124/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 14 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор на општинската установа работнички универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево, бр. 02-61/1 од 10.04.2006 година („Службен гласник на општина Кичево“ бр. VII/2006).

2. Љубомир и Рената Богески од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 на ова решение.

Според наводите во иницијати­вата, во воведот на оспорениот колективен договор било наведено дека, покрај членови од Законот за работните односи, Колективниот договор бил донесен и врз основа на член 23 од Статутот на Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево, но во време на склучувањето на колективниот договор, Статутот не бил во правна сила, поради што не можел да биде правен основ за склучување на договорот. Понатаму, се оспорува дека самостојниот синдикат во општинската установа кој го склучил овој договор, воопшто и не постоел, не бил регистриран, немал свој печат, а со тоа немал ни својство на репрезентативен синдикат кај работодавачот, поради што не било постапено по член 220 од Законот за работните односи. Исто така, се оспорува дека членот 2 од овој колективен договор бил во спротивност со член 5 став 1 точка 2 од Законот за работните односи, затоа што определувал дека работник во смисла на овој колективен договор бил лице кое засновало работен однос во општинската установа и кое е член на СОНК, а не како што дефинирал Законот дека работник е секое физичко лице во работен однос врз основа на склучен договор за вработување. Понатаму, во членот 30 од овој колективен договор било регулирано средствата за осигурување во случај на несреќа на работа не по вина на работникот да ги обезбедува работодавачот од средствата на Буџетот, но не било јасно од кој буџет, бидејќи оваа установа се финансирала од Буџетот на Република Македонија и од буџетот на основачот и не било јасно кој ќе утврдувал дека таа несреќа не била по вина на работникот. Освен тоа, со член 42 од овој колективен договор било утврдено дека платата на работникот може да биде предмет на извршување до една третина за обврските на законско извршување, што било спротивно на член 105 став 1 од Законот за извршување, каде било утврдено дека извршувањето врз плата и пензија, како и врз надоместок наместо плата, за побарување врз основа на законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давачот на издршката, може да се спроведе до износот од една половина, а за побарување по друга основа – до износот од една третина на платата или пензијата.

Врз основа на напред наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на наведените членови од оспорениот колективен договор.

3. Судот на седницата утврди дека Колективниот договор за Општинската установа Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево е склучен врз основа на членовите 203, 208, 209, 210, 219, 220, 226 и 232 став 3 од Законот за работните односи и член 23 од Статутот на Општинската установа Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево, бр. 02-64/1 од 13.04.2006 година, помеѓу Општинската установа Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево и Синдикатот во Општинската установа Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево.

Согласно член 2 на овој договор, работник во смисла на овој колективен договор е лице кое засновало работен однос во Општинската установа која врши културно образовна дејност на неопределено или определено време, со полно, со пократко од полното работно време и со скратено работно време и кое е член на СОНК.

Според член 30 од овој колективен договор, средствата за осигурување на случај на несреќа на работа не по вина на работникот ги обезбедува работодавачот, од средствата на Буџетот.

Согласно член 42 од Колективниот договор, платата на работникот може да биде предмет на извршување до една третина за обврските на законското извршување.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од истиот член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5, оставрувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005), со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Согласно член 203 од истиот закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка и поединечен на ниво на работодавач.

Според член 206 од истиот закон, со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи. Правните норми содржани во колективниот договор се применуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во согласност со одредбите на овој договор, се применува колективниот договор.

Согласно член 220 од истиот закон, поединечен колективен договор за јавните претпријатија и јавните установи склучуваат основачот или органот кој тој ќе го овласти и репрезентативниот синдикат кај работодавачот.

Според член 232 став 1 од Законот, колективните договори мора јавно да се објават, а според став 3 на истиот член, поединечниот колективен договор се објавува на начинот утврден со договорот.

Од напред наведените уставни и законски одредби, произлегува дека правен основ за склучување на поединечен колективен договор е член 32 од Уставот и наведените одредби од Законот за работните односи.

Во оваа смисла, на 10 април 2006 година е склучен поединечен колективен договор на ниво на работодавач, помеѓу Општинската установа – Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево и Синдикатот во Општинската установа – Работнички унуверзитет „Крсте Мисирков“ Кичево, заведен под број 02-61/1 од 10.04.2006 година и објавен во „Службен гласник на Општина Кичево“ бр. 7/2006 година од 23 мај 2006 година.

Во воведот за склучување на овој колективен договор е наведено дека правен основ за неговото склучување се членовите 203, 208, 209, 210, 219, 220, 226, 232 став 3 од Законот за работните односи и член 23 од Статутот на Општинската установа – Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево.

Согласно член 32 од Законот за установите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2005 и 120/2005), со стаутот особено се уредува организацијата и начинот на вршење на дејноста, називот, седиштето, управувањето, работоводењето, контролата, правата и обврските на корисниците на јавната услуга и други прашања од значење за извршување на дејноста и работењето на установата во согласност со закон и актот за основање.

Оттука, произлегува дека статутот на установата не претставува правен основ за склучување на колективен договор на ниво на работодавач. Поради тоа, Судот оцени дека наведувањето во воведот на оспорениот колективен договор, покрај одредбите од Законот за работните односи, и на членот 23 од Статутот на Работничкиот универзитет „Крсте Мисирков“, како правен основ за склучување на договорот, е ирелевантно за правната основаност на овој поединечен колективен договор, поради што за валидноста на овој колективен договор не е од значење прашањето дали Статутот, во време на склучувањето на Колективниот договор, бил во сила.

Согласно член 184 став 2 од Законот за работните односи, синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси.

Согласно член 212 став 1 од Законот за работните односи, како репрезентативен синдикат за склучување колективен договор кај работодавачот се смета синдикатот во кој се зачленети најмалку 33% од работниците кај работодавачот или синдикатот кој е член на репрезентативниот синдикат на повисоко ниво на организирање.

Од доставената документација во врска со склучувањето на наведениот колективен договор, обезбедена во фаза на претходна постапка, Судот констатира дека во Општинската установа, од јануари 2001 година, постои синдикална организација Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево, со овластен застапник Мирка Миладиноска. На седница на оваа синдикална организација, одржана на 10 јануари 2006 година, едногласно е донесена одлука за поврзување на синдикалната организација во СОНК (записник бр. 03-3/1 од 10 јануари 2007 година), после што синдикалната организација испратила барање до СОНК на општина Кичево за припојување кон СОНК ( барање бр. 03-3/2 од 10 јануари 2007 година). Видно од Записникот од Собранието на Основната организација на СОНК при ОУ Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ од Кичево, одржано на 05 октомври 2006 година, за претседател на основната организација на СОНК е избрана Мирка Миладиноска, а за заменик претседател е избрана Мирјана Стреоска. Според известието на СОНК од 27 јуни 2007 година, во општинската установа Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ – Кичево, функционира основана организација на СОНК која ги остварува синдикалните права согласно закон и колективни договори и која согласно Колективниот договор за култура, има право да склучи колективен договор на ниво на установа.

Од наведената документација Судот констатира дека во општинската установа, во време на склучувањето на колективниот договор, постоел самостоен синдикат во Работничкиот универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево, со Мирка Миладиноска како претседател, и оваа синдикална организација, како договорна страна, го склучила поединечниот колективен договор за општинската установа.

Според член 208 став 3 од Законот за работните односи, поединечниот колективен договор ги обврзува – важи и за работниците кај работодавачот кои не се членови на синдикат или на синдикатот – потписник на колективниот договор. Оттука, Судот оцени дека наведениот поединечен колективен договор ги обврзува сите работници во општинската установа, независно од тоа што синдикалната организација која е договорна страна при потпишувањето на овој договор, по неговото потпишување, од самостоен синдикат, преминала во основна организација на СОНК. Поради тоа, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека овој колективен договор бил во спротивност со член 220 од Законот за работните односи.

Согласно член 1 на наведениот колективен договор, со овој колективен договор се доуредуваат правата, обврските и одговорностите на работниците и работодавачот од работниот однос, обемот и начинот на остварување на истите, постапките за решавање на меѓусебните спорови, како и други прашања од интерес за работниците и работодавачот.

Во член 2 од Колективниот договор, се определува дека под работник во смисла на овој колективен договор, се смета лице кое засновало работен однос во општинската установа која врши културно образована дејност, на неопределено или определено време, со полно, со пократко од полното работно време и со скратено работно време и кое е член на СОНК.

Наводите во иницијативата дека одредбата од член 2 на овој колективен договор била во спротивност со член 5 став 1 точка 2 од Законот за работните односи, според која работник било секое физичко лице кое е во работен однос врз основа на склучен договор за вработување, Судот оцени дека се неосновани.

Ова од причина што станува збор за поединечен колективен договор на ниво на работодавач, со кој поблиску се определуваат правата и обврските на работникот и работодавачот, а од анализата на оспорениот член 2 од Колективниот договор неспорно произлегува дека како работник во смисла на овој колективен договор се смета лице кое засновало работен однос во општинската установа, и тоа независно од времетраењето на работниот однос, што е во целост во согласност со наведената одредба од Законот за работните односи. Нагласувањето дека лицето треба да биде и член на СОНК, според Судот, не ја менува суштината на претходно наведеното, од причина што, согласно член 208 став 3 од Законот за работните односи, поединечниот колективен договор ги обврзува, односно важи и за работниците кои не се членови на синдикат или членови на синдикатот кој е потписник на Колективниот договор, поради што наведениот услов не е од влијание за определувањето на тоа на кого ќе се однесува и применува овој колективен договор и не ја прави оспорената одредба незаконита.

Според оспорениот член 30 од Колективниот договор, средствата за осигурување во случај на несреќа на работа не по вина на работникот ги обезбедува работодавачот, од средствата на Буџетот. Наводите во иницијативата дека не било јасно од кој буџет ќе се обезбедат средствата (од Буџетот на Република Македонија или од Буџетот на основачот), според Судот, не се од значење за уставноста и законитоста на оваа одредба. Ова од причина што за конкретната ситуација од суштинско значење е дека средствата во случај на несреќа на работа не по вина на работникот, ги обезбедува работодавачот, со што се обезбедува уставното право на заштита при работењето на работникот, гарантирано со член 32 став 1 од Уставот. Прашањето од кој буџет ќе се обезбедат овие средства, како што е поставено во иницијативата, навлегува во сферата на примената на колективниот договор, што е прашање кое не е во надлежност на Уставниот суд.

Исто така, наводите во иницијативата дека во Колективниот договор немало одредби за тоа кој ќе утврдува дека несреќата која се случила не е по вина на работникот, во суштина значат барање за поинаква содржина на колективниот договор од постојната. Поради тоа што Колективниот договор се оспорува затоа што не содржи одредба каква што подносителите на иницијативата сметаат дека треба да биде содржана, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по овој дел на иницијативата.

Согласно член 42 од Колективниот договор, платата на работникот може да биде предмет на извршување до една третина за обврските на законското извршување.

Според член 105 став 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2005), извршувањето врз плата и пензија, како и врз надоместок наместо плата, за побарување врз основа на законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давачот на издршката, може да се спроведе до износот на една половина, а за побараувња по друга основа – до износот од една третина на платата или пензијата.

Од анализата на наведените одредби, произлегува дека во членот 42 на Колективниот договор, договорните страни се определиле платата на работникот да може да биде предмет на извршување до една третина, за обврските на законско извршување, а Законот за извршување определува дека, во точно определени случаи, платата на работникот може да биде предмет на извршување до една половина, односно до една третина во другите случаи, од каде произлегува дека при склучувањето на Колективниот договор, договорните страни определиле единстен лимит за законско извршување од платата на работникот за сите случаи на извршување, кој не е повисок од законски утврдениот.

Меѓутоа, и покрај ваквата одредба во Колективниот договор, доколку настане ситуација која согласно Законот за извршување ќе налага извршување од платата до една половина, во таков случај директно ќе се примени Законот за извршување како правен акт со поголема сила од колективниот договор на ниво на работодавач.

Оттука, фактот што одредбата за законско извршување од платата на работникот, утврдена во Колективниот договор, предвидува можност за извршување од платата на работникот до една третина, само по себе не може да се смета како одредба која предвидува извршување на платата спротивно на Законот за извршување или како одредба со која се утврдуваат помали права за работникот од законски утврдените, поради што Судот не изрази сомнение во однос на законитоста на оваа одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.124/2007
14 ноември 2007 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски