У.бр.80/2006-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2007 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 36 став 1 алинеја 6 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.80/2006 од 27 јуни 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 36 став 1 точка 6 од Законот за надворешни работи, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со одредбите од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 36 од Законот за надворешни работи за амбасадор може да се именува лице ако ги исполнува следниве услови:

– да е државјанин само на Република Македонија;
– да има завршено високо образование;
– активно да владее два од јазиците во службена употреба во Организацијата на Обединетите нации. Доколку службениот јазик на земјата на приемот е различен од јазиците во службена употреба во Органи­за­ци­јата на Обединетите нации, да има основни познавања од него;
– да има стекнато високо дипломатско звање, во случај кога кан­дидатот за амбасадор е од составо на дипломатско-конзулар­ните служ­бе­ници, односно да биде афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи;
– да има здравствена и психофизичка способност;
– да не е осудуван за кривични дела за кои е пред­ви­дена казна затвор од најмалку шест месеци, за кривично дело во врска со службената должност или за друго кривично дело што го прави недо­стоен за амбасадор и
– да има соодветен безбедносен сертификат.

Најмалку две третини од вкупниот број на амбасароди се имену­ваат од составот на дипломатско-конзуларните службеници со највисоки дипломатски звања во Министерството.

При именување на амбасадорите се почитува принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заед­ници и принципот на еднакви можности на половите.

Амбасадорот кој не е именуван од составот на дипломат­ско-конзуларните службеници, за времетраењето на својот мандат ги остварува правата и обврските од раљботен однос во Министерс­т­вото. По завршува­њето на мандатот на амбасадорот му престануваат сите права од работ­ниот однос во Министерството.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓуна­родното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македо­нија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според членот 51 од Уставот во Република Македонија зако­ните мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според Судот имајќи ги предвид наведените уставни одредби, како и содржи­ната на оспорената законска одредба, во конкретниот случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапува по сила на закон.

Од овие причини, при оценување на уставноста на оспорената законска одредба како основен критериум се имаше во вид постоењето на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, со други зборови значи дека согласно наве­дените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релаци­јата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Оттука, ако се има во вид фактот дека со оспорената законска одредба се врши ограничување на правото за амбасадор да може да биде именувано лице кое било осудувано за кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку шест месеци, за кривично дело во врска со службената должност или за друго кривично дело што го прави недостоен за амбасадор, според Судот, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, однос­но казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај произлегува дека со оспорениот дел од законската одредба, по сила на законот, а не како казна (по забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите на кривичните санкции, лицето не може да врши одредена функција (амбасадор), тогаш со оспорениот дел од законската одредба на членот 36 од Законот за надворешни работи се повредуваат одделни уставни принципи.

Во конкретниот случај, освен што се врши ограничување на пра­вата на граѓаните без да се има уставна основа за тоа, во оспорената за­конска одредба не се конкретно наведени кривичните дела, ниту изрече­на­та казна за нив, што лицето го прават недостојно за вршење на функцијата амбасадор. Овој недостаток на оспорената закон­ска одредба, според Судот, дозволува целосна дискреција при одлучувањето за ова праша­ње, при што поединецот не е заштитен од само­волно попречување да ја врши функцијата – амбасадор дури и во случаи кога кривичното дело не е во никаква врска со оваа функција. Затоа, според Судот овој дел од форму­лацијата на оспорената законска одредба е недоволно прецизна и јасна и не обезбедува правна сигурност на граѓаните.

Имајќи во вид дека со оспорената законска одредба ограничу­ва­њето на достапноста на амбаса­дорската функција, настапува како правна последица од осуда по сила на законот, а не како индивиду­ализирана каз­на (забрана) што ја изрекува суд во рамките на видовите казни, односно санкции, Судот оцени дека истата не е во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4, 9, 13 став 1, 14 став 1, 23, 25 и 51, а во врска со член 54 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.80/2006
7 ноември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски