146/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за утврдување на месечните трошоци и надоместоци на Градоначалникот и на Претседателот на Советот на општина Аеродром и на координаторите на советнички групи, број 07-3588/8 донесена од Советот на општина Аеродром на 31 јули 2006 година, објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.10/2006.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, со Решение У.бр.146/2006 од 4 април 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром ја донел оспорената одлука врз основа на член 43 став 1, член 45 и член 100 од Законот за локалната самоуправа, како и член 34, член 36 и член 46 од Статутот на општина Аеродром, на XXXVII-та седница одржана на 31 јули 2006 година.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се утврдувале месечните трошоци и надоместоци на Градоначалникот и Претседателот на Совет на општина Аеродром и на координаторите на советничките групи, а според членот 2, на градоначалникот на општина Аеродром за учество, организирање и работа на седници на работните тела на Советот, му се утврдувал месечен надоместок во износ од 30.000 денари.

Според членот 3 од Одлуката, на претседателот на Советот на општина Аеродром за учество, организирање и работа на седници на работните тела на Советот, му бил утврден месечен надоместок во износ од 10.000 денари.

Според членот 4 од Одлуката, на координаторите на советнички групи за учество, организирање и работа на седници на работните тела на Советот, им бил утврден месечен надоместок во износ од 1500,00 денари.

Во член 5 од Одлуката определено е дека таа стапува во сила со денот на донесувањето (31 јули 2006 година), а ќе се применува од 1 јули 2006 година и ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеи 3 и 9 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и локалната самоуправа се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и сите други прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од овој член на Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Согласно членот 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.

Според членот 32 став 1 од овој закон, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.

Согласно членот 45 од истиот закон, членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Согласно членот 100 од Законот, кој се наоѓа во главата „Преодни и завршни одредби“, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Во членот 50 од Законот се утврдени надлежностите на градоначалникот, меѓу кои спаѓа и надлежноста да ја контролира законитоста на прописите на советот.

Со член 51 од Законот се регулира начинот на контролата на законитоста на прописите пред нивното објавување. Така, согласно став 1 на овој член, ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето. Според ставот 2 на истиот член, советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него. Во ставот 3 на истиот член се утврдува дека ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија. Според ставот 4 на овој член, за поднесената иницијатива од ставот 3, градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

Согласно член 52 ставовите 2 и 3 од Законот, градоначалникот ја врши својата функција професионално и за време на вршењето на функцијата градоначалникот не може да врши друга професионална дејност. Согласно став 8 на истиот член, платата и надоместоците на градоначалникот се уредуваат со закон.

Согласно член 17-в став 1 од Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (”Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр. 36/1990, ”Службен весник на Република Македонија” бр. 38/1991, 23/1997 и 37/2005), коефициентот за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на град Скопје изнесува од 2,70 до 3,70. Според став 5 на истиот член, правата на градоначалниците утврдени со овој закон им припаѓаат на градоначалниците од денот на нивниот избор до крајот на месецот во кој им престанал мандатот, ако со овој закон не е поинаку определено.

Со оглед на тоа, со членот 45 од Законот за локалната самоуправа се упатува на законско уредување на прашањето на надоместок на членовите на советот на општината и до донесувањето на тој закон има преодна одредба со решението во членот 100, а со членот 52 став 8 од овој закон, се упатува исто така на законско уредување на платата и надоместоците на градоначалникот на локалната самоуправа, што е уредено со Законот за платите кој е погоре наведен.

Судот, од анализата на членовите 45 и 100 на Законот за локалната самоуправа утврди дека законодавецот за членовите на советот определил право на надоместок за присуство на седници, кој го ограничил во висина до 30% од просечната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, како и определил право на надомест на патни и дневни трошоци кои ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Со наведените одредби, како и со другите одредби од Законот, не се утврдува посебно право на надоместок на претседателот на советот и на координаторите на советничките групи за учество, организирање и работа на седниците.

Според тоа, Судот оцени дека Законот за локалната самоуправа не ги издвојува претседателот на советот и координаторите на советничките групи од другите советници во однос на правото на надоместок.

Оттаму, анализирајќи ја содржината на оспорената одлука во однос со одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека претседателот на советот и координаторите на советничките групи имаат право, како и другите советници, на надоместок за присуство на седници утврден со закон, а не и право на месечен паушален надоместок за учество, организирање и работа, поради што Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност со наведените законски одредби.

Понатаму, од содржината на членот 52 од Законот за локалната самоуправа произлегува дека функцијата градоначалник се извршува професионално. Градоначалникот има право на плата и надоместоци на плата утврдени со закон. Платата и надоместоците на градоначалникот се определуваат во согласност со одредбите на Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.

Со оглед на тоа што со членот 45 од Законот за локалната самоуправа само се утврдува право на надоместок за присуство на седници за членовите на советот, но такво право не се утврдува за градоначалникот, Судот утврди дека надоместокот на градоначалникот за учество, организирање и работа на седниците на советот определен со оспорената одлука не е во согласност со наведената законска одредба.

Имајќи предвид дека оспорената одлука е донесена на 31 јули 2006 година, а се предвидува нејзина примена од 1 јули 2006 година, се утврди и повратното дејство на нејзината примена, поради што Судот оцени дека Одлуката не е во согласност и со членот 52 став 4 од Уставот.

Воедно се имаше предвид дека оспорената Одлука престанала да важи, меѓутоа поради тоа што таа содржински не е различна од претходно донесената одлука на Советот врз основа на која биле исплаќани парични средства како паушал, и потоа по нејзиниот престанок следователно со оспорената Одлука продолжило вршењето на исплати на надоместоци за кои немало уставна и законска основа, Судот оцени дека таа била во несогласност со Уставот и со закон, во време на нејзиното важење, согласно член 70 алинеја 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.146/2006
30 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи