У.бр.125/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 21 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 став 2 алинеја 4 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ 40/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со Уставот, затоа што правните последици од осудата не можеле да се утврдуваат со закон и да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа можело да се прави само со конкретна правосилна судска одлука. Според подносителот на иницијативата, тоа значело дека казнено-правниот однос се исцрпувал на релација казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело, кои се состоеле во ограничување на правата на граѓаните, не биле допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот (член 54 став 1). Ова дотолку повеќе што согласно член 22 став 3 од Уставот, избирачко право немаат само лицата на кои им е одземена деловната способност и што во оспорената одредба не било предвидено дека изречената казна затвор се однесува на изборите, како што тоа на пример, било предвидено во член 18 став 1 алинеја 1 од Изборниот законик.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба се повредувал член 8 став 1 алнеи 1, 3, 4 и 5, член 9, член 13, член 14, член 22, член 23, член 51, член 54 став 1 и член 98 ставовите 1 и 2 од Уставот, и предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 7 став 2 алинеја 4 од Изборниот закон.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 7 став 2 алинеја 4 од Законикот, право да биде избран за пратеник, член на совет и градоначалник има секој државјанин на Република Македонија, ако со правосилна судска одлука не е изречена казна затвор од најмалку шест месеца.

4. Според членот 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а согласно членот 2 став 2, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Согласно член 8 алинеја 3, 4 и 5 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според членот 22 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.

Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.

Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Согласно членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите морат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Поаѓајќи од уставното начело на поделба на власта, со Уставот се утврдени органите на власт, нивната организација и надлежности.

Според членот 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот. Согласно членот 62 од Уставот, Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници кои се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување. Пратеникот не може да биде отповикан. Во ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 65 став 3 од Уставот, на пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Според ставот 4 на овој член, на пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно одредбите од членот 114 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа.

Со одредбите од Уставот кои се однесуваат на локалната самоуправа е утврдено дека единици на локалната самоуправа се општините, а како посебна единица на локалната самоуправа е определен градот Скопје. Во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење.

Изборната регулатива во Република Македонија е кодифицирана со Изборниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/2006).

Според членот 1 од Изборниот законик, со овој законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје, начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места.

Правото да се избира и да се биде избран, е уредено со член 6 и член 7 од Изборниот законик. Според член 6 од Законот право да избира има секој државјанин на Република Македонија кој наполнил 18 години живот и има деловна способност и е со постојано живеалиште во изборната единица, општината, односно градот Скопје каде што се врши изборот.

Според член 7 став 1 од Законикот, кандидат за претседател на Републиката може да биде лице кое ги исполнува условите за избор на претседател на Републиката утврдени со Уставот.

Според ставот 2 на овој член, право да биде избран за пратеник, член на совет и градоначалник има секој државјанин на Република Македонија, ако:
– наполнил 18 години живот,
– има деловна способност,
– не се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело и
– со правосилна судска одлука не е изречена казна затвор од најмалку шест месеца.

Според ставот 3 на овој член, покрај условите утврдени во ставот 2 на овој член, право да биде избран за член на совет и градоначалник има секој граѓанин со постојано живеалиште во општината и градот Скопје каде што се врши изборот.

Од содржината на одредбата од членот 7 став 2 од Изборниот законик, произлегува дека со неа се уредуваат условите за избор на пратениците, што е во согласност со членот 62 став 4 од Уставот, според кој начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Со неа, исто така, се уредуваат условите за избор на член на совет и на градоначалник, на што упатуваат одредбите од Законот за локалната самоуправа.

Од формулацијата на оспорената алинеја 4 на истиот овој член од Законикот, произлегува дека со неа не се дозволува одредено лице да биде избрано на наведените функции (пратеник, член на совет и градоначалник), доколку со правосилна судска одлука му е изречена казна затвор од најмалку шест месеци. Значи, со оспорената одредба се поставува услов и критериум за избор на определените функции.

Според Судот, определувањето на ваквиот услов за избор за пратеник, член на совет и градоначалник произлегува од потребата со закон да бидат уредени прашањата за постоење на подобност на лицето за ефикасно вршење на овие јавни функции. Судот оцени дека со вака предвидениот услов се исклучува можноста да се јават елементи на сомнение што би го направиле пратеникот, членот на советот односно градоначалникот, недостоен за вршење на овие јавни функции.

Тргнувајќи од овластувањето дадено во членот 62 став 4 од Уставот на Република Македонија, право на законодавецот е со закон да ги определи условите за избор на пратениците во Собранието на Република Македонија, преку издигање на кредибилитетот на Собранието како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката, со состав на членови кои би можеле законито и квалитетно да ја извршуваат функцијата на демократски избрани претставници на граѓаните од кои произлегува и на кои им припаѓа суверенитетот и преку кои граѓаните ја остваруваат власта. Ваквата законска одредба, според Судот е во согласност со одредбите од Уставот и истата ги афирмира уставно определените вредности и начела.

Предвидувањето на ваквиот услов за избор и на член на советот односно за градоначалник на единицата на локалната самоуправа според Судот е оправдано и има за цел обезбедување на законито извршување на овие функции, особено ако се има предвид дека советот на единицата на локалната самоуправа, односно градоначалникот се органи преку кои граѓаните ја остваруваат власта на локално ниво.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба била спротивна на членот 13 став 1 и на членот 14 од Уставот, без при тоа да се наведат аргументи односно причини, за наводната несогласност на одредбата со овие уставни одредби. Од анализата на оспорената законска одредба, според Судот, јасно произлегува дека во конкретниов случај не станува збор за повреда на принципот на презумпција на невиноста на лицето утврден во членот 13 став 1 од Уставот, ниту пак за повреда на начелото на законитост во казненото право изразено преку забраната за казнување утврдена во член 14 став 1 од Уставот.

Имено, од оспорената одредба произлегува дека таа се однесува на донесена правосилна судска пресуда по кој момент едно лице може да се смета како осудено за дело утврдено со закон како казниво дело за кое е предвидена казна. Поради тоа не станува збор за претпоставена вина и повреда на начелото на презумпција на невиност.

Поради сето наведено, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на одредбата од член 7 став 2 алинеја 4 од Изборниот законик со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова – Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.125/2006
21 ноември 2006
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски