У.бр.163/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за разрешување на членови од партиципативното тело на општина Аеродром од областа на урбанизмот, број 07-17/4 од 3 јули 2007 година, донесена од Советот на општина Аеродром („Службен гласник на општина Аеродром“ број 27/2007).

2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била донесена спротивно на одредбите од Деловникот за работа на Советот на општина Аеродром бидејќи Советот на општината не постапувал и не одлучувал за точките од дневниот ред на 63-та седница на Советот на општината Аеродром предложени од Градоначалникот на оштината, туку гласале за изнесен став на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања по однос на предлогот на Градоначалникот, и била донесена Одлуката за разрешување на членови од партиципативното тело на општината Аеродром од областа на урбанизмот, која Советот потоа истата и ја потврдил.

Од овие причини оспорената одлука била во спротивност со Деловникот за работа на Советот на општина Аеродром и со членот 51 од Законот за локалната самоуправа.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром ја донел оспорената Одлука со која во членот 1 определил дека се потврдува Одлуката за разрешување на членови од партиципативното тело на општина Аеродром од областа на урбанизмот, број 07-3893/8 од 22 јуни 2007 година. Со членот 2 од оваа одлука е определено дека се врши разрешување на членови од партиципативното тело на општина Аеродром од областа на урбанизмот и тоа: Љубиша Јовановски – дипломиран инженер архитект и Мирјана Ефремова – дипломиран инженер архитект.

Според членот 3 оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договир со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од содржината на оспорената одлука Судот оцени дека таа не е пропис во смисла на членот 110 од Уставот, бидејќи со неа се одлучува за разрешување на членови од партиципативното тело на општината поради што одлуката претставува конкретен, поединечен акт во работењето на општината, има правно дејство за определени субјекти, односно не уредува општо односи во правото па поради тоа нема карактер на пропис подобен за уставносудска оцена.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.163/2007
19 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи