Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 во делот „и подзаконски прописи“; член 31 став 1 во делот „освен во случаи предвидени со закон“; и член 31 став 2 од Кодексот на полициска етика, донесен од министерот за внатрешни работи на Република Македонија.
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актот означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот дел од членот 3 на Кодексот на полициска етика немал уставна и законска основа од причина што надлежностите на полицијата и нејзината организација можеле да се уредуваат само со закон, а не и со подзаконски прописи, како што предвидувал оспорениот дел. Оттука, истиот не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, членовите 16, 49 став 1, 55 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, членовите 1 и 74 став 2 од Законот за внатрешни работи, како и со Законот за полиција.
Оспорениот дел на ставот 1 од членот 31 од Кодексот, како и став 2 на истиот член, според подносителот на иницијативата биле во спротивност со членот 54 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија од причина што слободите и правата на човекот и граѓанинот, што значи и на припадниците на полицијата, можеле да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Поради ова подносителот на иницијативата смета дека со наведениот член 31 став 1 во оспорениот дел и став 2 од Кодексот се повредувале членовите 8 став 1 алинеи 1 и 3, 9, 51 и 54 став 1 и 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 3 од Кодексот на полициската етика надлежностите на полицијата и нејзината организација се утврдуваат со закон и подзаконски прописи.
Според член 31 од истиот Кодекс припадниците на полицијата ги уживаат истите граѓански и политички права како и останатите граѓани на Република Македонија, освен во случаи предвидени со закон.
Правата на припадниците на полицијата од став 1 на овој член, можат да се ограничат само кога е тоа неопходно за извршување на функциите на полицијата, согласно закон и ратификуваните меѓународни договори за заштита на човекови права.
Припадниците на полицијата, правото на штрајк го остваруваат под услови и на начин утврдени со Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.
4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а во ставот 2 од истиот член се предвидува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени само за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.
Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 16 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2000 и 55/2002) Министерството за внатрешни работи ги врши работите што се однесуваат на остварување на системот на државната и јавната безбедност, пријавувањето на живеалиштето и престојувалиштето, државјанството и патните исправи за премин на државните граници, движењето и прстојот во граничниот појас, контролата на преминување на државната граница, како и определени работи во врска со утврдувањето и решавањето на граничните инциденти и другите повреди на границата, престојот и движењето на странците, производството, прометот, складирањето и заштитата од запаливи течности, гасови, експлозиви и други опасни материјали и превозот на овие материјали, укажувањето на помош при елементари непогоди и епидемии, набавувањето, поседувањето, носењето и контролата на обележувањето на оружјето и муницијата, надзорот од негова надлежност и врши други работи утврдени со закон.
Според членот 55 став 1 од истиот закон, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за ивршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Според член 61 став 1 од овој закон со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Тргнувајќи од законското овластување дефинирано во членот 16 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како lex generalis, членот 1 од Законот за внатрешни работи, како lex specialis, конкретно дефинира и одредува на што точно се однесуваат внатрешните работи и која е нивната надлежност.
Имено, според ова законска одредба, внатрешни работи во смисла на овој закон се работи кои се однесуваат на заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречување на вршење кривични дела, откривање и фаќање на сторители на кривични дела и нивно предавање на надлежни органи, заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот, спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија, одржување на јавниот ред и мир, спречување на разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, обезбедување на определени личности и објекти, регулирање и контрола на сообраќајот
на патишата и други работи сврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата, контрола на преминување на државната граница, движење и престој во граничниот појас, престој и движење на странци, утврдување и решавање на граничните инциденти и други повреди на државната граница, поставување, контрола и одржување на ознаките со кои се обележува граничниот појас на копно и вода, заштита од пожари и експлозии, контрола на условите во врска со производство, промет, набавување, поседување и носење на оружје, делови за оружје и муниција, производство, промет, складирање, превоз и заштита од експлозивни и други опасни материи и складирање и заштита од запалливи течности и гасови, контрола на пријавување и одјавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, укажување на помош при отстранување на последиците предизвикани од природни непогоди ии епидемии кои можат да го загрозат животот и здравјето на граѓаните и имотот и истражување и равој во областите од негова надлежност и други работи утврдени со закон.
Со член 74 став 2 од Законот за внатрешни работи, се овластува министерот за внатрешни работи да донесе Кодекс на полициска етика.
Поаѓајќи, од анализата на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека надлежноста односно организацијата и работата на Министерството за внатрешни работи како орган на државната управа јасно и децидно е дефинирана односно уредена со закон, конкретно со Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за внатрешни работи, како што впрочем и предвидува членот 95 став 3 од Уставот. Со оглед на тоа, Министерството за внатрешни работи, со содржината на оспорениот член 3 од Кодексот на полициска етика, всушност врши прецизирање на изворот на надлежностите на Министерството за внатрешни работи како орга на државната управа, од причини што многу подзаконски акти донеени во врска со внатрешните работи се во функција на извршување на законите.
Имено, во членот 6 од Законот за внатрешни работи, работниците во Министерството за внатрешни работи, работите и задачите ги извршуваат во согласност со правата, должностите и овластувањата утврдени со закон и други прописи донесени врз основа на закон.
Од анализата на цитираната законска одредба, а во корелација со оспорениот член 3 од Кодексот, Судот оцени дека Министерството за внатрешни работи може да носи подзаконски прописи кои ја доуредуваат организацијата и работата на Министерството во чии рамки се утврдуваат и надлежностите на сите посебни организациони единици во Министерството за внатрешни работи. Имено, содржината на оспорениот член 3 од Кодексот е во функција на прецизирање на изворот на надлежностите на Министерството за внатрешни работи како орган на државната управа.
Според Судот, тргнувајќи од наведеното, членот 3 во оспорениот дел не е во колизија со одредбите на членовите од Уставот на кои се укажува во иницијативата.
Што се однесува до наводите во иницијативата по однос на оспорениот член 31 став 1 во делот „освен во случаи предвидени со закон“ и став 2 од Кодексот на полициската етика, Судот оцени дека со ова решение од оспорениот подзаконски пропис генерално не се ограничуваат основните права и слободи на припадниците на полицијата. Ова од причина што во случајов станува збор за специфичен вид на работа која ја вршат припадниците на полицијата и истите ги имаат истите граѓански и политички права како и останатите граѓани на Република Македонија, освен во случаи предвидени со закон со оглед на нивниот вид на работа. Имено, членот 31 во оспорените делови всушност предвидува ограничување на одредени права на овластените службени лица во полицијата само кога тоа е неопходно за заштита на безбедноста на државата.
Членот 67 од Законот за внатрешни работи предвидува дека министерот за внатрешни работи може да забрани патување во странство на работник во Министерството за внатрешни работи во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на одбраната на Република Македонија.
Меѓутоа, според Судот, ваквото ограничување кое е доразработено во сега оспорениот член 31 од Кодексот, всушност претставува ограничување само на одредени граѓански права на оваа категорија вработени во Министерството кое е рефлексија од специфичниот карактер на работата на овие лица, а со цел заштита на интересите на државата.
Оттука, ограничувањето на правата на припадниците на полицијата, според мислењето на Судот, настапува по оценка на министерот кога е тоа неопходно за ивршување на функцијата на полицијата, што претставува уште една потврда за специфичниот карактер на работата на Полицијата. Ова особено во однос на заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори за заштита на правниот поредок, одржување на јавниот ред и мир во државата, на кој начин го остварува системот на државната и јавната безбедност во Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како вво точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.148/2007
19 септември 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи