232/2006-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА

а) член 132 од Законот за вршење на нотарските работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/1996, 25/1998 и 66/2006) и

б) Правилникот за нотарска тарифа донесен од Собранието на Нотарската комора на Република македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Сккопје, како и по сопствена иницијатива, со Решение У.бр.232/2006 од 21 март 2006 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 132 од Законот за вршење на нотарските работи и уставноста и законитоста на Правилникот означен вво точката 1 б) од оваа одлука.

4. Судот на седницата утврди дека:

а) Според оспорениот член 132 од Законот, нотарот има право на награда за вршењето на службените дејствија од неговиот делокруг во согласност со нотарската тарифа која ја донесува комората во согла­с­ност со Министерството за правда.

б) Со Правилникот за нотарска тарифа донесен од Собранието на Нотарската комора се одре­ду­ва награда за работата и надоместок на трошоците во вршењето на службените дејствија од делокругот на работата на нотарот.

Правилникот се состои од 11 точки во кој се поместени 46 члена.

Во првата точка се утврдени Општите одредби од Правил­никот, во втората точка е утврдено „Одредувањето на вредноста на предметот на службените дејствија“, во третата, четвртата и петтата точка се уредени „Наградата за нотарски акти“, „Реализацијата на заложното право“ и „Потврдувањето на факти и изјави“.

Во шестата, седмата и осмата точка од Правилникот се уредени: „Издавањето на изводи, потврди, преписи и извадоци“, „Наг­рада за преземање на исправи, пари и хартии од вредност, заради чување и предавање“ и „Наградите за другите работи“. „Трошоците“, „Дополнителната награда“ се уредени во точката деветта и десетта.

Во точката 11 се предвидени преодните и завршните одреби од Правилникот.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член од Уста­вот секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за вршење на нотарските работи се уредува вршењето на нотарските работи, се определуваат условите и постап­ка­та за основање на нотаријати и за именување на нотари и се утврдува делокругот на работа на нотаријатот.

Во членот 2 од Законот е утврдено дека нотарот, нотарските работи ги врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на закон, други прописи и ошти акти засновани врз закон.

Според член 3 став 1 од Законот, нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтересирани институции.

Во ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека нота­рот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван.

Во Глава четиринаесетта „Награда за работа и надоместок на трошоците“ во поднасловот „Нотарска тарифа“ е поместен оспорениот член 132 од Законот, според кој нотарот има право на награда за работата и на надоместок на трошоците во вршењето на службените дејствија од неговиот делокруг во согласност со нотар­ска­та тарифа која ја донесува комората во согласност со Министерството за правда.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби произлегува дека со Уставот точно и прецизно се дефинирани и утврдени носите­лите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како стру­ктура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби во корелација со оспорената законска одредба, Судот утврди дека овла­стувањето на Нотарската комора, во согласност со Министерството за правда да го определува надоместокот на трошоците во вршењето на службените дејствија од неговиот делокруг, нема уставна основа.

Ова, пред се од причина што од целината на Законот, поточно од Четиринаесетта главата со која се уредува прашањето на наградата за работата и надоместокот на трошоците, не произлегува дека во истата се содржани критериуми и мерила за определување на висината на надоместокот на трошоците, во вршењето на службените дејствија, како и на наградата за работата на нотарот. При ваква состојба, произлегува дека Нотарската комора во согласност со Министерството за правда при утврдувањето, односно пропи­шувањето на Нотарската тарифа ги утврдила и критериумите за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на нотарите, што согласно Уставот е надвор од надлежностите на извршната власт.

Оттука, даденото овластување со оспорената законска одредба на Нотарската комора во согласност со Министерството за правда да ги пропишуваат и критериумите за определување на напла­тувањето на наградата и висината и надоместокот на трошоците во вршењето на службените дејствија на нотарот, според Судот значи навлегување на извршната во законодавната власт, што е спротивно на наведените членови од Уставот.

Согласно овластувањето утврдено во оспорениот член 132 од Законот, Собранието на нотарската комора на Република Македонија на ден 16 февруари 2002 година донесе Правилник за нотарска тарифа („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/ 2002).

Со оглед на тоа што Судот утврди дека оспорениот член 132 од Законот не е во согласност со Уставот, а имајќи го предвид фактот дека Правилникот за нотарска тарифа, донесен од Собранието на Нотарската комора на Република Македонија, својот основ го има токму во оспорениот член 132 од Законот, Судот оцени дека и наведениот Правилник не е во согласност со Уставот и Законот за вршење на нотарските работи.

Согласно член 17 став 1 алинеја 12 од Законот за органи­зација и работа на органите на државната управа министерството за правда ги врши работите што меѓу другото се однесуваат и на изврш­ната и управната постапка.

Согласно член 55 став 1 од овој закон, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон, а според членот 96 став 1 од Законот со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Во членот 61 став 1 од Законот е утврдено дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува над­лежност на други органи.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на одредбите од наведениот Правил­ник, овластувањето на Собранието на Нотарската комора со подза­конски акт да ја пропишува наградата за работата и на надоместокот на трошоците во вршењето на службените дејствија од делокругот на работата на нотарот, нема уставна основа од причини што во Законот за вршење на нотарските работи не се содржани критериуми и мерила во однос на ова прашање.

Според тоа, наведеното овластување на Собранието на Нотарската комора отстапува од општиот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.232/2006
30 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи