Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 јули 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 29 ставови 2 и 3, 29-г и 29-ј од Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/1997, 16/2000, 17/2003, 65/2004, 65/2005, 111/2005 и 40/2007).
2. Мустафа Мустафоски од Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорениот член 29 став 2 од Законот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот на Република Македонија, односно со темелниот принцип на уставниот поредок – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. Ова од причини што примената во праксата на овие одредби наложувала реално и објективно неправедни и нехумани решенија за добивање, односно одбивање на правото на социјална помош.
Подносителот на иницијативата, исто така, смета дека оваа законска одредба не била во согласност со член 40 став 1 од Уставот, од причини што со истата се ограничувала уставната обврска на Републиката за извршување на нејзината социјална заштитна улога према семејството на тој начин што социјално заштитното право на социјална помош на семејств ото го заменува со домаќинство кое било поширок поим на економска заедница.
Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 29 ставовите 2 и 3, не бил во согласност со Законот за семејството, а по однос на тоа дали членовите на целото семејство се во законска обврска за взаемно издржување.
Оспорениот член 29-г од Законот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причини што со него се третирало, односно регулирало правото на социјална парична помош кое се обновувало на една година за кое барателите имале обврска да поднесуваат и документација за материјалната состојба на лицето и материјалната и бројната состојба на семејството.
Со тоа, според подносителот на иницијативата, корисниците на правото се подложувале на големи материјални трошоци, поради што, тоа не било во согласност со член 34 став 1 од Уставот.
Со оспорениот член 29-ј од Законот, исто така, се повредувале уставните норми, од причина што Собранието на Република Македонија не било во можност да прецени колку пати во годината треба да се врши увид во семејствата кои користатт социјална парична помош. Имено, вакви овластувања имале стручни служби кои биле наведени во Законот за општата управна постапка. Со оваа законска одредба всушност се наложувало ублажување на фактичката состојба и врз основа на тој увид „веднаш“ да се одбиело или прифатило барањето, а кој увид, според подносителот, бил безпредметен и ирелевантен и не бил од влијание за правилно утврдување на фактичката состојб а. Ваквата одлука исто така не била во согласност и со одредбата од Законот за семејството.
3. Судот на седницата утврди дека според член 29 од оспорениот Закон лицата способни за работа и социјално необезбедени, кои според други прописи не можат да обезбедат средства за егзистенција, имаат право на социјална помош.
Социјална парична помош може да користи лице, семејство или домаќинство.
Како домаќинство во смисла на ставот 2 од овој член се подразбира заедница на членови на семејството и други заедници меѓу кои не постои законска обврска за меѓусебно издржување, кои заеднички придонесуваат, стопанисуваат и трошат“.
Според член 29-г од овој закон барање за остварување на право на социјална парична помош се поднесува еднаш годишно.
Со барањето од ставот 1 на овој член се поднесува и документација за материјалната сотобја на лицето, материјалната и бројната состојба на семејството или домаќинството.
Во член 29-ј од Законот е предвидено дека Центарот за социјална работа врши непосреден увид заради утврдување на фактичката состојба на лицето, семејството или домаќинството.
Врз основа на увидот од ставот 1 на овој член, центарот за социјална работа ќе го одбие барањето за остварување на право на социјална парична помош, односно ќе одлучи истото да престане, доколку утврди дека барателот, односно корисникот не е изложен на социјален ризик.
Непосредниот увид од ставот 1 на овој член се врши по оцена на надлежниот центар за социјална работа, а најмалку двапати во текот на годината.
Увидот од ставот 1 на овој член надлежниот центар за социјална работа го врши без претходно најавување. Ако на овластениот работник од центарот за социјална работа не му се дозволи да направи увид во домот на лицето, семејството или домаќинството, правото на социјална парична помош не може да се оствари, односно престанува и истото не може да се оствари во наредните 24 месеца.
4. Согласно член 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Според член 8 став 1 алинеја 3, 4 и 8 од Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.
Согласно член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уста вот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Согласно член 1 од Законот за социјалната заштита, Републиката е основен носител на социјалната заштита на граѓаните и обезбедува услови за нејзино остварување. Републиката го воспоставува системот на социјална заштита и го овозможува неговото функционирање, обезбедува услови за вршење на социјално-заштит-ната дејност и развива форми на самопомош.
Според член 4 од овој закон, социјалната заштита е организирана дејност од страна на Републиката за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот, семејството и групи население во текот на животот.
Согласно член 6 од истиот закон, врз основа на правата од социјална заштита, а под условите утврдени со овој закон, се обезбедуваат услуги и се преземаат мерки преку кои се остварува: социјална превенција, вонинсти-туционална заштита и институционална заштита и социјална помош на корисниците на социјална заштита.
Правото на социјална помош, како една од услугите и мерките во социјалната заштита и социјалната работа, согласно член 20 од Законот, опфаќа: постојана парична помош за лицата неспособни за работа и социјално необезбедени; социјална парична помош за лица способни за работа и социјално необезбедени; паричен надоместок за помош и нега; право на здравствена заштита; надоместок на плата за скратено работно време поради нега на хендикепирано дете; еднократна парична помош или помош во натура, право на домување и пар ична помош на лице кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа.
Постојаната парична помош, како право на социјална помош, се уредува со одредбите на членовите 21 до 28 од Законот, при што се утврдува категоријата на лица кои имаат право на постојана парична помош, како и се утврдува висината на постојаната парична помош.
Со членот 29 од Законот се утврдува дека право на социјална парична помош имаат лицата способни за работа и социјално необезбедени, кои според други прописи не можат да обезбедат средства за егзистенција.
Имајќи предвид дека Уставот ја определува Република Македонија како социјална држава и утврдува дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, при што граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, законодавецот го донел Законот за социјалната заштита со кој утврдил дека Републиката е основен носител на социјалната заштита на граѓаните и обезбедува услови за нејзино остварување.
Од анализата на Законот во целина, а посебно на наведените законски одредби, произлегува дека законодавецот го утврдил правото на социјална помош како една од мерките за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните. Ова право во целост се разработува со Законот, при што како конкретни форми на социјална помош се утврдуваат: постојана парична помош за лицата неспособни за работа и социјално необезбедени; соци јална парична помош за лица способни за работа и социјално необезбедени; паричен надоместок за помош и нега; право на здравствена заштита; надоместок на плата за скратено работно време поради нега на хендикепирано дете; еднократна парична помош или помош во натура, право на домување и парична помош на лице кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа.
Од натамошната анализа на Законот произлегува дека во разработка на формите на социјална помош, законодавецот ги утврдил можните корисници на правото на социјална помош во секој конкретен случај и го определил начинот и постапката за остварување на ова право.
Имено, законодавецот, исто како и за другите форми на социјална помош, го определил кругот на лица кои можат да го остварат ова право, а тоа се лицата способни за работа, но социјално необезбедени, кои според други прописи не можат да обезбедат средства за егзистенција. Во оваа смисла, законодавецот утврдил дека право на социјална парична помош не може да оствари лице кое може само да се издржува, кое не побарало издржување од лицето кое е должно да го издржува врз основа на Законот за семејството, освен ако центарот за социјална работа утврди дека лицето кое според закон е должно да го издржува не е во можност да го дава издржувањето, кое не остварило издржување врз основа на склучен договор за доживотна издршка, а не покренало постапка за раскинување на тој договор, кое не доставило доказ дека е поведена постапка за распределба на оставината на оставител, на која може да се јави како наследник согласно со закон или во текот на постапката не се прифатило за наследник или кое може да обезбеди издржување по друга основа. Понатаму, со Законот се прецизира што се подразбира под лице кое може само да се издржува во смисла на овој закон, како и се утврдува дека ова право не може да го оствари лице кое остварило средства за издржување со продажба на имот или го подарило својот имот за периодот за кој износот на основицата за плаќање данок на промет со недвижности одговара на износ од 120% од просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија остварена во претходната година.
Тргнувајќи од содржината на оспорениот член 29 ставовите 2 и 3 од Законот, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека токму социјалната сигурност на работоспособните и материјално необезбедените граѓани, во системот на социјалната заштита се обезбедува преку правото на социјална парична помош, но се до моментот на надминување на ваквата социјална состојба, односно социјално необезбедени. Имено, токму со оваа законска одредба се реализира уставната обврска на Републиката да се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелата на социјална праведност, и со што се потврдува, односно исполнува еден од темелните принципи на уставниот поредок на Република Македонија – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста – предвиден во член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот.
Имено, токму целта на законодавецот е со оспорената законска одредба на член 29 ставовите 2 и 3 да се овозможи целосно остварување на начелото на солидарност и социјална праведност на социјалната парична помош, согласно потребите и можностите на лицата. Оттука, произлегува дека со оваа одредба не се регулира законска обврска за меѓусебно издржување на блиските сродници, утврдени во Законот за семејството, бидејќи во овој конкретен случај се ценат социјалните и материјалните услови во кои живее барателот на правото на социјална помош со што всушност не може да се постави прашањето на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот на Република Македонија.
Што се однесува пак до оспорениот член 29-г од Законот, според Судот, исто така не е во несогласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и член 34 од Уставот. Ова од причини што, интенцијата на законодавецот во оспорениот член од Законот, е сведена на оправданоста на користењето на правото на социјална парична помош, во смисла на тоа дека настапиле променети околности кои се од влијание за промена на одлуките за користење на социјалната парична помош. Оттука, обврските на барателот за користење на социјална парична помош истото да го поднесува еднаш годишно и со комплетна документација за материјалната состојба на лицето, материјалната и бројната состојба на семејството или домаќинството е со цел да се провери дали се уште се исполнети условите за промена на социјалната парична помош или пак настапиле околности кои можат да доведат до промена на одлуката за користење на ваквата помош.
Со оваа одредба се уредува следењето на семејната, социјалната и материјалната положба на корисникот на правото во одреден период, заради можноста од негово вклучување во општествената заедница и создавање на услови за самостојно обезбедување средства за егзистенција. Предвид на ова и оваа оспорена одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 2 и 3 од Уставот, во однос на кој е оспорен со иницијативата.
Поаѓајќи од анализата на оспорениот член 29-ј од Законот, е во корелација со целината на Законот, поточно со членовите од Законот кои се однесуваат на постапката за остварување на право од социјална заштита (90-106) Судот утврди дека оспорениот член ја уредува само обврската на стручните лица во Центарот за социјална работа да ја следат семејната, социјалната и материјалната положба преку непосреден увид во домот на корисникот, а со цел утврдување на фактичката состојба на лицето, семејството или домаќинството. Со тоа всушност се овозможува Центарот за социјална работа да го преиспитува постоењето на фактите и условите за стекнување и користење на правото од социјална заштита, а непосреден увид во домот кој се предвидува со оспорената одредба е само дејствие во постапката за следење на исполнетост на условите за користење на правото.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека со оспорените одредби од Законот за социјална заштита не се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок предвиден во член 8 став 1 алинеја 3 и 8, ниту членот 34 од Уставот, бидејќи со истите се обезбедува владеење на правото и правната држава , како и почитување на хуманизмот, социјалната правда и солидарност.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова – Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.86/2007
4 јули 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи