Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 47 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на Законот за управните спорови („Службен лист на СФРЈ“ бр.4/1977 и 36/1977).
2. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијативата на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.43/1998 од 3 јули 2002 година, поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 50 став 2 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија и со член 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1991).
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 68 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 од 19 мај 2006 година) со денот на отпочнувањето на примената на овој закон престанува да важи Законот за управните спорови („Службен лист на СФРЈ“ бр.4/1977 и 36/1977 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2002).
Со член 69, пак, од Законот е предвидено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе отпочне да се применува по една година од денот на неговото влегување во сила.
Согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја запре постапката ако во текот на истата законот, другиот пропис или општ акт престанат да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност и законитост за време на важењето.
Со оглед на тоа дека оспорениот Закон за управните спорови престанал да важи со донесувањето на Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006) чија примена започна од 28 мај 2007 година, Судот не наоѓа основи за оценување на неговата уставност во време на важењето и оцени дека се исполнети условите од член 47 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.43/1998
30 мај 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи