131/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на

– Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работните места во ЈЗУ Клиничка болница Битола, бр.02-185/2 од 24.04.2007 година и

– Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работните места во ЈЗУ Здравствен дом Битола, бр. 02-240/3 од 30.03.2007 година.

2. Слободан Димитров, адвокат од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените правилници се правело незаконито префрлање на секундарната здравствена дејност – орална хирургија од дејност на ЈЗУ Клиничка болница Битола во дејност на ЈЗУ Здравствен дом Битола, која врши примарна и превентивна заштита, што било спротивно на член 9 од Законот за здравствено осигурување и член 13 став 1 и член 31 став 2 од Правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, според кој стоматолошките здравствени услуги од орална хирургија не спаѓаат во примарната здравствена заштита.

Истовремено, постоела неусогласеност на Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работните места во ЈЗУ Клиничка болница Битола со Статутот на ЈЗУ Клиничка болница Битола, како и неусогласеност на Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работните места во ЈЗУ Здравствен дом Битола со Статутот на ЈЗУ Здравствен дом Битола.

Со ваквата норматива и измешаност на актите на ЈЗУ Клиничка болница Битола и на ЈЗУ Здравствен дом Битола, не се знаело кој е поединечен а кој општ акт, со што се нарушувале основните начела на владеење на правото, а посебно начелото на правна сигурност загарантирани со Уставот како темелни вредности, поради што се предлага поништување на оспорените правилници.

Исто така, врз основа на оспорените правилници се донесувале незаконити поединечни управни акти (одлука за отказ), што можело да доведе до ненадоместливи материјални последици за сите лица кои со оспорените акти за систематизација биле ставени во нееднаква положба према останатите работници во ЈЗУ Клиничка болница Битола, поради што се предлага, до донесување на одлука по оваа иницијатива, Уставниот суд да донесе решение за запирање на спроведувањето на оспорените правилници и запирање на извршувањето на сите поединечни управни акти донесени врз основа на овие правилници.

3. Судот на седницата утврди дека Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работните места во ЈЗУ Клиничка болница Битола, е донесен од Управниот одбор на оваа установа, на седниците одржани на 13 април 2007 година и на 23 април 2007 година, под број 01-185/2 од 24.04.2007 година.

Со овој правилник се вршат измени и дополнувања во Правилникот за организација и систематизација на работните места во ЈЗУ Клиничка болница Битола, така што се утврдуваат раководни работници во ЈЗУ Клиничка болница; се систематизира работно место чистачка на здравствени простории, се определува бројот на извршители и условите за работа на ова работно место; се вршат измени на организацијата и систематизацијата по поодделни одделенија ( одделение за детски болести; одделение за неонатологија; одделение за заразни болести и фебрилни состојби; одделение за пнеумофтизиологија; одделение за ургентна медицина; одделение за неврологија; одделение за психијатрија; одделение за кожни и венерични болести; одделение за физикална медицина и медицинска рехабилитација; одделение за болничка аптека; одделение за внатрешни болести со дијализа; одделение за нуклеарна медицина со клиничка патофизиологија; одделение за инфузиони раствори; одделение за радиолошка дијагностика; одделение за ментално здравје на деца и младинци; одделение за лабораториска дијагностика; одделение за трансфузиологија; одделение за патолошка анатомија и цитологија; одделение за судска медицина со криминалистика; одделение за анестезија, реанимација и интензивно лекување; одделение за урологија; одделение за очни болести; одделение за уво, нос и грло; одделение за неуррохируршки болести; одделение за гинекологија и акушерство; одделение за ортопедска хирургија и трауматологија; одделение за хируршки и трауматолошки болести; одделение за максилофацијална хирургија; одделение за правни, административни, кадрови и општи работи; одделение за технички работи; одделение за обезбедување со исхрана; одделение за информатика; одделение за економско финансиски работи); одделението за орална хирургија со сите извршители, се брише, како и се менуваат условите потребни за вршење на работите на работното место дипломирана медицинска сестра.

Правилникот влегол во сила осмиот ден од денот на неговото објавување на огласна табла, односно на 24 април 2007 година.

Со Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работните места во ЈЗУ Здравствен дом Битола, бр. 02-240/3 од 30.03.2007 година, се вршат измени во организацијата и систематизацијата на здравствената установа, на начин што во делот „Организација“ се додава нова точка со која се воведува нов организационен облик – Служба за орална хирургија со шест отсека, а во делот „Систематизација“ се утврдуваат работните места, бројот на извршители и потребние услови за вршење на работите во Службата за орална хирургија, како и се вршат одредени измени и дополнувања во бројот на извршители и условите за работа на одредени работни места во Службата за итна медицинска помош, домашно лекување и транспрт; Службата за економско финансиски и технички работи; Службата за правни, административни, кадрови и општи работи; како и се вршат измени на конкрертни работни места: помошник директор за стручни прашања, општи работници, главна медицинска сестра на служба, медицинска сестра со три години високо образование и медицинска сестра во патронаж.

Правилникот влегол во сила на 10 април 2007 година.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорените акти немаат карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба, поради што не се подобни за уставносудска оцена.

Имено, со оспорените правилници се вршат измени и дополнувања на внатрешната организација и систематизација на работните места во јавните здравствени установи Клиничка болница Битола и Здравствен дом Битола, што е во функција на извршување на здравствената дејност која ја оставруваат овие установи, што на правилниците има дава карактер на интерни акти.

Со оглед на фактот што оспорените правилници немаат карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставуваат интерни акти на здравствените установи, Судот не е надлежен за оценување на нивната согласност со Уставот и со закон, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

Во однос на наводите во иницијативата за неусогласеноста на оспорените правилници со статутите на јавните здравствени установи, односно со Правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, според Судот, во суштина тоа претставува барање за оцена на меѓусебната согласност на подзаконски акти со иста правна сила, што не е во надлежност на Уставниот суд, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата и во овој дел.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи, и судиите: д-р Трендафил Ивановски, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.131/2007
26 септември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи