158/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.04-693 од 5 јануари 2007 година и Одлуката бр.04-686 од 5 јануари 2007 година, донесени од Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет во Скопје.

2. Д-р Златко Георгиев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факулте во Скопје, односно Деканот кој бил одговорен за уставно и законско функционирање на Факултетот, со оспорените одлуки не ја почитувале Одлуката У.бр.111/2004 на Уставниот суд на Република Македонија со која бил поништен членот 32 од Статутот на Стоматолошкиот факултет.

Имено, според подносителот на иницијативата во Наставно-научниот совет, и покрај наведената Одлука на Уставниот суд, и понатаму полноправно учествувале наставници и од катедри кои не биле матични и процентуално тие биле побројни (25), додека членовите на Советот од редовите на матични катедри биле зстапени со 25 проценти.

Со оглед на тоа што, во работата на наставно-научниот совет и понатаму учествувале и членовите од катедрите кои не биле матични, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените одлуки, наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет не ја почитувал наведената Одлука на Уставниот суд на Република Македонија поради што бара истите да се поништат.

3. Судот на седницата утврди дека Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет во Скопје на 27 декември 2006 година донел Одлука за избор во звање доцент на научниот соработник д-р Марија Стевановиќ по предметот стоматолошка рендгенологија на Стоматолошкиот факултет во Скопје, како и Одлука за избор во звање доцент по предметот забоздравство во Заедницата на Стоматолошкиот факултет во Скопје на научниот соработник д-р Мира Јанкуловска.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен круг на субјекти во правото. Во случајов оспорените одлуки немаат карактер на пропис во смисла на уставнста одредба и не можат да бидат предмет на уставносудска оцена.

Имено, од содржината на оспорените одлуки произлегува дека со нив се врши избор на кандидат во звање доцент по предметот стоматолошка рендгенологија на Стоматолошкиот факултет во Скопје, односно избор во звање доцент по предметот забоздравство во заедницата на Стоматолошкиот факултет во Скопје.

Оспорените Одлуки по својот карактер и содржина претставуваат конкретни, поединечни акти, истите не се пропис и нема основа за мериторна оцена на оспорените акти. Оттука, Судот смета дека Судот не може да се впушти во анализа на основаноста на наводите истакнати во иницијативата.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од оценката дека оспорените одлуки немаат карактер на пропис, Судот согласно наведената одредба од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.158/2007
7 ноември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски