70/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 30 став 3 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот од членот 30 став 3 од Законот за санитарната и здравствената инспекција, означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека во оспорената одредба било содржано овластување за министерот за здравство да ја пропишува висината на трошоците на инспекциски надзор во постапките поведени по барање на странката за што немало уставна основа. Ова од причина што во Законот за санитарната и здравствената инспекција не биле содржани критериуми и мерила врз основа на кои би се определила висината на трошоците и не било дефинирано што се смета како трошок и кои се реалните трошоци направени во постапката при вршење на инспекциски надзор.

При таква состојба произлегувало дека министерот за здравство при утврдувањето, односно пропишувањето на висината на трошоците во постапките од членот 30 став 1 од Законот ги утврдувал и критериумите и мерилата за определување на висината на трошоците во постапките, кое нешто одстапувало од принципот на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска. Оттаму, даденото овластување значело навлегување на извршната во законодавната власт што било спротивно на членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, членот 51, членот 68 став 1 алинеја 2, членот 91 алинеја 1 и 5, членот 95 став 3 и членот 96 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 30 став 1 од Законот, трошоците на инспекцискиот надзор во постапките поведени по барање на странка согласно со закон, паѓаат на товар на странката. Основни критериуми за утврдување на висината на трошоците во постапката се реалните трошоци направени при спроведувањето на постапката при вршењето на инспекцискиот надзор (став 2). Начинот на пресметување и висината на трошоците во постапките од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот.

Одредбата се оспорува во делот: „и висината“ од ставот 3 на членот 30 од Законот.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони, а според членот 91 алинеја 1 и 5 Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според членот 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 1 од Законот за санитарната и здравствената инспекција, сo овој закон се уредуваат надлежноста и организацијата на санитарната и здравствената инспекција, назначувањето на санитарните и здравствените инспектори, овластувањата и постапката за вршење на инспекцискиот надзор.

Според член 2 од Законот, санитарната и здравствената инспекција опфаќа инспекциски надзор над спроведувањето на законите и другите прописи донесени врз основа на законите од областа на санитарно-хигиенската, епидемиолошката и здравствената заштита на населението, здравственото осигурување и евиденциите во областа на здравството (став 1). Инспекцискиот надзор ги опфаќа просторот, објектите, просториите, уредите и опремата, дејностите и лицата кои вршат здравствена дејност, како и лицата кои на кој било начин можат штетно да влијаат врз здравјето на луѓето (став 2).

Во членот 4 од Законот се наведени сите мерки и активности како и места и субјекти каде инспекторот врши санитарно-хигиенскати и здравствен надзор.

Во членот 5 од Законот се определени дејствијата што ги врши Инспекторатот во областа на здравствената заштита и здра-вственото осигурување.

Според член 8 став 1 од Законот, инспекцискиот надзор во рамките на надлежноста на Инспекторатот го вршат државни санитарни и здравствени инспектори.

Според член 15 од Законот, во вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторот е овластен да ги прегледа сите работни и помошни простории, односно простори, документација, пропишаната евиденција, опремата како и предметите за работа коишто подлежат на инспекциски надзор, да побара изјава од одговорните вработени, изјави од сведоци, мостри за анализи, брисеви, а по потреба можат да користат услуги на други стручни правни лица.

Какви се овластувањата на инспекторите при вршењето на инспекторскиот надзор е определено во членот 17 од Законот.

Според член 21 од Законот, инспекцискиот надзор инспе-кторот го врши преку:
– редовен инспекциски надзор,
– вонреден инспекциски надзор и
– контролен инспекциски надзор.

Во членот 23 од Законот е определено дека, вонредниот инспекциски надзор се врши врз основа на иницијативи, претставки и предлози поднесени од државни органи, правни и физички лица, како и во случај на опасност и појава на епидемии и други околности по оцена на Инспекторатот.

Според член 26 од Законот, во вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторите постапуваат според одредбите од Законот за општата управна постапка, освен кога е тоа поинаку определено со овој закон.

Разгледувајќи ја оспорената одредба во контекст на наведените законски одредби произлегува дека истата се однесува на вршењето на вонреден инспекциски надзор, по барање на странка (член 21 алинеја 2, член 23 и член 30 став 1 од Законот) пришто инспекторот презема дејствија определени во членот 15 од Законот како што се: преглед на работни и помошни простории и простори, преглед на документацијата и пропишаната евиденција, опремата и предметите за работа коишто подлежат на инспекциски надзор, барање изјава од одговорните вработени, сведоци, земање на мостри за анализи, брисеви, а по потреба инспекторите можат да користат и услуги на други стручни правни лица.

Според член 116 став 1 од Законот за општата управна постапка (’Службен весник на Република Македонија’’ број 38/2005), посебните издатоци во готови пари на органот што ја води постапката, како што се: патните трошоци на службените лица, издатоците за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично, а кои настанале со спроведување на постапката по некоја управна работа, по правило ги поднесува оној што ја предизвикал целата постапка.

Според член 119 од истиот закон, ако постапката се поведува по барање на странката, а со сигурност може да се предвиди дека ќе предизвика посебни издатоци во готови пари во врска со увидот, вештачењето, доаѓањето на сведоци и слично, органот што ја води постапката со заклучок може да определи странката однапред да положи посебен износ за покривање на тие трошоци. Ако странката не го положи тој износ во определениот рок, органот може да се откаже од изведувањето на тие докази или да ја запре постапката, освен ако продолжувањето на постапката го бара јавниот интерес.

Според член 121 став 1 од Законот за општата управна постапка, сведоците, вештаците, толкувачите и службените лица имаат право на надоместок на трошоците за патување, на издатоците предизвикани со престојот во местото, а ако за тоа време не им припаѓа заработка, имаат право уште и на загубена заработувачка. Покрај надоместокот, вештаците и толкувачите имаат право и на посебна награда.

Од содржината на наведените одредби произлегува дека Законот за општата управна постапка на генерален начин ја уредил проблематиката на трошоците во управната постапка и во правниот поредок е поставен како Lex generalis во однос на сите управни постапки, во кои спаѓа и постапката за вршење на санитарна и здравствена инспекција. Впрочем и од содржината на членот 26 од Законот за санитарната и здравстевна инспекција, произлегува дека, во вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторите постапуваат според одредбите од Законот за општата управна постапка.

Имајќи ја предвид содржината на наведените законски одредби произлегува дека е неоснован наводот од иницијативата за непостоење на законска рамка за определување на висината на трошоците во постапката на инспекциски надзор. Имено, наведените законски одредби од Законот за санитарната и здравствена инспекција и Законот за општата управна постапка утврдиле рамка, односно критериуми за определување на висината на трошоците за инспекциски надзор, во случаите кога тој се врши на барање на странка. Притоа, во членот 30 став 2 од Законот таквите трошоци се определени како реални што значи дека се однесуваат на посебни издатоци во готови пари на органот што ја спроведува постапката како што се: патните трошоци на службените лица, издатоците за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично, а кои настанале со спроведување на постапката за инспекциски надзор. Притоа, определувањето на нивната висина треба да биде разумна и соодветна, односно приближно еднаква на реалните трошоци на конкретно спроведена постапка за инспекциски надзор.

Според напред наведеното произлегува дека овластува-њето на министерот за здравство да ја утврди висината на трошоците во постапката за инспекциски надзор во случај кога таа се спроведува на барање на странка онака како што е утврдено во оспорениот дел од членот 30 став 3 од Законот, не може да се доведе под сомневање од аспект на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и уставно утврдената положба и улога на Владата на Република Македонија, како носител на извршната власт, да донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Тоа воедно значи дека министерот за здравство при определување на висината на надоместокот на трошоците во постапката за инспекциски надзор задолжително треба да води сметка висината на ваквиот вид трошоци да биде разумна и соодветна во рамките на тоа што значи реални трошоци. Прашањето дали во донесениот подзаконски акт министерот за здравство се движи токму во рамките на така даденото овластување и определените законски критериуми може да биде предмет на оцена единствено преку оспорувањето на уставноста и законитоста на тој конктерен подзаконски акт.

Оттаму, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорениот дел од членот 30 став 3 од Законот со членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, членот 51, членот 68 став 1 алинеја 2, членот 91 алинеја 1 и 5, членот 95 став 3 и членот 96 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа­те­лот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова–Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Списовски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.70/2007
19 септември 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи