.

Имено за да може едно лице да врши обука на кандидати за возачи потребно е да има завршено специјалистичко образование за занимање возач – инструктор согласно Програмата од Министерството за образование и наука (член 419) преку полагање на испити во образовна институција пред испитна комисија формирана од Министерството за образование и наука. По полагање на испитите по предвидената програма на лицето му се издава свидетелство за завршено специјалистичко образование (член 277). Врз основа на свидетелеството Министерството за внатрешни работи издава дозвола за возач-инструктор со рок на важење од 5 години. Еден месец пред истекот на рокот од 5 години на важење на дозволата за возач инструктор лицето поднесува барање за продолжување на важноста на дозволата. Ако во предвидениот рок од еден месец лицето на поднесе барање или барањето го поднесе по истекот на рокот од еден месец рокот на важење на дозволата ќе се продолжи откако возачот-инструкторот повторно ги положи испитите за добивање на свидетелство за завршено специјалистичко образование.

Според оспорениот член 283 став 1 од Законот, возачот инструктор по добивањето на дозволата за возач инструктор од членот 278 на овој закон е должен да се подложи на проверка на стручноста заради добивање на лиценца за оспособување на кандидати за возачи. Проверка на стручноста која ја спроведува комисија составена од претседател – претставник на Министерството за внатрешни работи, еден претставник од Министерството за образование и наука и еден претставник од овластен испитен центар по што кандидатот добива лиценца.

Според оспорениот член 284 став 1 алинеја 1 од Законот возачот инструктор е должен да се подложи на проверка на стручноста на секои четири години. Проверка на стручноста на секои четири години пред комисија формирана од овластен испитен центар (претседател, претставник на Министерство за внатрешни работи, еден член претставник на Министерството за образование и наука и еден член од испитниот центар). Тоа значи дека пред истекот на рокот на важењето на возачката дозвола од пет години односно на секои четири години возачот инструктор во суштина подлежи на проверка на стручноста, а со цел за продолжување на лиценцата.

На возачот инструктор кој нема да се подложи на проверка на стручноста, како и возачот инструктор кој и по втор пат не покажал задоволителни резултати, ќе му биде одземена лиценцата. Решение за одземање на лиценцата донесува министерот за внатрешни работи против кое решение може да се поведе управен спор.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, наспрема содржината на одредбите од Законот со кој се уредува начинот на стекнување на соодветно образование и добивање на дозвола и лиценца за работа за обука на кандидати за возачи како и оспорените одредби Судот смета дека право е на законодавецот да предвиди проверка на стручноста на лицата кои вршат обука пред соодветна комисија составена од претставник на Министерството за внатрешни работи односно претставник на власта, еден член на Министерството за образование и наука како претставник на државен орган од областа на образованието, имајќи предвид дека во суштина оспособувањето на кандидати за возач е наставно образовен процес и претставник на Испитниот центар кој ги спроведува испитите за кандидати возачи и возачи инструктори.

Воедно, Судот оцени дека право е на законодавецот да го утврди рокот на важењето на дозволата и важењето на лиценцата при што не е точен наводот во иницијативата дека во практика би можело да се случи лицето да има лиценца за обука, односно лиценца за обавување на дејноста, а да му е истечен рокот на дозволата, затоа што рокот на дозволата е пет години, а рокот на важењето на лиценцата е четири години.

Фактот што заради добивање на лиценца за оспособување на кандидати потребна е проверка на стручноста која се спроведува пред комисија формирана во Испитен центар и проверка на стручноста на секои четири години по добивање на лиценцата повторно од страна на комисија формирана од испитен центар и составена од претставници како и комисијата која ја спроведува проверката на стручноста за добивање на лиценца само по себе не значи можност за субјективност и пристрасност на комисијата.

Од друга страна, пак, проверката на стручноста за добивање на лиценцата и проверката на стручноста на возач инструктор по добивање на лиценцата на секои четири години е прашање на целисходнот а не прашање кое може да се подведе и оценува од уставен аспект.

Што се однесува до наводите од иницијативата дека оспорените членови 283 и 284 од Законот не кореспондираат со други одредби од Законот, Судот имајќи ја предвид утврдената надлежност со Уставот, оцени дека не е надлежен да ја оценува усогласеноста на одредбите од ист или од друг закон, поради што во овој дел иницијативата ја отфрли.

7. Според оспорениот член 261 став 2 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/1998, 38/2002 и 38/2004) претседател и испитувач може да биде лице кое има високо образование и врз основа на дозвола за инструктор непрекинато оспособувало или испитувало кандидати за возачи, најмалку три години.

Со донесување на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007) оспорениот член 261 став 2 и Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата во целина престанал да важи.

Со оглед на фактот што оспорениот член 261 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2004) престанал да важи, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд и одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.130/2007
21 ноември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски