107/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 јули 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 32-а од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2000, 17/2003, 65/2004 и 113/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на:

а) уставноста на член 40 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2000, 17/2003, 65/ 2004 и 113/2005), и

б) уставноста и законитоста на Правилникот за условите, критериумите и начинот на остварување на правата за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2003 и 70/ 2004).

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точка 1 и 2 а) од ова решение и уставноста и законитоста на актот означен под точка 2 б) од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со законското предвидување на институтот „барање за продолжување на правото за заштита на деца“ за наредната година се повредувала уставната определба за карактерот на државата како социјална држава и остварување на начелото на социјална заштита и социјална сигурност на човекот и граѓанинот од член 1 став 1, член 8 став 1 а линеја 3, член 34, член 35, член 42 став 1 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Овластувањето на министерот за труд и социјална политика утврдено со членот 40 од Законот, со свој акт да ги утврдува поблиските услови, критериумите и начинот на остварување на правата за заштита на деца од член 4 на овој закон, значело проширување на надлежноста на министерот за труд и социјална политика, и истото не можело да биде предмет на уредување на подзаконски акт на министерот за труд и социјална политика.

Подносителот на иницијативата смета дека сите прашања утврдени во оспорениот член 40 од Законот можеле да се уредуваат само со закон и со колективен договор, а не со друг подзаконски акт, како во случајот.

Со оспорениот Правилник, за граѓаните се утврдувале права и обврски иако тоа не било допуштено, согласно со членовите 56 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Согласно на изнесеното, со оспорениот Правилник се повредувале наведените уставни одредби, посочените членови од Законот за организација и работа на органите на државната управа и членовите 1 и 4 од Законот за заштита на децата.

4. Судот на седницата утврди дека според член 32-а од Законот барање за продолжување на правото за заштита на деца од членот 4 став 1 точки 1 и 2 на овој закон за наредната година се поднесува до 31 март во таа година.

Барањето за продолжување на правото поднесено после рокот утврден во ставот 1 на овој член ќе се смета како ново барање.

Во член 40 од истиот закон се предвидува дека поблиските услови, критериуми и начинот на оствару-вање на правата за заштита на деца од член 4 на овој закон со акт ги утврдува министерот за труд и социјална политика.

Оспорениот правилник е донесен од министерот за труд и социјална политика врз основа на овластувањето утврдено во член 40 од Законот.

Според член 1, со овој правилник се утврдуваат поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правата за заштита на децата, и тоа: детски додаток, посебен додаток, и помош за опрема на новороденче.

Поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на секое од наведените права од членот 1 се утврдени и разработени во посебни глави од Правилникот, чија содржина, заедно со преодните и завршните одредби, ја сочинуваат вкупно 29 члена.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 34 од Уставот утврдено е дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а во членовите 40 и 42 од Уставот е утврдено дека Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, а во тие рамки и на децата и малолетните лица.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршу-вање на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Во Републиката системот, организацијата и начинот на обезбедување на заштитата на децата се уредени со Законот за заштита на децата, чиј член 32-а се оспорува со оваа иницијатива.

Според членот 3 од наведениот закон заштитата на децата во смисла на овој закон се остварува преку обезбедување на определени права и облици за заштита на децата.

Правата за заштита на децата во смисла на овој закон се утврдени во членот 4 од Законот и тие се: 1) детски додаток; 2) посебен додаток; 3) помош за опрема на новороденче и 4) партиципација. Според ставот 2 на овој член од Законот, сите овие права под услови утврдени со овој закон ги обезбедува државата.

Условите под кои се ос тварува секое од овие права, потоа нивната висина, како и постапката во која тие се остваруваат, се утврдени во посебна Глава II од Законот насловена со „Права за заштита на децата“. Оваа глава ја сочинуваат членовите од 15 до оспорениот член 40, во кој припаѓа и оспорениот член 32-а.

Од анализата на содржината на членовите 15 до 39 од Законот произлегува дека законодавецот не само што на јасен и прецизен начин во член 4 од Законот ги утврдил видовите на правата за заштита на децата (детски додаток,посебен додаток, помош за опрема на новороденче и партиципација), туку тој на многу експлицитен начин ги утврдил и условите, висината, како и постапката во која тие се остваруваат.

Постапката за остварување на правата за заштита на децата посебно е уредена од член 31 до член 39 од Законот, со тоа што таа според член 31 се поведува по барање на родителот, односно старателот на детето. По барањето за остварување на правата од член 4 на Законот, освен за правото од точка 4) (партиципацијата), решава организационата единица на Министерството за труд и социјална политика, додека по жалба против решението на ова министерство решава Комисија на Владата (член 32 од Законот).

Имено, со оспорената одредба, според Судот не се повредува уставната определба за карактерот на државата како социјална држава на што се потенцира во иницијативата. Ова од причина што интенцијата на законодавецот е уредување на постапката за остварување на правата за заштита на децата, која се поведува по барање на родителот, односно старателот на детето (член 31) и која се води во согласност со одредбите од Законот за општата управна постапка.

Од анализата на содржината на оспорената законска одредба се констатира дека со неа всушност се утврдува продолжувањето на правата за заштита на деца од членот 4 став 1 точки 1 и 2 (детски додаток и посебен додаток) како и рокот на поднесување на барањето за продолжување на ова право, кое се остварува само по барање на барателот – родителот или старателот на детето, а не по службена должност.

Оттука, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 32-а од Законот со членовите од Уставот наведени во иницијативата.

6. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законот со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имено, Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.182/2006 од 28 февруари 2007 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 40 од Законот за заштита на децата и уставноста и законитоста на сега оспорениот Правилник од што произлегува дека оспорениот член од Законот и Правилникот биле предмет на оценување по однос на нивната уставност, односно уставност и законитост од аспект на истите наводи на кои сега повторно истиот поднос ител укажува. Притоа, Судот оценил дека „… овластувањето на министерот за труд и социјална политика утврдено во оспорениот член 40 од Законот е во рамките на правата и должностите, односно на надлежностите утврдени со Уставот и Законот за организација и работа на органите на државната управа (членовите 55, 56 и 61) од овој закон, и поради што ниту оспорениот Правилник не бил во несогласност со членовите од Уставот и Законот за организација и работа на органите на државната управа наведени во иницијативата.

По повод сега поднесената иницијатива од истиот подносител, според Судот не постојат поинакви основи за одлучување од утврдените при донесување на цитираното решение, поради што иницијативата по однос на членот 40 од Законот и оспорениот Правилник, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.107/2007
4 јули 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи