Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 јули 2007 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Законот за решавање на судирите на законите со прописите на други земји во определени односи („Службен лист на СФРЈ“ бр. 43/1982 и 72/1982).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов, од Скопје, со Решение У.бр.127/2006 од 18 април 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на актот означен во точка 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека Законот за решaвање на судирите на законите со прописите на други земји во определени односи е усвоен од Собранието на СФРЈ, на седницата на Сојузниот собор од 15 јули 1982 година. Исправка на Законот, од страна на Секретаријатот за законодавство на Собранието на СФРЈ е извршена на 14 ноември 1982 година.
Материјата во Законот е поделена во шест глави, во 109 членови.
Во Главата прва, Основни одредби, која има 13 членови, е определено дека овој закон содржи правила за определување на меродавното право за статусните, семејните и имотните, односно другите материјално-правни односи со меѓународен елемент (член 1 став 1 од Законот).
Согласно ставот 2 на истиот член, овој закон содржи и правила за надлежноста на судовите и на другите органи на СФРЈ за расправање на односите од ставот 1 на овој член, правила на постапката и правила за признавање и извршување на странски судски и арбитражни одлуки.
Според член 2 на овој закон, ако овој закон нема одредби за правото меродавно за некој однос од член 1 став 1 на овој закон, сходно се применуваат одредбите и начелата на овој закон, начелата на правниот поредок на СФРЈ и начелата на меѓународното приватно право.
Согласно член 3 на овој закон, одредбите од овој закон не се применуваат на односите од член 1 на овој закон ако се регулирани со друг сојузен закон или со меѓународни договори.
Според член 4 од истиот закон, не се применува правото на странска држава ако неговото дејство би било спротивно на основите на општественото уредување утврдени со Уставот на СФРЈ.
Согласно членот 5 од овој закон, не се применува правото на странска држава што би било меродавно според одредбите на овој или на друг сојузен закон, ако неговото применување би имало за цел одбегнување на применувањето на правото на СФРЈ.
Согласно член 7 од овој закон, ако со овој или со друг сојузен закон не е определено поинаку, се смета дека правната работа и правното дејствие во поглед на формата се полноважни, ако се полноважни било според правото на местото каде што правната работа е склучена односно правното дејствие преземено, било според правото што е меродавно за содржината на праванта работа односно на правното дејствие.
Според член 8 од Законот, за застареност е меродавно правото што е меродавно за содржината на правната работа односно правното дејствие. Согласно член 9, правото на странската држава се применува според својата смисла и поимите што ги содржи.
Според член 11 став 1 од истиот закон, ако лице кое е државјанин на СФРЈ има и државјанство на некоја друга држава, за применување на овој закон се смета дека има само државјанство на СФРЈ. Согласно ставот 2 на истиот член, ако лице кое не е државјанин на СФРЈ има две или повеќе странски државјанства, за применување на овој закон се смета дека има државјанство на онаа држава чијшто е државјанин и во која има живеалиште. Ако лицето од став 2 на овој член нема живеалиште ниту во една од државите чијшто е државјанин, за применување на овој закон се смета дека има државјанство на онаа држава чијшто е државјанин и со која е во најблиска врска.
Согласно член 12 од овој закон, ако лицето нема државјанство или неговото државјанство не може да се утврди, меродавното право се определува според неговото живеалиште, односно престојувалиште. Ако не може да се утврди ни престојувалиштето на ова лице, меродавно е правото на СФРЈ.
Според член 13 од истиот закон, судот или друг надлежен орган по службена должност ќе ја утврди содржината на странското меродавно право. Органот од став 1 на овој член може да побара известување за странското право од сојузниот орган на управата надлежен за работите на правосудството. Странките во постапката можат да поднесат и јавна исправа за содржината на странското право.
Главата втора од Законот носи назив „Меродавно право“ и во неа се регулира прашањето за определување на меродавно право во случај на оцена за правната и деловната способност на лице (член 14), во случај за ставање под старателство и за престанок на старателството, како и за односите помеѓу старателот и лицето под старателство (член 15), во случај на прогласување на исчезнато лице за умрено (член 16), во случаите за определувањето на припадноста на правно лице (член 17), за сопственичко-правните односи и за другите права на предмети, како и за правото на располагање со предметите во општествена сопственост (член 18), при склучување на договор за продажба на подвижни предмети, договор за дело, договор за полномошно, договор за посредување, договор за комисион, договор за шпедиција, договор за закуп на подвижни предмети, договор за заем, договор за послуга, договор за депозит, договор за складирање, договор за превоз, договор за осигурување, договор за авторско право, договор за подарок, договор за берзански работи, договор за самостојни банкарски гаранции, договор за пренос на технологија, договор за имотни побарувања од договор за работа, за други договори (член 20), за договори што се однесуваат на недвижности (член 21), за еднострана правна работа (член 26), за стекнување без основ (член 27), за вондоговорна одговорност за штета (член 28), за надомест на штета од настан кој се случил на брод на отворено море или во воздухоплов (член 29), за наследување (член 30), за полноважноста на тестамент во поглед на формата (член 31), во поглед на условите за склучување на брак, форма на бракот, неважност на бракот и за развод на брак (член 32-35), за личните, законските имотни и договорните имотни односи на брачните другари (член 36, 37, 38), за имотните односи на лицата што живеат во вобрачна заедница (член 39), за односите меѓу родителите и децата (член 40), за признавање, утврдување и оспорување на татковство, односно мајчинство (член 41), за обврската за издржување меѓу крвни сродници (член 42), за условите за посвојување и престанок на посвојувањето и за дејството на посвојувањето (член 44 и 45).
Главата трета од Законот носи назив „Надлежност и постапка“ и во неа се уредува прашањето за определување на надлежноста на судовите и на други органи на СФРЈ во работите со меѓународен елемент. Така надлежноста на судовите на СФРЈ се определува во зависност од живеалиштето, односно престојувалиштето на тужениот (член 46, 52), ислучителна надлежност постои кога тоа е изречно определено со овој или друг закон (член 47), се утврдува можноста за спогодбено определување на надлежноста на суд (член 49, 50), се определува надлежноста на судот во споровите за вондоговорна одговорност за штета (член 53), во споровите за имотно правни барања (член 54), се утврдува исклучителна надлежност во споровите за правото на располагање со недвижности кои се наоѓаат на територијата на СФРЈ (член 56), во споровите за правото на располагање и за заложното право на воздухоплов, поморски брод и брод во внатрешната пловидба (член 58), во споровите за имотни односи на брачни другари во поглед на имот во СФРЈ кога тужениот нема живеалиште во СФРЈ (член 59 и 60), во споровите заради утврдување на постоење или непостоење на брак, поништување на брак или развод на брак кога тужениот нема живеалиште во СФРЈ (член 61-63), во споровите за утврдување или оспорување на татковство или мајчинство кога тужениот нема живеалиште во СФРЈ (член 64, 65), во споровите за чување, подигање и воспитување на деца кои се под родителска грижа и кога тужениот мема живеалиште во СФРЈ (член 66 – 69), за давање дозвола за склучување брак ако еден од подносителите на барањето е државјанин на СФРЈ (член 70), за расправање на неподвижна оставина на државјанин на СФРЈ, на странски државјанин или лице без државјанство ако недвижноста се наоѓа во СФРЈ (член 71, 72, 73), за посвојување и за престанок на посвојувањеако лицето што се посвојува е државјанин на СФРЈ (Член 74), за старателство на државјани на СФРЈ (член 75, 76), за прогласување на исчезнат државјанин на СФРЈ за умрен и за докажување на смртта на странски државјанин што умрел на територијата на СФРЈ (член 78). Се утврдува надлежност на органот на СФРЈ да преземе неопходни привремени мерки заради заштита на личноста, правата и интересите на странски државјанин кој се наоѓа или има имот на територијата на СФРЈ (член 77). Во оваа глава има и дрги одредби кои се однесуваат на прашањето за определување на меродавното право за утврдување на странечка и процесна способност на физичко лице (член 79), опредлување на случаите кога Судот во СФРЈ ќе ја прекине постапката по барање на странката ако е во тек спор пред странски суд во истата правна работа и меѓу истите странки (член 80), како и уредување на прашањето за процесните трошоци пред судот во СФРЈ (член 82 – 85).
Главата четврта носи назив „Признавање и извршување на странски одлуки“. Во Одделот 1. се уредува прашањето за признавање и извршување на странски судски одлуки, така што се утврдува дека странска судска одлука се изедначува со одлука на суд на СФРЈ и произведува правно дејство во СФРЈ само ако ја признае суд на СФРЈ, при што се утврдуваат случаите кога една странска судска одлука ќе се признае или ќе се одбие нејзиното признавање (член 86 – 96).
Одделот 2. „Признавање и извршување на странски арбитражни одлуки“ и членовите 97-100 од истата глава, престанале да важат со влегувањето во сила на Законот за меѓународна трговска арбитража на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 39/2006).
Во Одделот 3 „ Постапката за признавање и извршување на странски и арбитражни одлуки“ се уредува прашањето за утврдување месна надлежност на судот, како и постапката по жалба на решение за признавање и извршување на странски и арбитражни одлуки (член 101).
Петтата глава од Законот содржи посебни одредби со кои се утврдува надлежност на овластени конзуларни и дипломатски претставништва на СФРЈ во странство за прашања во врска со склучување на брак во странство на државјани на СФРЈ (член 102), за работи во врска со старателство за државјани на СФРЈ што се наоѓаат во странство (член 103), за составување на тестамент на државјани на СФРЈ во странство (член 104), за заверка на потписи, ракописи и преписки во согласност со меѓународно договори и прописи на земјата на приемот (член 105), како и се утврдува надлежност на сојузниот орган на управата надлежен за работите на правосудството да издава уверенија за сојузните, републичките и покраинските прописи што важат или важеле во СФРЈ заради нивна употреба пред органите на странска држава (член 106).
Главата шест од Законот содржи преодни и завршни одредби (член 107-109) со кои се определува уредувањето на односите кои настанале пред влегувањето во сила на овој закон, се утврдуваат одредбите на законите кои престануваат да важат со денот на влегување во сила на Законот, како и се утврдува денот на влегување во сила на Законот.
5. Согласно член 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/1991), постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија.
Според член 6 од истиот уставен закон, законите што не се во согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија ќе се усогласат во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот.
Врз основа на наведената регулатива, Законот за решавање на судирите на законите со прописите на други земји во определени односи, усвоен од Собранието на СФРЈ на седницата на Сојузниот собор од 15 јули 1982 година, е преземен како републички пропис, со надлежности на органите утврдени со Уставот на Република Македонија.
Видно од содржината на наведениот закон, станува збор за закон за меѓународното приватно право, кој содржи основни колизиони норми, норми за судирот на јурисдикциите и за други прашања на меѓународното приватно право, односно содржи правила за определување на меродавно право за статусните, семејните и имотните односи, односно другите материјално-правни односи со меѓународен елемент. Законот содржи и правила за определувањето на надлежноста на судовите и на другите органи за расправање на наведените односи, како и постапка за признавање и извршување на странски судски и арбитражни одлуки.
Република Македонија ги применува правилата од овој закон и сеуште нема донесено нов закон за судирот на законите и судирот на јурисдикцијата. Исклучок претставува областа на признавање и извршување на странски арбитражни одлуки, која е уредена со Законот за меѓународна трговска арбитража на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 39/2006), со чие влегување во сила престанаа да важат одредбите од членовите 97 до 100 од Законот за решавање на судирите на законите со прописите на други земји во определени односи.
Тргнувајќи од овој неспорен факт, а имајќи ги предвид причините за оспорување наведени од подносителот на иницијативата, се поставува прашањето дали оспорениот закон е адекватен на општествените односи и потреби на Република Македонија и дали не е во судир со постојните темелни вредносни принципи вградени во Уставот на Република Македонија, дотолку повеќе што содржи голем број на терминолошки неусогласености.
Според член 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.
Согласно член 4 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија.
Според член 8 алинеја 3 и 11 од Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно Амандманот XXV на Уставот со кој е заменет членот 98 од Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, времето на донесување на оспорениот закон (1982 година), како и општествените услови во кои истиот е донесен, а притоа имајќи ја во вид еволуцијата на општествените односи и обврската за усогласување на истиот со одредбите од Уставот во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот, Судот оцени дека оспорениот закон не е во согласност со Уставот на Република Македонија.
Имено, оспорениот закон има карактер на сојузен закон со кој се уредуваат односи од областа на меѓународното приватно право во државата СФРЈ и со кој се уредуваат правила за надлежноста и за постапката на судовите и на другите органи на СФРЈ за расправање на прашања од наведената област. Законот се заснива на основите на општественото уредување и на начелата на правниот поредок утврдени со Уставот на СФРЈ, што се истовремено критериуми и граница за неговата примена.
Поаѓајќи од фактот дека Република Македонија е самостојна и суверена држава во чие уставно уредување се вградени вредносни принципи и е утврдена организација на државната власт кои се разликуваат од оние утврдени во поранешната СФРЈ, според Судот, во функција на обезбедување на субјективитетот на државата и обезбедување на начелото на владеење на правото, неминовно се наметнува потреба од усогласување на оспорениот закон со одредбите на Уставот на Република Македонија.
Ова од причини што во меѓународното право е прифатено правилото дека со сукцесијата автоматски престанува да важи поредокот на државата претходник, а се воспоставува важењето на политичкиот и правниот поредок на сукцесорот, при што вообичаено е со акт на новата власт да се воспостави преоден период во кој законодавството на државата претходник ќе се заменува со она на сукцесорот, со што ќе се избегне појава на правен вакум во одредена област. Меѓутоа, имајќи предвид дека рокот за усогласување на овој закон со одредбите од Уставот е истечен одамна, при што во Република Македонија се донесени повеќе закони од сферата на приватното право (за семејството, за наследување, за облигациите, за сопственоста, за државјанството и др.), според Судот, во Република Македонија се исцрпени оправданите потреби од натамошното опстојување на овој закон во правниот поредок на државата.
Ова особено затоа што оспорениот закон е донесен како сојузен закон во период на федеративно уредена заедница, кога владееле други вредности на социјалистичкото општество, како резултат на што, Законот содржи низа одредби кои суштински и терминолошки не се усогласени со Уставот на Република Македонија („Социјалистичка Федеративна Република Југославија“, „сојузните, републичките и покраинските прописи“, „сојузниот орган на управата надлежен за работи на правосудството“, „државјанин на СФРЈ“).
Врз основа на наведеното, имајќи ги предвид постојните, втемелени вредносни принципи и организационата поставеност на органите на државната власт востановени со Уставот на Република Македонија, од една страна, како и терминолошката неусогласеност во Законот во однос на Уставот на Република Македонија, како последица на времето на неговото донесување, од друга страна, Судот оцени дека оспорениот закон во целина не е во согласност со член 1 став 1, член 8 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
Ова дотолку повеќе што во услови на актуелни интензивни меѓународни приватноправни односи, секоја држава, вклучително и Република Македонија, има обврска да ги уреди односите во оваа област соодветно на своите уставни начела и принципи, на начин кој ќе обезбеди надлежните органи за решавање за овие прашања да добијат посигурни законски решенија, што е во функција на обезбедување поголема правна сигурност за граѓаните.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.
У.бр.127/2006
4 јули 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи