225/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 139 став 1 точка 5 и член 166 став 1 од Законот за заштита на природата („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2004 и 14/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 139 став 1 точка 5 и членот 166 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба од член 139 став 1 точка 5 од Законот, овластувањето на Управниот одбор на национален парк да ја утврдува висината на надоместоците пропишани со закон немало уставна основа, затоа што тоа било во надлежност на Собранието на Република Македонија, односно таа била законска материја, а под определени услови тоа можело да го прави Владата на Република Македонија (член 91 алинеја 5 од Уставот) или евентуално органот на државната управа (член 96 од Уставот), а никако Управниот одбор. Освен тоа во Законот за заштита на природата не биле определени рамки и параметри за утврдување на висината на надоместоците, што се давало можност со ваквото законско овластување да се прават разлики, нееднакво определување на висината на надоместоците и субјективизам. Во иницијативата понатаму се наведува дека според оспорениот член 166 став 1 од Законот, Владата на Република Македонија на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштитата на природата ја пропишува висината на надометоците. Меѓутоа, во овој член или во некој друг член не биле пропишани критериуми, односно рамка за пропишување на висината на предметните надоместоци, со што се создавала можност за мешање на извршната власт во законодавната.

Поради тоа подносителот на иницијативата смета дека наведените законски одредби не биле во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 51, 68 став 1 алинеја 2 и 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 139 став 1 точка 5 од Законот, Управниот одбор на национален парк ја утврдува висината на надоместоците пропишани со членот 141-а на овој закон.

Според оспорениот член 166 став 1 од Законот, Владата на Република Македонија на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштитата на природата ја пропишува висината на надоместоците пропишани со членот 161 точки 2, 3, 4 и 7 на овој закон.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а според алинејата 9 од ставот 1 на наведениот член од Уставот, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, исто така, е утврдена како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Во членот 91 алинеи 1 и 5 од Уставот е утврдено дека Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Со Законот за заштита на природата се уредува заштитата на природата преку заштита на биолошката и пределската разновидност и заштита на природното наследство, во заштитени подрачја и надвор од заштитени подрачја.

Во членот 2 од Законот е утврдено дека заштитата на природата претставува дејност од јавен интерес.

Со членот 66 став 1 од Законот се утврдени категориите на заштитените подрачја и тоа: 1) строг природен резерват; 2) национален парк; 3) споменик на природата; 4) парк на природата; 5) заштитен предел и 6) повеќе наменско подрачје.

Членот 72 од Законот утврдува дека националниот парк е просторно претежно неизменето подрачје на копно или вода со особени повеќекратни природни вредности, кое опфаќа еден или повеќе сочувани или незначително изменети екосистеми, а првенствено е наменет за зачувување на изворното природно, културно и духовно богатство. Во ставот 2 на овој член од Законот е утврдено дека националниот парк има научно истражувачка, културна, воспитно-образовна и туристичко-рекреативна намена.

Заради вршење на работите на управување и заштита на националниот парк, Владата на Република Македонија согласно членот 136 став 1 од Законот основа јавна установа – национален парк, а според ставот 2 на овој член од Законот, со актот за основање на јавната уставнова особено се уредува, меѓу другото, и начинот на вршење на дејноста од јавен интерес, меѓусебните права и обврски на Владата на Република Македонија и јавната установа – Национален парк.

Со националниот парк управува управниот одбор на националниот парк, кој согласно членот 138 од Законот го сочинуваат пет члена, двајца претставници на основачот (Владата на Република Македонија), претставник на општините на чие подрачје се наоѓа националниот парк и двајца претставници на стручниот орган.

Надлежностите на управниот одбор се утврдени во членот 139 од Законот, меѓу кои и таа предвидена во оспорената алинеја 5 од ставот 1 на овој член од Законот, според која управниот одбор ја утврдува висината на надоместоците пропишани со членот 141-а на овој закон.

Од анализата на наведените законски одредби, а во контекст на наводите во иницијативата произлегува дека Управниот одбор на националниот парк како орган на управување на паркот има законско овластување да ја утврдува, меѓу другото, и висината на надоместоците согласно оспорениот член 139 став 1 алинеја 5 од Законот, од причина што наведените надлежности се утврдени во Законот, додека начинот на вршење на дејноста од јавен интерес, меѓусебните права и обврски на Владата на Република Македонија и јавната установа – национален парк, условите за вршење на дејноста …, како и тоа дека условите под кои основачот може еднострано да ги измени условите по основањето поради остварување и заштита на јавниот интерес, се уредуваат со актот за основање на јавната установа. Од тие причини Судот смета дека не стојат наводите во иницијативата дека управниот одбор не може да ја утврдува висината на надоместоците пропишани со членот 141-а од овој Закон.

Во иницијативата се наведува дека во Законот не биле утврдени параметри и рамка за определување на висината на надоместоците утврдени во оспорените одредби од член 139 став 1 точка 5 и членот 166 став 1 од Законот.

Имено, согласно членот 139 став 1 точка 5 од Законот, управниот одбор на националниот парк ја утрдува висината на надоместоците пропишани со членот 141-а од Законот каде е утврдено финансирањето на јавната установа – национален парк.

Јавната установа национален парк се финансира од:

– надометок за влез и посета на националниот парк;
– надоместок за паркирање во националниот парк;
– надоместок за посета на посебни објекти во националниот парк;
– надоместок за контролиран отстрел на диви животни и собирање на диви видови растенија и габи и други шумски плодови во национален парк;
– надоместок за превоз во националниот парк;
– средства стекнати за вршење на активности согласно со членовите 105 и 106 од овој закон и
– други извори (донации, грантови, кредити, подароци, легати и друго).

Од друга страна, пак, во членот 105 од Законот е утврдено дека зоната за активно управување претставува зона од висок интерес за заштита, во која се потребни поголеми управувачки интервенции со цел реставрација, ревитализација или рехабилитација на живеалиштата, екосистемите и другите елементи од пределот.

Според ставот 2 од овој член од Законот, во зоната за активно управување може да се вршат активности на управување кои се однесуваат на: 1) манипулирање со живеалиштата и 2) манипулирање со видови.

Според ставот 3 од овој член од Законот, во зоната за активно управување се дозволени активности од економски карактер кои немаат негативно влијание на примарната цел на заштиата, како екотуризам или традиционално екстензивно земјоделство, а во ставот 4 од овој член од Законот е утврдено дека успешното управување со оваа зона, како и нејзиното натамошно трајно одржување, може да доведе до стекнување карактеристики на зоната на строга заштита.

Согласно членот 106 од Законот, зоната за одрживо користење претставува значителен дел од заштитеното подрачје кој не поседува високи вредности за заштита, каде што се наоѓаат инфраструктурни објекти, објекти на културното наследство, типови на шумски насади кои што не се карактеристични за подрачјето, како и населени места со околното земјоделско земјиште.

Долготрајното преземање на интервенции и мерки, може да доведе до стекнување карактеристики на зоната за активно управување.

Во членот 161 од Законот е утврдено дека средствата за заштита на природата се обезбедуваат од:

1) Буџетот на Република Македонија;
2) надомест за влез и посета на заштитено подрачје;
3) надомест за паркирање во заштитеното подрачје;
4) надомест за посета на посебни објекти во заштитеното подрачје;
5) надомест за отстрел на диви видови животни и собирање диви видови растенија и габи и други шумски плодови;
6) надомест за престој во заштитено подрачје;
7) средства стекнати со вршење на активности согласно со членот 105 од овој закон и
8) други извори (донации, грантови, кредити, подароци, легати и друго).

Според оспорениот член 166 став 1 од Законот, Владата на Република Македонија на предлог од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштитата на природата ја пропишува висината на надоместоците пропишани со членот 161 точки 2, 3, 4 и 7 од овој Закон.

Тргнувајќи од наведените законски одредби, а во контекст на наводите во иницијативата произлегува дека во поглед на прашањето за утврдување на рамки и параметри за утврдување на надомстоците пропишани во оспорените одредби од членот 139 став 1 точка 5 и членот 166 став 1 од Законот, законодавецот, давајќи го овластувањето на управниот одбор, односно на Владата на Република Македонија, истовремено прецизно ги утврдил видовите на надоместоците за финансирањето на јавната уставнова – национален парк, односно средствата за заштита на природата, а определувањето на нивната висина е техничко прашање кое законот и не може да го решава.

Имено, со Законот се пропишани видовите на надоместоците како што се: влез и посета, паркирање, посета на посебни објекти, контролиран отстрел на диви животни и собирање на диви видови растенија и габи и други шумски плодови во национален парк (оспорениот член 139 став 1 точка 5) и надоместоците пропишани со оспорениот член 161 став 1 од Законот, а се однесуваат на: надомест на влез и посета на заштитено подрачје; надомест за паркирање во заштитено подрачје; за посета на посебни објекти во заштитени подрачја и средства стекнати со вршење на активности согласно членот 105 од овој закон.

Во конкретниот случај, станува збор за надоместоци општо познати за граѓаните кои се лесно определиви, а за дел од нив не постои можност за определување на критериуми имајќи ги предвид спецификите и карактеристиките како што е заштитеното подрачје. Дотолку повеќе што наведените надоместоци се однесуваат само за одредена категорија на физички лица кои ги користат добрата од националниот парк, односно добрата од заштитеното подрачје.

Оттука, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од член 139 став 1 точка 5 и член 166 став 1 од Законот со означените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.225/2006
30 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи