106/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.126/2006).

2. Ангелина Гогушевска, Розе Стојкова и Александар Попикономов, овластени стечајни управници од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 2 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, определувањето во означените законски одредби, за стечаен управник да не може да се именува управник кој до тој момент веќе води стечајна постапка во најмалку три претпријатија, значело ограничување на бројот на стечајните постапки кои може да ги води еден стечаен управник надвор од случаите во кои може да се ограничи слободата на пазарот и претприемништвото (тие случаи се: одбрана на Републиката, заштита на природната и животната средина и заштита на здравјето на луѓето), поради што таквите законски одредби ја повредувале слободата на пазарот и претприемништвото како темелна вредност на уставниот поредок и како основа на економските односи во Републиката. Поради тоа, членовите 2 и 3 од означениот закон не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 7 и со член 55 став 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај се определува дека „По членот 22 се додава нов член 22-а, кој гласи: „за стечаен управник не може да се именува управник кој до тој момент веќе води стечајна постапка во најмалку три претпријатија“. Во оспорениот член 3 од наведениот закон е определено дека „одредбата од членот 2 на овој закон ќе се применува од 30 јуни 2007 година“.

Судот исто така утврди дека со член 5 од Законот за изменување на Законот за стечај, донесен на 21 јуни 2007 година и кој влезе во сила на 12 јули 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2007), избришани се членовите 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.126/2006).

Од изнесената фактичка состојба произлегува дека оспорените членови 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.126/2006) престанале да важат на 12 јули 2007 година и дека во времето на нивното важење тие не биле применувани.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), „Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата“.

Со оглед на тоа што оспорените законски одредби престанале да важат и со тоа се надвор од правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека тие не можат да бидат предмет на оцена поради постоење процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.106/2007
12 септември 2007 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи