У.бр.55/2007

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71, а во врска со член 68 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Лидија Јосифова од Штип за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, повредени со Пресуда на Основниот суд во Штип Прс.бр.689/03 од 8 февруари 2006 година и Пресуда на Апелациониот суд во Штип Гж.бр.1058/06 од 8 мај 2006 година.

2. Лидија Јосифова од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот.

Според наводите на подносителката на барањето со наведените пресуди таа била дискриминирана по основ на пол, образование и политичка припадност.

Имено, на подносителката на барањето поради технолошки, структурални и економски промени во Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија и престанал работниот однос, поради што таа со тужба повела спор пред Основниот суд во Штип. Овој суд со Пресуда Прс.бр.689/03 го одбил тужбеното барање како неосновано, а Апелациониот суд во Штип по изјавена жалба на подносителката на барањето (Лидија Јосифова) со Пресуда Гж.бр.1058/06 од 8 мај 2006 година ја одбил жалбата како неоснована и ја потврдил пресудата на Основниот суд во Штип Прс.бр.689/03 од 8 февруари 2006 година.

Понатаму подносителката на барањето наведува дека Основниот суд во Штип со Пресуда Прс.бр.706/03 од 26 мај 2005 година постапувајќи по тужбата на Горан Корашов од Штип на кого исто така му престанал работниот однос со Фондот за здравствено осигурување го уважил тужбеното барање на тужителот, а Апелациониот суд во Штип по поднесена жалба на Фондот за здравствено осигурување донел Пресуда Гж.бр.1825/05 од 16 ноември 2005 година со која жалбата на тужителот ја одбил како неоснована, а пресудата на Основниот суд во Штип Прс.бр.706/03 ја потврдил.

Оттука, според подносителката на барањето, иако таа и лицето Горан Корашов заедно и на ист начин засновале работен однос, кај Фондот за здравствено осигурување, на ист ден им престанал работниот однос поради економски и структурни промени поради превработеност, пред ист суд повеле постапка, Основниот суд во Штип и Апелациониот суд во Штип различно постапиле, или поточно речено нејзиниот спор завршил негативно, а лицето Горан Корашов го добил спорот и бил вратен на работа.

Со оглед на наведеното, подносителката на барањето смета дека Уставниот суд на Република Македонија согласно член 11, член 70 алинеја 1 и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија треба да поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на наведените пресуди и истите да ги поништи.

Воедно подносителката смета дека во конкретниов случај таа е дискриминирана по основ на пол без да ги наведе фактите и доказите поради кои постои повреда по овој основ, дека е дискриминирана по основ на образование, затоа што лицето Горан Корашов бил со средно образование, а таа е дипломиран правник, како и по основ на политичка припадност затоа што во 2002 година по доаѓање на власт на СДСМ и било речено дека поради политичка припадност ќе го загуби работното место.

Воедно подносителката на барањето се чувствувала дискриминирана и повредена поради фактот што по престанок на работниот однос на нејзиното место било вработено лице со завршено основно образование.

3. Судот на седницата, а од увидот извршен во Пресудата на Основниот суд Штип Прс.бр.689/03 од 8 февруари 2006 година е утврдено дека подносителот на барањето засновала работен однос со Фондот за здравствено осигурување Подрачна единица Штип на 16 септември 2002 година на работно место стручен соработник за следење на основните здравствени услуги од примарната здравствена заштита за кое работно место биле предвидени и распоредени уште 2 други лица.

Поради тешката финансиска состојба која била предизвикана покрај другото и од превработеност, а врз основа на направена анализа Управниот одбор на Фондот донел Програма за воведување на економски, технолошки и структурни промени и мерки за ублажување на последиците што ќе бидат предизвикани со престанок на работниот однос на работниците. Врз основа на наведената Програма била донесена Одлука за утврдување на бројот на работници по степен на образование на кои ќе им престане работниот однос поради наведените промени.

Врз основа на наведените акти, а по спроведената постапка согласно Законот за работните односи и Колективниот договор на Фондот за здравствено осигурување на подносителката на барањето и престанал работниот однос при што и бил исплатен и еднократен паричен надомест.

Незадоволна од одлуката за престанок на работниот однос, подносителката покренала постапка пред Основниот суд во Штип кој со Пресуда Прс.бр.689/03 од 8 февруари 2006 година го одбил тужбеното барање како неосновано.

Наведената пресуда била обжалена пред Апелациониот суд во Штип кој со Пресуда Гж.бр.1058/06 од 8 мај 2006 година ја одбил жалбата како неоснована и ја потврдил пресудата на Основниот суд во Штип Прс.бр.689/03 од 8 февруари 2006 година.

Против пресудата на Апелациониот суд во Штип на 30 мај 2006 година подносителката на барањето поднела барање за Ревизија до Врховниот суд на Република Македонија.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) е предвидено дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено некое право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од означената одредба на Деловникот произлегува дека за постапување на Судот во постапката за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот потребно е актот со кој е сторена повредата на овие слободи и права да е конечен или правосилен и барањето за заштита да е доставено во рок од 2 месеци од денот на доставувањето, односно приемот на овој акт.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби во однос на наводите од барањето за заштита на слободите и правата е утврдено дека Пресудата Прс.бр.689/03 од 8 февруари 2006 година донесена од Основниот суд Штип која била потврдена со Пресуда ГЖ.бр.1058/06 од 8 мај 2006 година од Апелациониот суд во Штип, а странката во тој предмет односно сега подносител на барањето за заштита на слободите и правата на 30 мај 2006 година поднела барање за Ревизија до Врховниот суд на Република Макеоднија против пресудата на Апелациониот суд во Штип со која била правосилно окончана постапката. Оттаму, произлегува дека барањето до Уставниот суд на Република Македонија за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот е поднесено по протекот на рокот од 2 месеци од правосилноста на пресудата што согласно член 51 и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија претставува процесна пречка Судот да постапи по барањето.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.55/2007
30 мај 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи