У.бр.201/2006-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 42 во делот „само една“, од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 36/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Комисијата за заштита на конкуренцијата со Решение У.бр.201/2006 од 6 јуни 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 42 во делот „само една“ од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 42 од Законот за енергетика е предвидено:

„Во Република Македонија може да се издаде само една лиценца за:

– пренос на електрична енергија,
– управување со електроенергетски систем,
– организирање и управување со пазарот на електрична енергија,
– дистрибуција на електрична енергија,
– управување со системот за дистрибуција на електрична енергија,
– снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи на големо,
– снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи на мало,
– пренос на природен гас и
– управување со системот за пренос на природен гас“.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 55 став 1 од Уставот е утврдено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според ставот 2 од овој член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Во ставот 3 од овој член од Уставот е определено дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со одредбите од Законот за енергетика е уреден правниот режим за обезбедување на целите на овој закон кои се предвидени во членот 2, со кои требало да се обезбеди сигурно, квалитетно и ефикасно снабдување со енергија на потрошувачите и да се создаде финансиски одржлив енергетски сектор, негов развој и заштита на животната средина од негативните влијанија при вршењето на одделни дејности од областа на енергетиката.

Со членот 3 од Законот се определени дејностите од областа на енергетиката, а според членот 4 дејностите од областа на енергетиката можат да ги вршат домашни и странски правни лица врз основа на лиценца издадена од страна на Регулаторната комисија за енергетика, под услови и на начин определени со овој закон за секоја од дејностите од членот 3, освен ако поинаку не е уредено со овој закон.

Дејностите од членот 3 на овој закон можат да се вршат ако субјектите, уредите и постројките за вршење на тие дејности ги исполнуваат пропишаните стандарди, технички нормативи, и нормите за квалитет и со нивната работа да не се загрозуваат луѓето, материјалните добра, животната средина и природата.

Со членовите 6 и 7 од Законот е определено кои дејности можат да ги вршат трговски друштва или јавни претпријатија основани во согласност со закон.

Дејностите на пренос на електрична енергија и пренос на природен гас како и управувањето со овие системи ги вршат јавни претпријатија, односно акционерски друштва основани од Владата на Република Македонија како единствен акционер, односно акционерско друштво во доминантна сопственост на државата основани од Владата на Република Македонија.

Според членот 16 од Законот, потребите од вкупните количества на енергија и од одделни видови енергија во Републиката, за определен временски период и можностите за нивно задоволување со производство и од увоз, се утврдуваат со енергетски баланс на Републиката, кој годишно го изготвува Министерството, а го донесува Владата на Република Македонија.

Според членот 19 алинеја 7 од Законот, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија има надлежност да издава, менува, одзема и го следи извршувањето на лиценците за вршење одделни дејности од областа на енергетиката.

Во Главата IV од Законот, која се однесува на „лиценци“ со одредбите од членовите 37 до 51 се уредени прашањата за вршењето на енергетските дејности со лиценци.

Со членот 37 став 2 од Законот е предвидено за кои дејности лиценца не е потребна. Со другите одредби од овој член е предвидено дека лиценцата се издава за период од три до 35 години во зависност од видот на енергетската дејност и во зависност од други елементи наброени во Законот.

На исто лице може да му се издадат лиценци за вршење на повеќе дејности од членот 3 на овој закон само под услови определени со овој закон.

На правното лице на кое, согласно членот 39 од Законот, му е издадена одлука за овластување за изградба на нов енергетски објект, Регулаторната комисија за енергетика ќе му издаде лиценца во согласност со овој закон. Инвеститорот ќе ја отпочне постапката за добивање на лиценца веднаш по отпочнувањето на градбата на новиот енергетски објект. Во овој случај Регулаторната комсија е должна да ја издаде лиценцата во определен рок.

Во овој дел со Законот е јасно определено дека лиценци се издаваат за вршење на сите енергетски дејности освен за посебно издвоените во членот 37, и со закон е определено задолжителното давање на лиценца на барател под определени услови (инвеститор – градител на енергетски објект со одобрение за тоа).

Со оспорениот член 42 од Законот, е уредено дека во Република Македонија може да се издаде само една лиценца за вршење на посебно наведените енергетски дејности.

Со одредбите од Законот воедно се пропишани содржината, измените, продолжувањата, престанокот и суспендирањето на лиценците и други прашања.

Во овој дел со Законот се определени начинот и условите за вршење на енергетски дејности со лиценци и исклучивата надлежност на Регулаторната комисија за одлучување за издавање на лиценци.

Од погоре изнесената елаборација на одредбите од Законот за енергетика, Судот утврди дека законодавецот во уредувањето на предметната материја на овој закон, како во целина така и во делот на лиценците, не препуштил нелимитирано да завладеат комерцијалните правила за организирање, управување и вршење на енергетските дејности. Ова особено поради тоа што енергетската политика на Република Македонија е основот на кој законодавецот го воспоставил правниот режим на Законот за енергетика, и во тие рамки ги димензионирал односите (правата и обврските на субјектите) поаѓајќи од целите кои требало да ги обезбеди спроведувањето на овој закон.

Соодветно на тоа, со одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот е уредено дека енергетската политика се утврдува со Стратегија за развој на енергетиката и програмата за реализација на Стратегијата. Владата на Република Македонија по предлог на министерството, донесува Стратегија за развој на енергетика за период од 20 години во која се утврдуваат: долгорочни цели за развој заради сигурност во снабдувањето со различни видови енергија; приоритети на развој; извори и начин за обезбедување на потребни количества енергија; енеретски ресурси и капацитети од стратешка важност за државата; преобразба на енергетски сектор; поттикнувачки мерки за користење обновливи извори на енергија; исполнување на обврски од меѓународни акти; услови и начин за обезбедување на заштита на животната средина и мерки на заштита и друго.

Сите дејности предвидени со оспорениот член 42, како и со членот 43, се дејности од јавен интерес согласно членот 6 од Законот. Дејностите чие извршување со членот 42 од Законот е ограничено со издавање на само една лиценца на територијата на Република Македонија (преносот и дистрибуцијата на електричната енергија и управувањето со системот за дистрибуција, преносот на природен гас и управување со системот за пренос на природен гас), се дејности кои дирекно не учествуваат на пазарот на енергија на конкурентска основа и претпримеништво, и овие дејности преку издавање на лиценците дирекно се поврзани со законски регулиран режим на делување. Меѓутоа, технолошката условеност на поврзаната мрежна инфраструктура за пренос и транспорт (во земјата и во странство), дистрибуцијата, складирањето, контролата и безбедноста на испорака та на енергија или енергетски производ и управувањето со оваа инфраструктура, според Судот не може да претставува основа за ограничување на лиценците кои Регулаторната комисија ги издава, бидејќи и либерализацијата во издавањето на лиценците може да продолжи да се остварува во рамки на правен режим кој ќе го одржува балансот на енергетската политика во услови на слобода на пазарот и претприемништвото согласно членот 55 од Уставот.

Според Судот, регулацијата на државата во економската сфера, меѓу кои и во областа на енергетиката, не може да биде на штета на слободата на пазарот и претприемништвото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Поаѓајќи од тоа, ограничувањето на лиценците во оспорената одредба од Законот, содржи ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото на учесниците на овој пазар бидејќи ограничувањето всушност е сведено на еден учесник за една енергетска дејност на територијата на Република Македонија, исклучувајќи било каква конкуренција во однос на учесниците по ниеден основ.

Со оглед на тоа ограничувањето за издавање на само една лиценца, како што е тоа уредено со оспорениот член од Законот, Судот оцени дека задира во основите на економските односи спротивно на нормите во Уставот, односно не претставува степен од развојот на регулативата во енергетиката кој ги поминува фазите до либерализација која би следела со идни услови за инфраструктурен и друг развој туку е во спротивност со елементите на слободниот пазар и конкуренција.

Од овие причини Судот утврди дека делот на оспорената одредба од Законот не е во согласност со членот 55 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.201/2006
19 септември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи