Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јуни 2007 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 5-а став 1 во делот „во објектите кои се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на растојание помало од 50 м.“ од Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995, 70/2003, 29/2004 и 37/2005).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Т.П. “Жани”, Т.П. “Андромеди”, Т.П. “Ева Трејд” и ДОО “Фине” сите од Велес, со Решение У.бр.39/2006 од 18 април 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 55 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 5-а став 1 од Законот за заштита од пушењето се забранува продажба на цигари во објектите кои се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на растојание помало од 50 метри и во објектите кои се сместени во спортско рекреативните површини.
Во ставот 2 од членот 5-а од истиот закон се предвидува дека се забранува продажба на тутунски производи на парче (по цигара), продажба преку автомати, места за самоуслужување, како и продажба по нарачка.
5. Членот 42 од Уставот на Република Македонија, кој влегува во глава II (Втора) со наслов “Основни слободи и права на човекот и граѓанинот”, оддел 2 со поднаслов “Економски, социјални и културни права” утврдува дека Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.
Согласно членот 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина.
Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.
Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Во членот 1 од Законот за заштита од пушењето, се предвидува дека со овој Закон се уредува заштитата од штетните дејствија на пушењето на тутун и други производи од тутун врз граѓаните, зачувувањето на здрава животна средина, забрана на пушењето во одредени јавни простории и забрана за рекламирање на цигарите.
Според членот 5 од Законот се забранува продажба на цигари и тутун на лица помлади од 18 години.
Оспоренииот член 5-а став 1 од Законот ја регулира забраната на продажба на цигари во објектите кои се оддалечени од претшколските и школските воспитно-образовни установи на растојание помало од 50 метри и во објектите кои се сместени во спортско-рекреативните површини.
Факт е дека забраната на продажба на цигари во објектите предвидени во оспорената законска норма претставува ограничување, односно попречување на правото на слобода на пазарот и претприемништвото. Факт е, исто така, дека целта на тоа ограничување е заштита на здравјето на малолетните лица како јавен интерес и дека таа преставува легитимна цел.
Преминувајќи на теренот на балансирање на поединечниот и јавниот интерес, треба да се одговори на прашањето дали изрекувањето на овој вид на мерка е неопходно до тој степен, заради зачувувањето на здравјето на луѓето, односно на малолетниците што би го оправдало ограничувањето на пазарот, односно правото на слобода на пазарот и претприемништвото. Според Судот, изрекувањето на ваквата мерка како што е предвидено во сега оспорената законска норма, не е неопходно ниту вистински служи за постигнување на легитимната цел за заштита на децата, од причина што од целината на Законот за заштита од пушењето произлегува дека законодавецот веќе со изречената генерална мерка во членот 5 од Законот за забрана на продажба на цигари и тутун на лица помлади од 18 години во прометот на мало ја постигнал својата уставна обврска за заштита на здравјето кај младата популација (децата). Со тоа, ефектот и целта на Законот е постигнат со генералната забрана изречена во членот 5 од Законот, поради што дополнителното ограничување на продажбата на цигари како што е содржано во оспорената законска одредба е прекумерно и непотребно и се појавува исклучиво како економско ограничување и попречување на правото на слобода на пазарот и претприемништвото. Оттука, ограничувањето во оспорената одредба не може да го положи тестот на пропорционалност со легитимната цел, при што не е постигнат фер баланс помеѓу индивидуалниот и јавниот интерес.
Оспорената одредба според Судот не е јасна од причина што од неа не може да се утврди на кој начин се пресметува растојанието помало од 50 метри. Дали пресметувањето на растојанието се врши од објектот или пак од оградата на објектот, односно кој градежен поим ја опфаќа претшколската или школската образовна установа. Потоа, апсурдно е да се усвои како законска претпоставка дека деца од претшколска возраст се популација што додека се во градинка купуваат цигари. Судот притоа не навлегува во анализа на прашањето за ефикасноста на 50 м. оддалеченост, што само би го засилило сознанието дека таа мерка не постигнува ништо, освен еднострано ограничување на економската активност.
Во прилог на тоа дека е потребно балансирање на интересите е и фактот што во делот на преодните одредби од Законот, законодавецот водел сметка и оставил време за адаптација на новиот режим така што примената на новиот режим ја одложил до јуни 2005 година со што всушност ги балансира заемните интереси – заштита на луѓето и јавното здравје и правото на слобода на пазарот и претприемништвото.
Врз основа на наведеното, според Судот, не постои оправданост на мерката содржана во оспорената законска одредба во услови кога законодавецот има на располагање други ефикасни мерки, како што е генерална забрана за продажба на цигари и тутун на лица помлади од 18 години, предвидена во Законот, поради што оспорениот дел од одредбата не е во согласност со едно од основните права од областа на економските односи гарантирано во член 55 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.39/2006
6 јуни 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи