Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 12 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2006).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Славица Грковска од Скопје, Никола Поповски од Скопје, Јани Макрадули од Скопје, Весна Бендевска од Битола, Тале Герамитчиоски од Прилеп и Борис Кондарко од Скопје, со Решение У.бр.20/2007 од 20 јуни 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 12 од Законот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека со членот 12 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2007 година е предвидено дека на избраните и именуваните функционери кај буџетските корисници од централната власт кои пред нивниот избор или
именување имале живеалиште или престојувалиште во странство или биле на работа во странство, од денот на нивното именување заклучно со денот на нивното разрешување им следува надоместок на трошоци за одржување на нивниот имот во странство. Владата на Република Македонија со одлука ќе ја определи висината на надоместокот за одржување на имот.
5. Согласно членот 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во III дел од Уставот кој се однесува на „Организацијата на државната власт“, со членот 61 е определено дека Собранието на Република Македонија е носител на законодавната власт на Републиката.
Со одредбите од членот 68 од Уставот се утврдени надлежностите на Собранието на Република Македонија, во кои е и донесувањето на закони и донесувањето на републичкиот буџет и завршната сметка на буџетот.
Согласно членот 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Со членот 91 од Уставот се утврдени надлежностите на Владата на Република Македонија, во кои, меѓу другото е определено дека ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието.
Според членот 92 од Уставот, Владата и секој нејзин член, за својата работа одговарат пред Собранието.
Со одредбите од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003 и 55/2005) е уредено дека во рамките на своите права и должности утврдени со Уставот и со закон, Владата и секој нејзин член, кои се избират и разрешуваат од Собранието на Република Македонија, за својата работа одговараат пред Собранието.
Владата, покрај надлежностите утврдени со Уставот, согласно членот 8 од овој закон, ги врши и следниве работи: ја утврдува развојната и економската политика; утврдува програма за активности во областа на одбраната и безбедноста и го обезбедува нивното спроведување, презема мерки за остварување на слободата на пазарот и претприемништвото, како и мерки против монополската положба на пазарот, го поттикнува економскиот напредок и остварување на порамномерен просторен и регионален развој; утврдува стратегија за привлекување на странски инвестиции; одлучува за располагањето и користењето на државниот капитал во согласност со закон; го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој; утврдува стратегија и презема мерки за вклучување во европските и евроатланските интеграции и други меѓународни структури; презема мерки за создавање услови за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, и други работи утврдени со закон.
Според членот 35 од овој закон, за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.
Со Законот за буџетите („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2005) се уредува постапката за изготвување, донесување, извршување на Буџетот на Република Македонија и буџетите на единиците на локалната самоуправа и на градот Скопје.
Според членот 2 од овој закон, буџетски корисници се корисници од прва линија од областа на законодавната, извршната и судската власт (централна власт), потоа фондовите, корисниците на буџетите на општините и корисниците основани со закон, на кои им е доверено вршење на јавни овластувања.
Согласно членот 1 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2007 година, Буџетот на Република Македонија за 2007 година се извршува според одредбите на овој закон.
Собранието на Република Македонија го донел Буџетот на Република Македонија за 2007 година на седницата одржана на 29 декември 2006 година и е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 139/2006 година.
Во Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2007 година се содржани одредби со кои меѓу другото е предвидено: право на надоместок на трошоци за одвоен живот од семејството во висина од 40% од просечната месечна нето плата исплатена во Република Македонија во претходните три месеци за избраните и именуваните функционери кај буџетските корисници од централната власт како и единките корисници од денот на нивното именување заклучно со денот на нивното разрешување при што не им следува надоместок за трошоци на превоз (член 9); потоа, право на користење на службен стан или закупнина за стан, при што надоместокот за одвоен живот и надоместокот за службен стан меѓусебно се исклучуваат (член 10); овие права од членовите 9 и 10 се применуваат и на лица на служба во Армијата на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи; потоа, се предвидува надоместок за превоз до и од работно место на избраните и именуваните функционери кај буџетските корисници од централната власт и единките корисници под определени законски услови (член 13); потоа, се предвидува надоместок за исхрана за вработените кај буџетските корисници од централната власт и единките корисници под услови кои се определени со законот (член 14).
Со оспорената одредба од членот 12 од овој закон, во рамките на уредувањето на правата кои се наведени, е уредено и посебно право на избраните и именуваните функционери кај буџетските корисници само од централната власт, кои пред нивниот избор или именување имале живеалиште или престојувалиште во странство или биле на работа во странство, од денот на нивното именување заклучно со денот на нивното разрешување да им следува надоместок на трошоците за одржување на нивниот имот во странство. Владата на Република Македонија со своја одлука ќе ја определела висината на надоместокот за одржување на имотот.
Имено, со овој закон за избраните и именуваните функционери кај буџетските корисници од централната власт, а кои пред нивниот избор или именување имале живеалиште или престојувалиште во странство, им се дадени права од работниот однос кои се однесуваат за одвоен живот, службен стан, за превоз и исхрана и им се дадени посебни права кои се резултат од нивниот статус со живеалиштето односно престојувалиштето во странство пред изборот или именувањето на јавна функција во централната власт.
Според Судот со оспорената одредба од Законот, им се дава право на надоместок на наведените лица, кој се определувал со одлука на Владата како подзаконски акт, а кој всушност нема и објективизирани критериуми во самиот Закон за операционализација со одлуката, за висината и конкретната намена на надоместокот.
Од друга страна, Судот утврди дека не е јасна и намената на надоместокот. Поаѓајќи од анализата на оспорената одредба од Законот, одредбата е нејасна за кои конкретните потреби и намени е предвиден надоместокот и одредбата од тој аспект е непрецизна, недоволно дефинирана и определива, така што и во отсуство на критериуми за висината на надоместокот таа создава простор за арбитрерност што во основа го доведува во прашање начелото на владеење на правото.
Според Судот, од уставносудската анализа произлегува дека во основа со оспорената одредба од Законот се обезбедува плаќање на посебен надомест како ексклузивно право на одредена група функционери од централната власт за приватни намени кои општо се однесуваат на одржување на нивните имоти во странство и долговите на тоа одржување, при што тој надомест е предвиден да се исплаќа од средствата на Буџетот на Република Македонија односно да биде финансиски товар на граѓаните и другите субјекти од кои се реализира Буџетот на Република Македонија, меѓутоа тоа го доведува во прашање суштинското остварување на целите на Законот за извршување на Буџетот кои опфаќаат наменско, рационално, економично и ефикасно користење на буџетските средства, а со тоа правната интенција и формулација на оспорената одредба од Законот не обезбедува правна сигурност на граѓаните што е елемент на уставниот принцип на владеење на правото согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Имајќи ја предвид уставната позиција на Владата на Република Македонија и нејзините надлежности кои се од битно значење за општествено-економскиот живот во Републиката, како и нејзината одговорност за спроведување на политиката на законите и другите прописи од сите сфери, а особено од економската сфера на општеството, Судот утврди дека неможе а да не се има предвид дека и делувањето на Владата за постигнување на тие цели е прашање на изборот на стратегијата на Владата, која функционира со своите избрани и именувани функционери во централната власт во областите од својата надлежност за кои треба да оствари резултати. Меѓутоа, законот треба да постави баланс на правата и обврските врз основа на кои Владата на Република Македонија ќе ги димензионира своите делувања, и притоа таа е должна да се движи во тие рамки, а не да ги креира самостојно со подзаконски акт, на што упатува во случајов и оспорената одредба од Законот. Имено, Судот оцени дека овластувањето кое со оспорената одредба се дава на Владата на Република Македонија, упатува не само да ја определи со своја одлука висината на надоместокот туку во тие рамки и позициите за кои се однесува одржувањето на имотот, што значи да ја определи и конкретизира намената на надоместокот.
Од овие причини, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.20/2007
19 септември 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи