Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Орданчо Пецов од Неготино за заштита на слободи и права повредени со поединечни одлуки на државни органи.
2. Орданчо Пецов од Неготино, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата кои му биле повредени со конкретни одлуки на државни органи.
Според наводите во барањето, врз основа на членот 50 и членот 110 од Уставот на Република Македонија подносителот бара заштита на повредените слободи и права утврдени со членовите 9, 23 и 32 од Уставот на Република Македонија, и загарантирани со одредбите од Европската конвенција за човековите права кои се однесувале на забрана на дискриминација (член 14) и забрана и злоупотреба на правата, и му биле повредени правата утврдени со членовите 6, 7 и 9 од Законот за работните односи кои се однесувале за забрана на дискриминацијата.
Според барањето, овие права на подносителот му биле повредени со незаконското работење и одлучување на Управата за јавни приходи – Генерална дирекција во Скопје која ги донела конкретните одлуки за избор на извршители во даночните одделенија во Ресен, Крушево, Неготино, Демир Хисар, Пробиштип, Охрид, Куманово, Берово, Свети Николе, Кочани и донело две одлуки со кои не извршила избор во Виница и Крива Паланка, по огласот број 41/2007 од 3 март 2007 година. Правата и слободите на подносителот на барањето му биле повредени покрај со наведените одлуки и со второстепената одлука број 12-9122/2 од 4 јули 2007 година донесена од Комисијата на Агенцијата за државни службеници за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници, со која жалбата изјавена против сите првостепени одлуки му била одбиена.
Во барањето подносителот наведува дека со одлуките тој бил дискриминиран и нееднакво третиран пред Уставот и законите во однос на другите граѓани бидејќи првостепениот и второстепениот управен орган со намера и злоупотреба на своето работење не го избрале во постапката на предметниот оглас и покрај фактот што ги исполнувал сите услови, имал соодветно образование и бил компетентен за вршење на должностите за соодветното работно место во било кое даночно одделение за кое се однесувал огласот.
Во барањето подносителот изнесува мислење дека во случајов очигледно станувало збор за негова дискриминација и нееднаков третман од другите граѓани без притоа да изнесе аргументи во што се состоел дискриминаторскиот однос спрема него.
3. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во вториот дел од Уставот, кој се однесува на „Основните слободи и права на човекот и граѓанинот“, со одредбите од членовите 9 – 60 се утврдени граѓанските и политичките слободи и права, економските, социјалните и културните права, потоа гаранциите на основните слободи и права и основите на економските односи.
Со Уставот начелно се дефинирани основните слободи и права на човекот и граѓанинот, нивната конкретизација е во законите и другите прописи и општи акти, а за имплементацијата на прописите врз конкретни ситуации постои судска заштита и надлежност на други органи во организацијата на власта.
Согласно членот 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.
Со членот 110 од Уставот, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд. Според алинеја 1 и 2 од овој член од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Значи, посебно уставносудската заштита се однесува не на сите слободи и правата утврдени со Уставот, туку на дел од нив. Тие се како надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.
Имено, и во членот 50 од Уставот јасно е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапката заснована врз начелата на приоритет и итност.
Оттука, Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да одлучува за права и интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на управни и судски органи, ниту Уставниот суд има надлежност да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на одлуките на надлежните управни органи за да утврди дали постоеле повреди на членовите 9, 23 и 32 од Уставот и на одредби од закон, а на што се однесуваат во случајов наводите во барањето по овој предмет.
Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Барањето пред Уставниот суд на Република Македонија конкретно во случајов се однесува на заштита на слободи и права од членовите 9, 23 и 32 од Уставот кои му биле на подносителот повредени со конкретни одлуки на управни органи и врз основа на тоа се бара Уставниот суд да ги поништи наведените одлуки. Меѓутоа, подносителот со тоа не бара заштита на слободите и правата за кои Уставниот суд е надлежен да одлучува согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, ниту изнесува аргументи во што се состоела дискриминацијата и нееднаквиот третман на кои се повикува во барањето, туку декларативно бара заштита на слободи и права, и заштита на законитоста на одлуките кои според подносителот не биле во согласност со одредби од Законот за работни односи, за што всушност се надлежни да одлучуваат други органи имајќи предвид дека во тие рамки против второстепената одлука која подносителот ја посочува во барањето може да одлучува надлежниот суд.
Поради погореизнесеното Судот оцени дека во конкретниов случај подносителот бара од Уставниот суд уставносудска заштита на права и интереси по конкретен предмет во надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.177/2007
7 ноември 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски