139/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 октомври 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на

а) Правилникот за условите, начинот и постапката на издавање под закуп на деловниот простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија бр.02-5449/2 од 28 декември 1999 година,

б) Одлуката за начинот и условите на усогласување на постојните закупни односи со условите на користење на деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија бр.02-3874/3 од 10 мај 2005 година и

в) Одлуката за склучување нови договори за закуп со постојните корисници на деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија бр.02-14949/9 од 23 неомври 2006 година, донесени од Управниот одбор на наведеното претпријатие.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Репуб­ли­ка Македонија му поднесе иницијатива за поведување пос­тапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Имено, Според наводите од иницијативата и дополну-вањето на иницијативата, наведените акти немале основа во Уставот на Република Македонија, Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија и со Законот за јавните претпријатија. Ова од причина што со Правилник не можеле да се определуваат условите за издавање под закуп на деловен простор, туку тоа можело да се стори само врз основа на закон или евентуално со пропис на Владата на Република Македонија. Уште полошо било што врз основа на ваков Правилник биле донесени оспорените одлуки, што било недопуштено во правна држава.

Понатаму, по однос на оспорените акти се наведува дека не биле објавени во „Службен весник на Република Македонија“ што било спротивно на членот 52 став 1 од Уставот, а биле донесени и без согласност на Владата на Република Македонија.

Несогласноста на оспорените акти со членот 83 од Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите, подносителот на иниција-тивата ја согледува во тоа што со оспорените акти се повредувало стекнатото право на здруженијата на граѓани и фондациите кои до донесување на оспорените акти ги користеле имотот во државна сопственост под закуп без надоместок.

Според наведеното оспорените акти не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 52 ставови 1 и 2 и член 91 алинеи 1, 5 и 6 од Уставот, со член 9 од Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија, со Законот за јавните претпријатија и Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“, како и со членот 83 од Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите.
3. Судот на седницата утврди дека:
а) Правилникот за условите, начинот и постапката на изда-вање под закуп на деловниот простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија содржи 21 одредба во која поблиску се уредуваат условите, начинот и постапката за издавње под закуп на предметниот деловен простор. Оспорениот правилник е изменет и дополнет со Правилникот за измена и дополна на Правилникот за условите, начинот и постапката на издавање под закуп на деловниот простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија бр.02-1041/6 од 21 февруари 2001 година.

б) Во Одлуката за начинот и условите на усогласување на постојните закупни односи со условите на користење на деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, меѓу другото во членот 5 поблиску се определуваат поволности за плаќање на заостанатиот долг одеднаш и се разработува можноста за плаќање на заостанатиот долг на повеќе рати во зависност од висината на вкупниот долг. Во член 8 од Одлуката е определено дека истата влегува во сила од денот на нејзиното донесување ( 10 мај 2005).Оспорената одлука е изменета и дополнета со Одлуката за измена и дополна на Одлуката за начинот и условите на усогласување на постојните закупни односи со условите на користење на деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија бр.02-7013/15 од 26 јули 2005 година.

в) Во Одлуката за склучување нови договори за закуп со постојните корисници на деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, меѓу другото поблиску се уредуваат условите, начинот и постапката под кои ќе бидат склучени нови договори за закуп со повеќе категории корисници на деловниот простор. Притоа станува збор за несклучени договори или отпочната постапка под услови, начин и постапка предвидени во претходно донесената Одлука на Управниот одбор бр.02-3874/3 од 10 мај 2005 година. Во членот 2 од Одлуката е определено дека наведените корисници можат да склучат нов договор за закуп на деловниот простор доколку во рок од 8 дена од приемот на писменото известување за можноста за обновување, односно склучување на нови договори за закуп писмено се изјаснат дека ги прифаќаат условите на Јавното претпријатие. Во спротивно деловниот простор ќе биде огласен за доделување на други корисници.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на зaконите и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

а) Судот, по однос на оспорениот Правилник од 28 декември 1999 година утврди дека претрпел измена и дополнување со Правилникот за измена и дополна на Правилникот за условите, начинот и постапката на издавање под закуп на деловниот простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија бр.02-1041/6 од 21 февруари 2001 година. Оваа измена и дополнување не е предмет на оспорување во иницијативата.

Во член 43 од Правилникот за условите, начинот и постапката на издавање под закуп на деловниот простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија бр.02-3874/2 од 10 мај 2005 година, меѓу другото, предвиден е престанок на важење на оспорениот правилник и неговата измена и дополнување. Притоа, според членот 45 од Правилникот донесен во 2005 година, предвидено е истиот да влезе во сила наредниот ден од денот на објавувањето на огласната табла на јавното претпријатие и на ВЕБ-страницата, а да се применува од 1 август 2005 година.

Оттаму, сметано од 1 август 2005 година оспорениот Правилник, донесен во 1999 година и неговата измена и дополнување од 2001 година, повеќе не се важечки правни акти.

б) Што се однесува до оспорената Одлука за начинот и условите на усогласување на постојните закупни односи со условите на користење на деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија бр.02-3874/3 од 10 мај 2005 година, во претходната постапка, Судот, исто така, утврди дека била дополнувана, но така направеното дополнување не е предмет на оспорување со иниција-тивата.

Имено, со член 2 од Одлуката бр.02-7013/15 од 26 јули 2005 година за измена и дополна на наведената одлука е предвидено во членот 8 од основаната одлука (второоспорен акт) да се избрише точката и да се додадат зборовите: „а започнатите постапки да завршат најкасно до 30 септември 2005 година“.

Оттаму, разледувајќи ја во целина оспорената одлука со нејзината измена и дополнување, произлегува дека истата имала важност до 30 септември 2005 година до кој период Јавното претпријатие предвидело можност за завршување на започнатите постапки за усогласување на постојните закупни односи со условите на користење на деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.

Според тоа произлегува дека, сметано од 30 септември 2005 година оспорената одлука, донесена во мај 2005 година и нејзината измена од јули 2005 година повеќе не се важечки правни акти.
в) Тргнувајќи од содржината на третто оспорениот акт-Одлуката бр.02-14949/9 од 23 неомври 2006 година и посебно од содржината на членот 1 произлегува дека со неа, по истекот на определен временски период (30 септември 2005 година) се дава уште една можност за склучување на договори за закуп за сите корисници што тоа не го сториле врз основа на претходно донесената одлука (бр.02-3874/3 од 10 мај 2005 година), како и можност за довршување на започнатите постапки за склучување на нови договори или признавање на вложувања во деловниот простор, повторно врз основа на Одлуката бр.02-3874/3 од 10 мај 2005 година. Притоа, Одлуката бр.02-14949/9 од 23 неомври 2006 година не се задржува само на продолжување, ревидирање на можноста за склучување на нови договори или продолжување на започантите постапки, туку споредена со Одлуката бр.02-3874/3 од 10 мај 2005 година оди и понатаму во измена на условите за плаќање на долгот во готово или на рати. Ова на оспорениот акт на определен начин му дава привремен, односно темпорален карактер.

Дека тоа е така уште повеќе произлегува и од содржината на членот 2 од Одлуката (бр.02-14949/9 од 23 неомври 2006 година) според кој корисниците на деловниот простор на кои им се дава можност за склучување на нови договори или им се дава можност за довршување на започнатите постапки на начин што во рок од 8 дена по приемот на писменото известување требале во писмена форма да го потврдат прифаќањето на дадената можност, а во спротивно деловниот простор ќе биде огласен за доделување на други корисници.

Оттаму, имајќи го предвид должината на оставениот рок за прифаќање на вака дадената можност (8 дена) и фактот што во време на разледување на иницијативата оспорената одлука егзистира повеќе од 10 месеци, цениме дека за овој временски период Одлуката бр.02-14949/9 од 23 неомври 2006 година се исцрпела во примената за која била донесена.

Ценејќи ги изнесените факти сумарно, произлегува дека оспорената одлука бр.02-14949/9 од 23 неомври 2006 година имала еднократно дејство што се исцрпело во прифатена или неприфатена можност за склучување на нови договори или за завршување на започнатите постапки под видоизменети, или за одделни прашања исти услови како во претходно донесената одлука бр.02-3874/3 од 10 мај 2005 година.

Тоа според Судот и дава на оспорената одлука карактер на акт што ја исцрпел својата содржината и дејството кој веќе не е во правниот поредок.

Имајќи го предвид ова, Судот оцени дека по однос на сите оспорени акти постојат процесни пречки за одлучување по иницијати-вата, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа­те­лот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.139/2007
24 октомври 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски