137/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за изменување на Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2006).

2. Валентина Николовска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот правилник со кој се брише членот 49 од Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување не бил во согласност со Законот за здравствено осигурување и уставно загарантираното право на здравствена заштита. Ова затоа што едно право кое било основано признато и се остварувало скоро 20 години, Управниот одбор го укинува поѓајќи од сопственото сфаќање за непостоењето на понатамошна потреба од признавање на трошоците кои паѓаат на товар на Фондот, за лек што не е на листата на лекови, без притоа да се имаат доволно знаење за специфичните болести и состојбите за новооткриените лекови со ефикасно дејство.

Од тие причини, подносителот предлага Судот да го поништи оспорениот правилник, со што ќе го врати во важност членот 49 од Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 9 став 2, член 17 став 1, член 24 став 1, член 25 став 6, член 27 став 2, член 28 став 5 и член 56 став 1 точка 3 од Законот за здравствено осигурување, Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување донел Правилник за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2000, 4/2001, 71/2001, 23/2002, 55/2004 и 30/2006).

Според член 49 од наведениот правилник „ако осигуреното лице е заболено од болест за која нема лек од листата на лекови на товар на Фондот или неможе да биде заменет со друг лек од листата, може да оствари право на таков лек врз основа на оценката што ја дава лекарската комисија на фондот, дека лекот е неопходен и е единствен за тоа заболување“. Осигуреното лице за утврденото заболување и препорачаниот лек, доставува конзилијарно мислење од соодветната клиника до лекарската комисија на Фондот. Трошоците за наведениот лек од став 1 на овој член врз основа на веродостојна исправа и фискална сметка паѓаат на товар на Фондот во висина од најниската утврдена цена на лек од истата генерика доколку постојат различни производители.

Во оспорениот Правилникот за изменување на Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2006) во членот 1 е предвидено дека се брише членот 49 од Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување.

4. Соглсно членот 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според оваа уставна одредба, Уставниот суд не е надлежен да врши изменување и дополнување на законите и другите прописи ниту, пак, е во негова надлежност да ја оценува уставноста на одредби што не се во правниот поредок.

Од друга страна, согласно членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите, па според тоа исклучиво право е на Собранието да врши нивно изменување и дополнување.

Со оглед на фактот што со иницијативата се бара со поништување на оспорениот правилник да се врати во важење член 49 од Правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, Судот оцени дека барањето во иницијативата излегува надвор од рамките на надлежноста на Судот, поради што утврди дека е исполнет условот од член 28 алинеја 1 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.137/2007
19 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи