Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за именување на членови на партиципативното тело на општина Аеродром од областа на урбанизмот бр.07-17/6, донесена од Советот на општината на 3 јули 2007 година и објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.27/2007.
2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативи за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата на продолжението на Шеесет и третата седница на Советот на општина Аеродром, претседателот на Советот без да го стави на дневен ред оригиналниот предлог на Одлуката за именување на член на партиципативното тело на општина Аеродром од областа на урбанизмот доставена од страна на градоначалникот на општина Аеродром, директно го ставил на гласање изнесениот став на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, и по однос на предложената одлука од страна на Комисијата, не бил доставен писмен материјал. И покрај овие правни недостатоци, Советот на општина Аеродром го изгласал усмениот предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања без да се произнесе по предлог одлуката доставена од градоначалникот на општината како предлагач.
Подносителот на иницијативата смета дека оспорената одлука била во спротивност со одредбите од Законот за локалната самоуправа, поради што согласно членот 51 од Законот за локална самоуправа, донел решение за запирање на објавувањето на Одлуката за именување на членови од партиципативното тело на општина Аеродом од областа на урбанизмот, со број 08-4241/1 од 26 јуни 2007 година.
На својата Шеесет и четврта седница, одржана на 29 јуни 2007 година, Советот на општина Аеродром донесел одлука која што ја наслови како Одлука за потврдување на Одлуката за именување на членови од партиципативното тело на општина Аеродром од областа на урбанизмот.
Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да ја поништи Одлуката за потврдување на Одлуката за именување на членови од партиципативното тело на општина Аеродром од областа на урбанизмот.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општината ја донел оспорената Одлука за потврдување на Одлуката за именување на членови од партиципативното тело на општина Аеродром од областа на урбанизмот.
Според член 1 од оспорената Одлука, се потврдува Одлуката за именување на членови од партиципативното тело на општина Аеродром од областа на урбанизмот, број 07-3893/9 од 22 јуни 2007 година, донесена на продолжението на Шеесет и треттата седница на Советот на општина Аеродром.
Во член 2 од Одлуката е утврдено дека со неа се врши именување на членови од партиципативното тело на општина Аеродром од областа на урбанизмот и тоа:
– Иван Кокалановски – дипломиран инженер архитетк и
– Никола Велковски – дипломиран инженер архитект.
Во член 3 од Одлуката, е утврдено дека таа стапува на сила со денот на објавување во Службен гласник на општина Аеродром.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договири со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен круг на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниот случај оспорената одлука има карактер на поединечен акт, односно нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, поради што истата не може да биде предмет на уставно судска оцена.
Имено, од содржината на оспорената Одлука произлегува дека со неа се врши поименично именување на членови на партиципативното тело на општина Аеродром, од што произлегува дека одлуката, по својата форма и содржина претставува поединечен акт, поради што Судот ја отфрли иницијативата бидејќи не е надлежен да одлучува за барањето.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.164/2007
12 септември 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи