48/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 112 став 4 и став 5 од Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2005 и 25/2007).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на поднасловот „Трошоци од извршена контрола“ и член 198 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 112 став 4 и став 5, поднасловот „Трошоци од извршена контрола“ и член 198 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со одредбата од членот 112 став 4 од Законот за хартии од вредност, било предвидено дека брокерот не требало да биде осудуван со правосилна судска одлука за кривично дело во последните пет години пред поднесување барање за дозвола за работење на брокер, а со ставот 5 на овој член од Законот било предвидено дека брокерот не смеел да биде осудуван со правосилна судска одлука за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице. Со оглед на тоа што наведените законски одредби предвидувале по сила на закон да настапат правни последици од осуда за сторено кривично дело, што се состојат во губење или ограничување на права, а кои не биле изречени од суд во рамки на одлучувањето за казната, произлегувало дека оспорените одредби биле во спротивност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 1, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54.

Со иницијативата во однос на поднасловот „Трошоци од извршена контрола“ и одредбите од членот 198 од Законот, се наведува дека и предвидувале трошоците од извршената контрола кај овластен учесник на пазарот на хартии од вредност, да паѓаат на товар на учесникот над кој била изршена контролата и дека Комисијата за хартии од вредност како вршител на контролата донесувала решение за обврската за плаќање на висината на трошоците определена со тарифникот на Комисијата. Со оглед на тоа што не постоела законска рамка врз основа на која со подзаконскиот акт односно со тарифникот би се уредувало прашањето на трошоците, произлегувало дека со подзаконскиот акт ќе се регулирала законска материја и поради тоа со оспорената одредба било дадено овластување спротивно на одредбите од Уставот, и тоа на член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 33, член 68 став 1 алинеја 3, член 51 и член 91 алинеја 5 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 112 од Законот за хартии од вредност е предвидено:

„(1) Услугите поврзани со извршувањето на налозите на клиентите, информирањето на клиентите за купување или продавање на хартии од вредност кое не претставува инвестиционо советување во брокерска куќа можат да ги вршат само овластени брокери (во натамошниот текст: брокери).
(2) Брокерот треба да биде полнолетен и да има положено стручен испит за работење со хартии од вредност.
(3) Брокерот мора да има диплома за завршено најмалку четиригодишно средно образование.
(4) Брокерот не треба да биде осудуван со правосилна судска одлука за кривично дело во последните пет години пред поднесување барање за дозвола за работење на брокер.
(5) Брокерот не смее да биде осудуван со правосилна судска одлука за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице.
(6) Комисијата ги пропишува начинот и условите за полагање на испитот од ставот (2) на овој член“.

Во делот од Законот, со поднаслов „Трошоци од извршена контрола“ со членот 198 е предвидено:

(1) Кога кај овластен учесник на пазарот на хартии од вредност е извршена контрола согласно со овој закон и притоа се утврдени неправилности и незаконитости во работењето, трошоците од контролата паѓаат на товар на учесникот над кој се врши контролата.
(2) Комисијата донесува решение со кое се задолжува учесникот на пазарот на хартии од вредност за плаќање на трошоците од контролата.
(3) Трошоците од контролата се одредуваат со тарифникот на Комисијата.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според членот 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Законот за хартии од вредност во членот 1 го дефинирал предметот на уредување во кој е и уредувањето на начинот и условите за издавање и тргување со хартии од вредност.

Во областа на пазарот на капитал, со Законот е основана Комисија за хартии од вредност која претставува самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон. Комисијата го регулира и контролира работењето со хартии од вредност на територијата на Република Македонија, има својство на правно лице, и се избира и разрешува од Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија.

` Како хартии од вредност со Законот се определени акции во трговските друштва, обврзници, инструменти на пазарот на пари, акции и уреди во инвестиционите фондови кои работат според Законот за инвестициони фондови, деривативни финансиски инструменти, потврда за странска хартија од вредност и други финансиски инструменти кои според Комисијата се сметаат за хартии од вредност.

Услугите со хартии од вредност, според членот 95 од Законот, ги вршат: брокерска куќа со дозвола за работење добиена од Комисијата; овластена банка согласно со Законот за банките, со дозвола за работење добиена од Комисијата; и подружница на странска брокерска куќа која има добиено дозвола за работење од Комисијата.

Услугите со хартии од вредност можат да ги вршат само правните лица од наведениот член 95 на овој закон.

Брокерската куќа треба да има најмалку две лица во редовен работен однос кои поседуваат дозвола за работење на брокер или дозвола за работење на инвестиционен советник издадена од Комисијата.

Судот, исто така утврди дека согласно членот 112 став 1 од Законот за хартии од вредност, услугите поврзани со извршувањето на налозите на клиентите, информирањето на клиентите за купување или продавање на хартии од вредност кое не претставува инвестиционо советување во брокерска куќа можат да ги вршат само овластени брокери.

Со оспорената одредба од ставот 4 на овој член од Законот, е предвидено дека брокерот не треба да биде осудуван со правосилна судска одлука за кривично дело во последните пет години пред поднесување барање за дозвола за работење на брокер, а со оспорената одредба од ставот 5 е предвидено дека брокерот не смее да биде осудуван со правосилна судска одлука за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице.

Од анализата на оспорената одредба од ставот 4 на членот 112 од Законот Судот оцени дека осудуваноста на лицето во последните пет години за кое било кривично дело и независно од видот на изречената санкција од судот, е причина на лицето кое поднело барање за добивање на дозвола за работење на брокер воопшто да не му се издаде таква дозвола.

Имено, со оспорениот став 4 од членот 112 од Законот не се дозволува остварување на право на граѓанинот да врши дејност на брокер ако е воопшто осудуван во изминатите пет години пред поднесувањето на барањето за дозвола за брокер, и оваа одредба генерално се однесува за сите кои се осудени за сторени кривични дела и на кои им се изречени санкции, без оглед на видот на кривичното дело, неговата природа или тежина и независно од видот на санкциите и нивната висина.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека со оспорената одредба од ставот 4 се ограничува по сила на закон правото едно лице да врши определена дејност и во случаи кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност, па оттука формулацијата на оспорената одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Според Судот од анализата на оспорената одредба од ставот 5 на овој член од Законот, произлегува дека осудуваноста за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице без оглед на времето кога лицето било осудено и независно од видот на изречената санкција од судот, е причина предвидена со законот лицето да не може да биде брокер. Тоа значи лицето не може да добие дозвола за работење на брокер или ќе му престане вршењето на оваа дејност ако истата веќе ја врши, во зависност од тоа кога лицето било осудено со правосилна судска одлука.

За разлика од ставот 4, со оспорената одредба од ставот 5 на Законот, се уредува друга ситуација, односно осудуваноста не се определува за изминат период од пет години или друг временски период, туку се третира секогаш, а пак кривичното дело се определува дека се однесува на предизвикување стечај на правно лице. Но, поаѓајќи од одредбите на Кривичниот законик според кои за ова кривично дело е предвидена казна затвор која судот може да ја изрече на осудениот но и да определи условна осуда за тоа, произлегува дека без оглед на квалификацијата на стореното кривично дело и видот на санкцијата, со оспорената одредба од ставот 5 на Законот за хартии од вредност трајно се попречува по сила на закон правото на едно лице да врши работа на брокер.

Со одредбата од ставот 4 на членот 112 од Законот, осудуваноста е пречка за период од пет години за вршење на дејноста брокер, а со одредбата од ставот 5, осудуваноста е причина поради која оваа дејност не може да се врши воопшто.

Со оглед на изнесеното, а имајќи ги предвид наведените уставни одредби, како и содржината на оспорените законски одредби, пред Судот се постави прашањето дали во конкретниот случај не станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапува по сила на закон.

Имено, при оценување на уставноста на оспорените законски одредби основен критериум е постоењето на двата принципи на казненоправниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, значи дека согласно наведените уставни одредби казненоправниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Оттука, ако се има предвид фактот дека со оспорените законски одредби се врши ограничување на правото за вршење на работа на брокер на лице кое било осудувано за кривично дело, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.

Со оглед на тоа за одредбите од ставовите 4 и 5 од членот 112 од Законот, основано може да се постави прашањето за согласноста со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото, членот 9 став 2, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51.

6. Во делот на одредбите од Законот за хартии од вредност, кои се однесуват на вршењето на контрола на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност, со членот 195 е уредено дека Комисијата врши непосредна контрола на работењето на учесниците на пазарот на хартии од вредност заради утврдување на законитоста на нивното работење. Одбивањето или попречувањето од страна на учесникот на пазарот на хартии од вредност да постапи согласно со барањата на Комисијата утврдени во одредбите на овој член при вршењето на контролата, е основа за привремено или трајно одземање на дозволата за работење од страна на Комисијата. Комисијата, исто така може да врши и посредна контрола.

Со одредбите од членот 198 од Законот, кои се оспорени со иницијативата пред овој Суд, е уредено прашањето за трошоците од контролата.

Согласно членот 3 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005), во управните области за кои со закон е пропишана посебна постапка, се постапува според одредбите на тој закон.

Според одредбите на овој закон се постапува по сите прашања во управните области што не се уредени со посебен закон.

Оттука, Законот за општата управна постапка има супсидијарна примена.

Во делот на одредбите од овој закон, кој се однесува на „Трошоци на постапката“, со членот 116 став 1 е уредено дека посебните издатоци во готови пари на органот што ја води постапката, како што се: патните трошоци на службените лица, издатоците за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично, а кои настанале со спроведувањето на постапката по некоја управна работа, по правило го поднесува оној што ја предизвикал постапката.

Според ставот 2 од овој член од Законот, кога лицето кое учествувало во постапката по своја вина или несоодветно однесување ќе предизвика трошоци за одделни дејствија во постапката, должно е да ги поднесе тие трошоци, а според ставот 3, кога постапката што е поведена по службена должност е завршена поволно за странката, трошоците на постапката ги поднесува органот што ја повел постапката.

Според членот 120 став 1 од Законот за општата управна постапка, во решението со кое се завршува постапката органот што го донесува решението определува кој ги поднесува трошоците на постапката, нивниот износ, и на кого и во кој рок треба да му се исплатат.

Со овие и други одредби од Законот за општата управна постапка е регулирана материјата на трошоците на постапката.

Според Судот, во случајов, со оспорените одредби од членот 198 од Законот за хартии од вредност (Lex specialis) и со одредбите од Законот за општата управна постапка, (Lex generalis) целосно е законски уредено прашањето на трошоците од контролата на учесниците на пазарот на хартии од вредност, како во однос на тоа што опфаќаат трошоците во постапката со што се дефинирани и определени рамките и критериумите во пресметувањето на трошоците, така и во однос на субјектите кои ја вршат контролата, учесниците на пазарот на хартии од вредност, органот што го носи решението за трошоците, обврската за плаќање и други прашања.

Со оглед на изнесеново, според Судот неможе да се прифати наводот во иницијативата дека оспорените одредби од членот 198 од Законот за хартии од вредност биле неуставни, бидејќи не утврдувале рамки и критериуми за определување на трошоците во постапката, кои само со закон можеле да се утврдуваат, односно тие биле препуштени да се уредуваат со подзаконски акт, поради што посебно се повредувал уставниот принцип на поделба на власта, туку напротив се оцени дека ова прашање е целосно уредено со закон, а со предвидениот тарифник се операционализира извршувањето на законот, поради што пред Судот не се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, со мнозинство гласови во однос на точката 1, а едногласно во однос на точката 2 од решението.

У.бр.48/2006
27 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи