68/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 48 став 2 во делот „со Одлуката за именување на Комисијата, Владата ја определува висината на надоместокот за работа на Комисијата која се исплаќа од страна на Централниот регистар“ од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.68/2007 од 6 јуни 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 48 став 2 во делот „со Одлуката за именување на комисијата, Владата ја определува висината на надоместокот на Комисијата која се исплаќа од страна на Централниот регистар“ од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 88 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, покрај друго, се уредени и прашањата кои се однесуваат на постапката за упис во Централниот регистар, правото на жалба на подносителот на барањето против решението за упис во Централниот регистар, органот односно, Комисијата за жалба која одлучува во втор степен, составот, изборот и надлежноста на Комисијата за жалби чии членови ги именува Владата на Република Македонија.

Во оспорениот дел на член 48 став 2 од Законот е предвидено дека со Одлуката за именување на Комисијата, Владата ја определува висината на надоместокот за работа на Комисијата која се исплаќа од страна на Централниот регистар.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Во членот 88 од Уставот е предвидено дека Владата е носител на извршната власт.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Владата како носител на извршна власт може во насока на реализација на законски одредби да разработи одделни одредби на законот и другите прашања заради нивно извршување.

Оттука, според Судот не е спорно дека членовите на Комисијата кои одлучуваат во втор степен по жалба на субјектот кој учествувал во постапката за упис во Централниот регистар треба да добијат надоместок за својата работа.
Меѓутоа, имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба според која Владата со Одлуката со која ги именува членовите на Комисијата која одлучува во втор степен по жалба го утврдува и надоместокот на членови на Комисијата, како и целината на одредбите од Законот со кои е регулирано прашањето на изборот, составот и надлежноста на комисијата Судот утврди дека Законот не содржи параметри врз основа на кои Владата ќе го утврди предвидениот надоместок.

Според тоа, во услови кога законот не содржи никакви критериуми врз основа на кои Владата на Република Македонија ќе го утврди надоместокот на членовите на Комисијата, произлегува дека утврденото овластување на Владата во оспорениот член 48 став 2 не е во функција на разработка односно операционализација на законските одредби заради нивно извршување, туку води кон утрдување на право и обврски на граѓаните и правните лица со подзаконски акт и остава можност за арбитрерност и мешање на изршната во законодавната власт, поради што Судот оцени дека оспорениот дел од член 48 став 2 од Законот не е во согласност со наведените уставни одредби.

6. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.68/2007
12 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи